Македонија
Пресуда за првиот соработник на Лидија Димова: Ако направи ново кривично дело или не ги врати парите, ќе издржува затвор
Двојна условна осуда доби Александар Гочев, поранешниот прв соработник на разрешената директорка Лидија Димова во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Пресудата ја донесе судечката судијка Фанка Јанчулева-Михаиловска заедно со Осман Шабани, кој беше втор судија во предметот. Јанчулева-Михаиловска посочи дека Гочев ќе треба да издржи затворска казна од две години ако стори ново кривично дело, но и ако во рок од шест месеци не надомести 15.000 евра во касата на Националната агенција. Пресудата е донесена по признание на вина.
„Одлуката е двојна основна осуда. Условна осуда од 2 години, со тоа што нема да се изврши казната затвор ако во време од 5 години не стори ново кривично дело. Утврдената казна во 2 години ќе се изврши ако во рок од шест месеци не го надомести имотно-правното побарување на Националната агенција од 943.757 денари“, изјави судијката Јанчулева-Михаиловска.
Обвинителката Сузана Мирчевска-Кузмановиќ за висината на казната остави да одлучува судот. Според неа, правењето кривични дела, како што е измама на штета на средства на европската заедница, дава лоша слика пред Европската Унија.
„Обвинителството располага и до судот достави само извод од казнена и кривична евиденција. Со докази што се однесуваат на личната, семејната и на материјалната состојба, освен сознанијата од обвинетиот, Обвинителството не располага. Оставам на судот при одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната да ги има предвид сите отежнувачки и олеснителни околности што ги изнесе одбраната. Јас сметам дека отежнувачки околности се степенот на општествената опасност од ова дело, особено ако се имаат предвид аспирациите на нашата држава за влез во ЕУ. Вршењето на овие дела не дава пожелна слика за нашата држава како идна членка на ЕУ. Она што судот ќе го изрече како казна треба да влијае не само на специјалната туку и на генералната превенција“, рече обвинителката Сузана Мирчевска-Кузмановиќ.
Петре Шилегов, адвокат на Гочев, посочи дека обвинетиот сам признал дека го сторил делото, па потенцира низа олеснителни околности.
„Како што веќе истакнав, во конкретниот предмет станува збор само за одмерување на казната на обвинетиот. Обвинетиот не крие дека е сторител на кривичното дело. Го признава делото, ја прифаќа штетата. Со оглед дека станува збор за дело за кое може да има ублажување при одредување на казната, а имајќи ги предвид возраста, семејната состојба, моментите, немањето можност да го повтори делото, со оглед дека работи во приватна компанија и нема пристап до средства од ЕУ, сметам дека одмерување условна казна би била соодветна за сите околности. Штетата ќе ја надоместиме во рок од шест месеци“, посочи Шилегов.
Адвокатката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност посочи само дека институцијата си ги бара 15.000 евра назад во касата и се приклучи кон завршниот збор на обвинителката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

