Култура
Актерката Маја Вељковиќ-Пановска е нов в.д. директор на Драмскиот театар
Актерката Маја Вељковиќ Пановска е нов в.д. директор на НУ Драмски театар Скопје. Таа доаѓа на местото на досегашната директорка Катарина Коцевска Хаџи Василева, која се повлекува од лични причини.
Маја Вељковиќ-Пановска дипломирала актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1993 година. По дипломирањето, реализира повеќе улоги на сцените на повеќе театри во Македонија. Од 1999 година е вработена во Драмскиот театар Скопје.
Со своето богато професионално искуство, Маја Вељковиќ-Пановска несомнено ќе даде значителен придонес во реализацијата на програмата за работа и унапредување на театарската дејност во националната установа.
Од театрографијата на Маја Вељковиќ-Пановска ги издвојуваме улогите на: Антонина (Земјомерот, 2000); Јованка Орлеанска (Јованка Орлеанска, 2000); Марија (Војцек, 2001); Маре (Тетовирани души, 2002); Елена (Сон на летната ноќ, 2001); Порција/ Полониј/ Гертруда/ Првата вештерка (Собрани дела Шекспир,2002); Првата пчела (Како се станува цар, 2003); Паднатиот ангел (Марисол, 2004); Мартирио (Домот на Бернарда Алба, 2004); Фроса (Кино љубов, 2007); Јелена (Комшилук наопаку, 2007); Мими (Грев или шприцер, 2011); Емилија (Баал, 2012); Младата сопруга (Вртелешка, 2012); Евридика (Евридика, 2013); Секула (Солунски патрдии, 2013); Елена (Љубовници, 2015); Фонсија Дорси (Партија реми, 2018) ; Јоана Дорек (Чудесна терапија, 2019); Газдарицата (Птица со главата меѓу нозе, 2021).
Во филмографијата се забележени улогите на: Последниот фалцер (2000); Големата вода (2004); Бардо (2012); Незрели цреши (2015).
Маја Вељковиќ-Пановска е добитник на наградите: награда „Трајко Чоревски“ за најдобар млад актер за улогата на Жената во претставата „Духот на лименката“ на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 1999); награда за епизодна улога „Димче Трајковски“ за улогата на Маре во претставата „Тетовирани души“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 2002) и други.
Колективот на Драмскиот театар изразува благодарност на досегашната директорка Катарина Коцевска Хаџи Василева, која од вработувањето во 1983 година е член на ансамблот на Драмскиот театар – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Оган“ – изложба на слики од Бојана Артиновска во Скопје
Во Културно-информативниот центар – Скопје, Изложбен салон Империјал 2, утре, 18 ноември, со почеток во 20.00 часот, ќе биде отворена изложба на слики „Оган“ од ликовната уметница Бојана Артиновска.
„’Оган’ е мојот најнов циклус посветен на еден од најмоќните природни елементи – огнот како движење, страст и внатрешна сила. Процесот на создавање беше длабоко личен: свесно поврзување со елементот, со топлината во телото и со соларниот плексус како центар каде се раѓа волјата, самодовербата и личната моќ. Создавањето ме научи дека оганoт не е сила што ја освојуваме, туку енергија што се разбудува во нас.
Овие дела се сведоштво за тој процес. Боите не се употребени за опис, туку за вибрација – портокалови, црвени, жолти и црни слоеви се преплетуваат во различни интензитети низ непредвидливи слоевити текстури. Атмосферата се движи од меко, жарно чувство до поинтензивни огнени слоеви, во кои движењето природно се менува и се обновува. Се обидував да работам без наметнување, дозволувајќи ѝ на сликата сама да ја открие својата форма.
Отворањето на изложбата ќе биде живо и возбудливо. Ќе биде активирана атмосфера која го следи ритамот на самиот елемент. Посебен дел од програмата останува ненајавен – мал огнен момент што ќе го почувствуваат само оние што ќе присуствуваат.
Но со голема чест ја најавувам и соработката со двајца извонредни гости:
Емил Петро, визуелен уметник, дизајнер и истражувач кој работи со светлина, дигитална анимација и современи сценски визуелизации. Неговите светлосни интервенции се препознатливи по тоа што го менуваат просторот и создаваат ново слоевито доживување. За изложбата ОГАН, Емил ќе изведе светлосни проекции и движења врз делата, со што ќе внесе дополнителна динамика и енергетски импулс што природно се надоврзува на боите и текстурите.
Игор Темел –основач на Amon-dur Music Studio – Битола, чија музичка чувствителност и продукциско искуство ќе изградат звучна димензија што природно го следи визуелниот јазик на изложбата. Неговата музика ќе пулсира заедно со делата и со проекциите, создавајќи единствена атмосфера каде бојата, звукот и светлината дишат заедно.
„ОГАН“ е покана за будење и враќање кон животната енергија што ја носиме во себе — енергија што не уништува, туку буди, прочистува и создава. Покана за храброст да согориме старото и да се отвориме кон новото. Те повикува да го почувствуваш пламенот во живо, во моментот кога уметноста станува енергија, а енергијата – искуство“, напиша Бојана Артиновска.
Бојана Артиновска е визуелна уметница родена во Велес, а живее и работи во Битола. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек сликарство и сценографија. Како слободен уметник, од 2000 до 2003 година работи во САД, по што активно твори на македонската уметничка сцена.
Таа е член на трите национални здруженија на ликовни уметници – ДЛУБ, ДЛУП и ДЛУМ – и има долгогодишно искуство во сликарството, сценографијата, дизајнот и театарската визуелизација. Соработува со НУЦК „Марко Цепенков“ и со повеќе театарски работилници на проекти поврзани со сценографија, костимографија и шминка.
Артиновска има реализирано бројни групни настапи и девет самостојни изложби, меѓу кои „Во мене“ (2008), „Гозба“ (2011), „Трепет“ (2020), „Позадини“ (2021), „Земја“ (2022), „Вода“ (2023/2024) и „Парчиња живот“ (2024). Добитничка е на наградата за најдобра сценографија на фестивалот „Репасаж“ во Србија (2010) и на наградата „4-ти Ноември“ на ДЛУБ (2022).Во својата работа користи техники на боја, текстура и експериментални слоеви, а паралелно е активна и како инструктор по јога.
Изложбата ќе биде отворена до 03.12.2025 година.
Култура
Солистички концерт на пијанистката Дуња Иванова: „10 пурпурни ноктурна“ од Давор Јордановски – македонска премиера во Филхармонијата
На 19 ноември, среда со почеток во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонија, ќе се одржи солистички концерт на пијанистката Дуња Иванова, на кој публиката ќе има можност ексклузивно да го слушне циклусот „10 Пурпурни Ноктурна за пијано“ од истакнатиот македонски композитор Давор Јордановски.
Овој концерт претставува прва македонска целосна изведба на циклусот во живо, по неговото студиско издание, и е значаен настан за современата македонска и светска пијанистичка сцена.
Програмата ги опфаќа десетте пиеси од циклусот: Alma, La romance, Matin pourpre, Alors c’est toi!, Pure, Illusion, Le rêve non gouverné, Violet et noir, Papillon, Elena – дела што ја спојуваат лиричноста, модерната хармонска мисла и впечатливата звучна естетика на авторот.
Настанот е дел од Годишната програма за култура на Град Скопје за 2025 година.
Влезот е слободен.
Култура
Националниот џез-оркестар со „Македонски сновиденија“ вечерва во Виена
Националниот џез оркестар ќе настапи во реномираниот џез клуб Porgy & Bess вечерва во 20.30 часот, како дел од турнејата „Македонски сновиденија“ (Macedonian Dreams). Ова е третиот и последен настап на македонските џезери предводени од диригентот Владимир Николов, како дел од мини-турнејата што ги опфати и Будимпешта и Прага.
Macedonian Dreams е уникатна фузија на македонски фолклорни мотиви и современ џез, вистинска музичка приказна која Националниот џез оркестар со гордост ја носи на европските сцени, претставувајќи ја македонската културна и музичка традиција во современ контекст.
– Оваа турнеја е важна, затоа што промовира нешто ново, истовремено базирано на нашата традиција. Најважниот дел во овој проект или приказна е како ние комуницираме со нашето минато. Претставуваме и аранжмани на фолклорни теми, но го правиме тоа на начин со кој што кажуваме нешто што сметаме дека е релевантно во денешниот џез и, воопшто, во музиката – вели маестро Николов, кој заедно со Гордан Спасовски, ги создадоа и аранжманите на композициите.
За директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски, ова е исклучително важна турнеја, затоа што промовираме целосно македонска музичка џез приказна и ја претставуваме на светот.
-Настапите во Будимпешта и во Прага поминаа подобро од очекувањата. Аплаузите, овациите, довикувањата за бис ни беа најголема награда. Нашиот оркестар се претстави во врвно издание, а покажавме дека и изборот на програмата е полн погодок за наша поголема промоција низ Европа. Очекуваме дека Macedonian Dreams ќе ни отвори нови врати и нови соработки во иднина – рече Стевковски.

