Македонија
Советник до Арсовска: Се однесувате како немирно дете, скрши овде, скрши онде, па кажи не сум виновна
Советникот во Град Скопје, Малиша Станковиќ, посочува дека нефункционирањето на Градот е последица на тоа што градоначалничката Данела Арсовска не ги извршува задачите што ѝ се дадени, а истовремено се конфронтира со Советот. Тој ѝ порача на Арсовска: „Нефункционирањето го прикривате со жртви со кои влегувате во конфликт“. Според него, Арсовска ги има целосно системот и работата.
„Простет, градоначалничке, но вие се однесувате како мало дете. И тоа како немирно мало дете, павало, како сакате. Ќе помине тука, ќе скрши чаша, онде ќе скрши бокал, ваму ќе скрши рамка од фотографија и слично, па после вика: ‘Не сум јас виновна за оваа работа, не знам кој ги скршил, види го оној претходниот, ова направил, види го овој, она направил’ и слично. Во таква ситуација се ставате, имавме ние примери, тоа го направивте и со ЈСП, истото го направивте и со ‘Водовод’, сега го правите со средните училишта. Претходната одлука, дефинитивно, беше лоша. Но, претходната одлука за давање на салите во закуп, а по закон, се знае на кого и како се даваат. Вие самата одлука не ја спроведувате и со тоа правите дополнителен проблем“, рече Станковиќ.
Советникот ѝ додаде на градоначалничката: „Откако вие нешто ќе скршите, ние ќе се обидеме да лепиме за да го вратиме во првобитна состојба во која се наоѓа. Со проблемот што го направивте во средните училишта мораше да има интервенција за да не страдаат граѓаните. Претходно, тоа го направивте со ЈСП, па со приватните превозници слично, па се молиме да лепите за да ја вратите работата во првобитна состојба. Со ‘Водовод’ не ни лепите, допрва ќе имате проблеми“.
На седницата на Советот се дискутира за тоа како се издавале под закуп салите на училиштата и нивните дворови, но и за тековни проблеми и одлуки носени во Градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

