Македонија
Кучињата што касаа на скопските улици го чинеа Скопје 10 милиони денари; „Лајка“: Ние сме последни за решавање на проблемот
Градското претпријатие „Лајка“ затекнало нетретирани кучиња во Аеродром на местото каде што глутницата пред два дена нападна домашен миленик и неговиот сопственик. Самите посочуваат дека обврската да се грижат за уличните кучиња е нивна. Но, сметаат дека проблемот со неконтролираното размножување е кај други институции и посочуваат дека го амортизираат проблемот, кој треба трајно да се реши. Од „Лајка“ за „Макфакс“ потенцираат дека минатата година платиле 10 милиони денари, односно 162.000 евра отштета на граѓани поради каснување од бездомни кучиња. За последниот случај во Аеродром, посочуваат дека сите нетретирани кучиња што се затекнати на местото каде што глутницата нападна домашен миленик, ќе бидат заловени.
„Од посоченото видео не може да се тврди со сигурност дали кучињата имаат обетки или не, нашите вработени во текот на вчерашниот ден излегоа на посочената локација и утврдија дека околу 80 % од кучињата што ги затекнаа се со ушна маркичка и во текот на денешниот ден ќе пристапат кон заловување на секоја единка што не е обележана со ушна маркичка на истата локација“, велат од ЈП „Лајка“.
Според нив, тие не се проблем, туку другите институции за кои посочуваат дека не дејствуваат соодветно.
„Одговорноста за перпетуирањето на проблемот со постоењето на бездомните кучиња е на институциите што ги креираат законите и ги спроведуваат. ЈП ‘Лајка’ е последниот обрач во синџирот за ставање под контрола на овој проблем, но, за жал, во јавноста само нас нè препознаваат како одговорна институција за решавање на проблемот со уличната популација на кучиња. Нашата позиција во моментот е да го амортизираме проблемот што други надлежни институции, како Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за внатрешни работи, навремено не го превенираат, но и не дејствуваат соодветно“, додаваат од јавното претпријатие.
Изминатата година „Лајка“ платила 10 милиони денари за отштета во десет скопски општини. Тоа значи дека во секоја општина се платени по 1 милион денари. Сепак, додека граѓаните се жалат од бројот на кучиња на улиците, раководството тврди дека постигнува успеси.
„ЈП ‘Лајка’ во изминатите месеци постигнува нови рекорди во третирани кучиња на месечно ниво. Се доорганизираме и максимално ги користиме нашите ресурси иако финансиската состојба ни е нестабилна и имаме потреба од поголема поддршка“, додаваат од ЈП „Лајка“.
Претходно, глутница кучиња нападнаа домашен миленик и маж што го шеташе на поводник. Од вознемирувачката снимка што ја доби „Макфакс“ се гледа како сопственикот беспомошно се обидува да го спаси своето куче од глутницата додека тие го распарчуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

