Свет
Американски милијардер пронајден мртов во Њујорк

Американскиот милијардер Томас Еј Ли (78) вчера бил пронајден мртов во својата канцеларија во Њујорк, потврдила полицијата за Би-би-си.
Според „Форбс“, Ли во моментот на смртта вредел 2 милијарди долари. Семејството на милијардерот во соопштение рече дека е екстремно тажно поради неговата смрт.
Ли наводно починал од прострелна рана што си ја нанел во својата канцеларија на Менхетн, објави „Њујорк пост“.
Сепак, портпаролот на полицијата не потврди дека мажот починал од прострелна рана што си ја нанел сам од огнено оружје нагласувајќи дека причината за смртта ќе ја утврди лекарскиот вештак.
Полицијата тврди дека вчера околу 11 часот добиле повик од канцеларијата на Петтата авенија.
„По пристигнувањето, итната медицинска помош констатирала смрт на мажот на местото на настанот“, додаваат тие.
„Додека светот го познаваше како еден од пионерите во приватниот капитал и успешен бизнисмен, ние го познававме како посветен сопруг, татко, дедо, брат, пријател и филантроп, кој секогаш ги ставал потребите на другите пред своите“, напишал на социјалните мрежи пријател на починатиот.
Ли бил познат по својата филантропија и служел како повереник за истакнати уметнички организации во Њујорк, како што се центарот за изведувачки уметности „Линколн “ и Музејот на модерната уметност.
Во 1996 година донирал 22 милиона долари на „Харвард“, каде што студирал, од кои дел бил искористен за финансиска помош на студентите.
„Имав среќа да заработам пари. Повеќе од среќен сум што ќе вратам дел од нив“, рече тој во таа пригода. Тој ги остави сопругата Ен Тененбаум и петте деца, пренесе „Телеграф.рс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.