Македонија
Општина Кисела Вода го санира Домот на културата „Билјана Беличанец”
Почна санацијата на Домот на културата „Билјана Беличанец“, информираат од Општина Кисела Вода.
Градежните активности за санирање на штетите настанати поради неодржување на објектот од страна на претходните општински власти ќе се одвиваат во наредните неколку месеци.

Опфаќаат изолаторски работи, молеро-фарбарски активности во речиси целиот објект, кој беше темелно обновен во 2015 година, но поради негрижа, беше речиси сосема нефункционален.
Градоначалникот Ѓорѓиевски денес изврши увид во градежните дејства и најави дека по нивното завршување, ова здание ќе ја добие улогата што му била планирана – да биде културен центар на локално ниво, кој со сериозно избрана програма од областа на културата ќе ја привлече публиката од цело Скопје, па и пошироко. Проектот се реализира во финансиско партнерство со Бирото за регионален развој, преку кое Министерството за локална самоуправа ѝ додели на Општина Кисела Вода средства за санацијата.

„Почнавме со реализација на најавениот проект за санација на Домот на културата ‘Билјана Беличанец’, кој на почетокот од мојот мандат го затекнав во крајно лоша состојба. Иако се работи за објект што беше темелно обновен во 2015 година и од руинирано старо кино прерасна во прекрасно здание, оваа убава визија никогаш не заживеа. Наспроти тоа, неколкугодишната негрижа од страна на моите претходници го довеле до степен да биде речиси сосема неупотреблив. Градежниот зафат што го реализираме ќе трае неколку месеци по што имаме сериозен план овој дом на културата и содржински да го добие вниманието што го заслужува. Планираме со квалитетна програма да ја привлечеме публиката и да го позиционираме ова место како иден центар на културните случувања во општина Кисела Вода, соседните општини, па и во главниот град. Затоа сакам да упатам благодарност кон Бирото за регионален развој, преку кое остваривме финансиско партнерство со Министерството за локална самоуправа и ја овозможивме реализацијата на овој проект за санација како прв чекор кон заживување на Домот на културата „Билјана Беличанец“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на 18. Конгрес ќе ја донесе новата „Стратегија за Македонија 2030“
ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.
Македонија
Во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали
Министерот за здравство, Азир Алиу, беше во обиколка на Клиника за ТОАРИЛУЦ и информира дека е во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали во хируршкиот оперативен блок
„Комплетното реновирање на КАРИЛ е во завршна фаза и во најскоро време очекуваме овој простор да биде пуштен во употреба за пациентите. Се финализира и реновирањето на хируршкиот оперативен блок, каде се опфатени четири операциони сали во прва фаза. Во втора фаза е предвидена и нова операциона сала во рамки на Ургентниот центар, со што оваа Клиника ќе добие уште една сала за помали интервенции“, истакна министерот за здравство, Азир Алиу по денешната обиколка на Клиниката за ТОАРИЛУЦ.
На средбата со директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџаноски беа разгледани можностите за набавка на нова најсовремена медицинска опрема наменета за КАРИЛ и за оперативниот блок, во насока на унапредување на условите за третман на пациентите.

