Свет
Турција ги проширува истрагите против градежниците по разорниот земјотрес

Турција ќе ги прошири истрагите против градежните изведувачи осомничени за кршење на безбедносните стандарди. Ова го изјави турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу.
Тој посочи дека досега се идентификувани 564 осомничени, од кои 160 се формално уапсени, а уште поголем број се под истрага.
„Нашите градови ќе бидат изградени на вистинските места, нашите деца ќе живеат во посилни градови. Свесни сме за тестот со кој се соочуваме и ќе излеземе посилни од ова“, рече тој за државната телевизија ТРТ Хабер, додека Турција ги проширува плановите да се приспособи се закани.
Претседателот Тајип Ердоган вети дека ќе ги обнови станбените згради во рок од една година.
Сојлу изјави дека досега се подигнати околу 313.000 шатори, а во зоната на земјотресот ќе се подигнат околу 100.000 контејнерски куќи.
Тој објави дека бројот на загинати во Турција од разорните земјотреси на почетокот на овој месец се искачи на 43.556.
Сојлу истакна дека по првиот земјотрес на 6 февруари имало 7.930 последователни потреси и дека над 600.000 станови и 150.000 деловни објекти претрпеле најмалку умерена штета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Зеленски не може да се согласи на примирје додека ракети паѓаат врз Киев

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски не може да се согласи на прекин на огнот додека Русија продолжува со нападите врз Киев. Зборувајќи за време на посетата на Мадагаскар, Макрон нагласи дека мирот не може да се постигне додека Русија го гранатира украинскиот главен град.
Оваа изјава доаѓа откако Русија го изврши својот најтежок напад врз Киев оваа година, користејќи 145 дронови и 70 ракети, при што загинаа најмалку осум лица, а повеќе од 70 беа повредени. Нападите предизвикаа пожари и уривање згради во пет градски квартови, а спасувачките екипи сè уште бараат преживеани под урнатините.
Изјавата на Макрон дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски за одбивањето да ја прифати руската контрола врз Крим за време на мировните преговори. Трамп, исто така, го повика рускиот претседател Владимир Путин да ги запре нападите врз Киев, наведувајќи дека „5.000 војници умираат неделно“ и дека е време да се постигне мировен договор.
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека Украина е подготвена за мировни преговори со Русија, но само откако ќе се воспостави прекин на огнот и ќе престанат нападите врз цивилни цели. Зеленски, исто така, нагласи дека Украина нема да ја признае руската анексија на Крим, бидејќи тоа би било спротивно на украинскиот устав.
Свет
Трамп за жестокиот напад на Киев: Владимире, престани!

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ги осуди најновите руски напади врз Киев на платформата Truth Social и го повика рускиот претседател Владимир Путин да ги запре.
„Не сум задоволен од руските напади врз Киев. Тие не се потребни и доаѓаат во многу лошо време. Владимире, престани! 5.000 војници умираат неделно. Ајде да го завршиме мировниот договор!“, напиша Трамп.
Реакцијата доаѓа откако руските сили го извршија најтешкиот напад врз главниот град на Украина од летото минатата година. Киев синоќа беше цел на комбинирани напади со беспилотни летала и проектили, при што загинаа најмалку девет лица, а беа повредени повеќе од 70, меѓу кои шест деца. Нападите предизвикаа пожари и урнаа згради во пет градски кварта, а спасувачките тимови сè уште трагаат по преживеани под урнатините.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја прекина официјалната посета на Јужна Африка и најави враќање во својата татковина. За време на состанокот со јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса, Зеленски повтори дека Украина нема да се согласи на мировен договор кој вклучува територијални отстапки, вклучувајќи го и Крим.
Свет
Истанбул погоден од 300 последователни потреси, сеизмолозите очекуваат уште еден силен земјотрес

Серија земјотреси го погодија Истанбул и денеска, а турската агенција за катастрофи АФАД извести за речиси 300 последователни потреси, од кои еден бил со јачина од 4,6 степени.
Од вчерашниот силен земјотрес, кој беше со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, АФАД забележа уште стотици земјотреси по должината на тектонските раседи во Мраморното Море.
Министерот за здравство Кемал Мемишоглу изјави дека 236 лица се повредени, од кои 173 во Истанбул. Петнаесет од нив морало да бидат хоспитализирани, а некои се повредени панично скокајќи од зградите.
Канцеларијата на гувернерот на Истанбул соопшти дека нема извештаи за урнати згради. Министерот за урбан развој Мурат Курум објави дека 12 згради се евакуирани како мерка на претпазливост.
Сеизмолозите и геолозите цитирани во турските медиуми, генерално, се согласуваат дека сè уште се очекува голем земјотрес. Иако не е познато кога би можело да се случи, експертите предвидуваат дека би можел да достигне магнитуда 7,4, а некои дури проценуваат и потенцијална магнитуда од 7,7.
Турција се наоѓа во еден од сеизмички најактивните региони во светот.
Локалните медиуми објавуваат дека жителите ја поминале ноќта во паркови и на отворени простори поставувајќи шатори наместо да се вратат во своите домови. АФАД ги повика луѓето да избегнуваат потенцијално небезбедни згради предупредувајќи дека последователните потреси би можеле да траат некое време.