Култура
Костадиновска-Стојчевска: Работиме посветено за да му обезбедиме долговечност на нашиот мајчин македонски јазик

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска, во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, беше дел од свеченоста по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Во своето обраќање пред присутните, Костадиновска-Стојчевска, честитајќи го Денот на мајчиниот јазик, истакна дека во годината кога одбележуваме 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик и 120 години од излегувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик добива посебно значење.
„Македонскиот јазик е нашиот идентитет, темелот и срцето на нашата нација. Имаме должност да го негуваме, да го заштитиме како наше најголемо духовно и културно наследство. Чествувањето на овој ден, кој е посветен на лингвистичката и културната разновидност и на мултилингвизмот, е уште една можност да потсетиме на важноста на нашиот јазик, но и на македонската култура воопшто. Затоа што и ние, Македонците, нашиот мајчин јазик го вреднуваме како културно наследство, кое ниту се одзема, ниту се дава ниту се подарува“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Владата и Министерството за култура, како што рече министерката за култура, во изминатиот период реализираа многу проекти преку кои покажаа грижа, љубов и почит кон нашиот мајчин македонски јазик.
Таа потсети дека веќе е завршен еден капитален и исклучително значаен проект за дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик и информира дека годинава ќе добиеме и нов закон за употреба на македонскиот јазик.
„Годинава ќе добиеме и нов закон за употребата на македонскиот јазик, со кој ќе ги зацврстиме механизмите на чување, негување, ширење и афирмација на стандардниот македонски јазик. Во оваа пригода им благодарам на вработените во Министерството за култура и на членовите на Советот за македонски јазик, кои посветено и студиозно пристапија кон изработката на квалитетно и модерно законско решение. Им благодарам и на сите професори, познавачи на македонскиот јазик, кои на јавната дебата дадоа конструктивни забелешки со кои се дооформи предлог-текстот на законот, кој набргу треба да влезе во владина процедура, а потоа конечно да биде усвоен од Собранието“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката Костадиновска-Стојчевска изрази уверување дека денес, кога македонскиот јазик е рамноправен и во комуникацијата во Европската Унија, треба да работиме посветено за да му обезбедиме долговечност на нашиот мајчин македонски јазик. Во тој контекст таа додаде дека Министерството за култура преку годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес и преку другите механизми е доследно на оваа цел поддржувајќи неколку проекти на Институтот за македонски јазик преку кои достојно ќе биде одбележан неговиот седумдецениски јубилеј и посветеноста во зачувувањето и промовирањето на македонскиот јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Младешки ентузијазам и висока професионалност на уметниците од Музичката младина на Македонија

Восхитувачка интерпретација и музичка префинетост покажаа професионалните млади инструменталисти од Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ музицирајќи вчеравечер на „Охридско лето“.
Концертот традиционално се одржува секоја година на фестивалот во црквата „Света Софија“ , овојпат се одвиваше под диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ кој има богато професионално портфолио. Ова не е негова прва соработка со уметниците од Музичката младина младина.
-Се работи за младински оркестар но со искусни музичари. Некои од нив веќе подолго свират во Македонската опера и балет и во Македонската филхармонија. Секогаш е прекрасно чувството да се работи со младина. Тие се секогаш подготвени, секогаш зрели. Годинава за публиката на „Охридско лето“ подготвивме одлична и интересна програма. Имавме еден вид натпревар помеѓу двајцата великани Антонио Вивалди и Астор Пјацола изведувајќи ги нивните годишни времиња, секој од својата доба. Имаше многу убава фузија на звуци. Репертоарот го завршивме со еден, би рекол, бисер на вечерта од нашиот композитор и уметник, Дамјан Темков. Композицијата носи наслов „За една драма“ или „За една дама“, кој како сака може да си ја протолкува. Верувам дека публиката уживаше, вели маестро Еминовиќ.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 38 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги и Елена Митревска.
Оркестарот има остварено повеќе од 100 концерти добивајќи голем број позитивни критики и признанија, а на неговиот репертоар, покрај делата од светската класика, свое место наоѓаат и делата на современите македонски композитори.
Веќе 38 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.
Култура
Саем на книгата во рамките на „Битфест“

Под слоганот „Светот во страници“, во рамките на Битфест 2025, беше отворен саемот на книги, под платото на Народниот театар во Битола.
Седум учесници, со свои штандови и различна литература, ќе го доближат пишаниот збор до секоја генерација, преку ликовите за најмладите, до литература која ги задоволува вкусовите на најприбирливите читатели. Со сопствен штанд со книги е застапена и НУУБ „Св. Климент Охридски“ Битола, а меѓу излагачите се и „Бата прес“, „Антолог“, „Прозарт медиа“, „Топер“, „Матица македонска“ и „Збор“.
Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Тони Коњановски истакна дека патувањето низ страниците на пишаниот збор е вистинско патување кон себе си, надежта, кон непознатото, но и кон научните достигнувања и стручните, експертски анализи. „Вечерва со отворањето на овој Саем на книги, битолската ризница на научната мисла и пишаниот збор НУУБ „Свети Климент Охридски“, активно работи на доближување на пишаното богатство, до сите наши сограѓани, а пред се до нашите најмлади, кај кои мораме сите заедно да ја поттикнуваме љубопитноста, а со тоа да ги поттикнуваме да читаат, зошто нели и нивниот омилен херој – Спајдермен – чита.
Битола е град со голема културна историја, а многу битолчани се веќе докажани читатели, зошто книгата е нашата најмоќна врска со минатото, со сегашноста, но и со визијата за иднината. Затоа, на овој настан, создаваме можности, но славиме и идеи, мисли, соништа и светови што се отвораат преку читањето. Од срце им благодарам на организаторите, на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, и на сите учесници, кои вложија љубов и ентузијазам во оваа приказна што верувам ќе трасира нови патишта на животен напредок, кај секој оној што ќе избере добра книга од богатиот избор на наслови на овој саем“, рече Коњановски.
Пред присутните се обрати и директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, Емилија Стефановска Давкова. Саемот на книги ќе биде отворен за сите посетители до 1 август, кои по саемски цени можат да ги набават своите омилени дела.
Култура
Изложба на Сашо Блажес „Нурни во мене“ во Куќата на Робевци

Самостојна изложба на ликовниот и визуелен уметник Сашо Блажес насловена „Нурни во мене“ ќе биде отворена на 01 август со почеток во 20 часот, во Куќата на Робевци.
После самостојните излагања во Париз и Венеција минатата година како и во и Австрија и Италија минатите години, оваа година се претставува со една исклучителна изложба која што дел беше претставена во Музеј на град Скопје, а на 01 август ќе биде поставена во Куќата на Робевци во Охрид.
Изложбата го носи насловот „Нурни во мене“, а куратор на изложбата е Маја Чанкуловска, виш кустос при Националната Галерија од Скопје.Критички осврт и текст за изложбата имаат напишано Камило Ракана, куратор од Париз и Маја Чанкуловска.
Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти во својата генерација. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано шестнаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Австрија, Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. Негови дела се наоѓаат во приватни колекции во Норвешка, Франција, Германиј, Романија и Австрија.