Македонија
Бомбите на Боки 13 ќе пукаат кај Абази: Оформен е предмет, обвинител ќе го сослуша
Шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, оформил предмет и делегирал јавен обвинител што ќе го сослушува Бојан Јовановски-Боки 13 и кој ќе ги земе бомбите, односно аудиоразговорите, видеоснимките, транскриптите. Од Обвинителството за „Макфакс“ посочуваат дека ќе ги земат сите материјали од Боки 13, а за кои осудениот посочи дека се докази за сторени кривични дела на личности од политиката, правосудниот систем и бизнис-елитата.
„Основниот јавен обвинител, постапувајќи по дописот, оформи предмет, кој веќе е распределен на постапување кај јавен обвинител што е задолжен да го сослуша осуденото лице и врз основа на исказот и материјалните докази што осуденикот ги поседува да му реферира на основниот јавен обвинител и да донесе одлука за понатамошно постапување. Обвинителството ги охрабрува сите што имаат сознанија и поседуваат докази за сторени кривични дела да ги пријават во обвинителствата во согласност со нивните надлежности“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за „Макфакс“.
Од таму посочуваат дека сослушувањето не може да го прави шефот Абази, како што бараше Боки 13, оти тоа, според Законот за јавно обвинителство, го прават избраните обвинители.
„Кривичното гонење и понатамошното постапување во предметите го извршуваат избраните или упатените јавните обвинители во ова јавно Обвинителство“, додава Обвинителството за „Макфакс“.
Претходно, пред два дена Боки 13 испрати писмо до јавноста, во кое наведе дека бара да биде изведен пред Ислам Абази во присуство на неговите адвокати Владимир Туфегџиќ и Сашко Дуковски за да предаде докази за сторен криминал од највисоките државни структури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

