Свет
Кличко: Војната изгледаше нереална за многу Украинци, но Киев беше подготвен
Градоначалникот на Киев и поранешен светски шампион во бокс, Виталиј Кличко, им се обрати на своите сограѓани на првата годишнина од војната во Украина.
Тој на својот телеграм-канал објави: „Пријатели! Една година живееме во нова реалност, трагична и психички исцрпувачка. Но, се бориме, веруваме во себе, во нашата земја. И поради тоа, ќе надминеме сè и ќе победиме“.
„Пред една година одлуката на Русија да ја почне оваа варварска војна им изгледаше нереална на повеќето Украинци. Но, главниот град се подготвуваше за можна офанзива. Доброволците се пријавуваа за територијална одбрана, а нашата армија ни помогна да го заштитиме и задржиме Киев“, објави Кличко.
„Критичната инфраструктура на градот се одржа и покрај гранатирањето и реалната закана од улични борби. Болниците примија ранети од предградијата, каде што се водеа тешки битки. Продавниците и аптеките останаа отворени. Компаниите и граѓаните на Киев им дадоа поддршка на сите на кои им беше потребна“, најави градоначалникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Роберт Фицо му честита на Трамп за победата, разговараа за војната во Украина
Словачкиот премиер Роберт Фицо преку телефонски разговор му ја честитал победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, од кој значаен дел е посветен на анализата на војната во Украина, соопштија од кабинетот на премиерот.
Фицо нагласи дека во Европа, а особено во Словачка, многумина се надеваат дека Трамп ќе го реши конфликтот во Украина, пренесе ТАСР.
„Убеден сум дека има огромни очекувања во однос на него не само во Словачка туку и во цела Европа кога станува збор за воениот конфликт во Украина“, рече Фицо.
Регион
Убиен син на хрватски пејач во Еквадор: го застрелале две лица на мотор, го убиле со четири куршуми
Томислав Зеленчиќ (48), хрватски државјанин, е убиен во вооружен напад во Манта, во провинцијата Манаби во Еквадор, што го прави четврта жртва во регионот во последните три дена. Зеленчиќ, кој живееше во тој град повеќе од 20 години, беше убиен во напад во вторникот, на 26 ноември, во 10 часот, во близина на неговиот дом во населбата Јоцај.
Според изјавите на сведоците, жртвата се движела по тротоарот во близина на неговата куќа, а нападот го извршиле две лица на мотор. Напаѓачите, според еквадорските медиуми, испукале најмалку четири куршуми кон Томислав Зеленчиќ пред да побегнат. Тешко повредениот Хрват останал да лежи на улицата во локва крв. Соседите и роднините со приватно возило го пренеле во болницата „ИЕСС Манта“, каде што и покрај напорите на медицинскиот персонал, набргу починал. Полицијата излегла на местото на настанот за прибирање докази. Телото е пренесено на судска медицина во Манта за понатамошна обдукција. Мотивот за нападот сè уште не е познат, а властите почнале интензивна истрага за откривање на сторителите.
„Јутарњи лист“ пишува дека Зеленчиќ е син на пејачот Инослав (Ино) Зеленчиќ, основач на групата „Задар експрес“. Пред многу години Томислав се преселил во Панама, каде што работел на рибарски бродови, по што се преселил во Еквадор. Еквадорските медиуми објавија и дека Зеленчиќ во 2016 година поднел пријава за грабеж, кој набргу бил решен.
Свет
Владејачката партија во Грузија номинира поранешен фудбалер за претседателски кандидат
Грузиската владејачка партија Грузиски сон денеска го предложи поранешниот пратеник и професионален фудбалер Михеил Кавелашвили за свој кандидат на претстојните претседателски избори закажани за 14 декември.
Кавелашвили, кој накратко играше за „Манчестер сити“ во средината на 90-тите, беше еден од основачите на фракцијата Народна Шакта, која произлезе од партијата Грузиски сон, и е познат по серијата остри антизападни изјави, објави „Ројтерс“.
Во септември тој ја опиша опозицијата како петта колона, која се обидува да го загрози мирот во Грузија под инструкции на „американската администрација и одредени сенатори“, а во јуни го обвини американскиот конгресмен дека планира „насилна револуција и украинизација на Грузија“.