Европа
Орбан: Финска и Шведска шират лаги за нас, затоа некои претставници не ги сакаат во НАТО

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денеска дека ќе треба да се одржат повеќе разговори меѓу парламентарните групи пред пратениците да гласаат за ратификација на апликациите за членство на Финска и Шведска во НАТО, додавајќи дека дискусиите ќе започнат следната недела, во среда.
Во изјава за јавното унгарско радио, Орбан рече дека побарал од претставниците на неговата партија Фидес да го поддржат барањето на двете нордиски земји, но дека има претставници кои „не се толку ентузијасти“ за проширувањето на воената алијанса и бараат дополнителни дискусии.
Парламентите на сите 30 членки на НАТО мора да го ратификуваат секое ново членство во алијансата. Според најавите, унгарските претставници на 6 март треба да гласаат за членството на Финска и Шведска.
Орбан, исто така, рече дека мора јасно да каже дека Унгарија ги поддржува Финска и Шведска, но дека треба да се слушаат и приговорите на Турција за влезот на Шведска.
„Што се однесува до Турција, таа е и наш сојузник и затоа треба да слушаме што има да каже“, рече Орбан.
Тој смета дека треба да се најде решение за турските приговори бидејќи во спротивно, целото проширување може да пропадне.
Доцнењето на ратификацијата Унгарија го оправдува и со спорот со Брисел за европските фондови.
Орбан напомена и дека некои претставници имаат проблеми со Финска и Шведска бидејќи шират „чисти лаги“ за состојбата на демократијата и владеењето на правото во Унгарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кремљ: Договорен распоредот за разговорите Путин – Трамп, ќе има и прес-конференција

Договорен е распоредот за разговорите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, изјави советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.
Тој рече дека тоа ќе биде приватна средба, со преведувачи, за време на која ќе се дискутираат чувствителни прашања.
Централна тема на состанокот ќе биде решавањето на кризата во Украина, но двајцата лидери ќе разговараат и за трговската и за економската соработка, рече Ушаков.
Средбата ќе почне во 11.30 часот по локално време, а времетраењето на разговорите ќе зависи од тоа како ќе се одвива дискусијата, рече Ушаков.
На крајот од самитот двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција. Трамп и Путин ќе имаат и поширок состанок со делегациите и работен појадок, објави „Скај њуз“.
Европа
(Видео) Зеленски пристигна на средбата со британскиот премиер

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна на Даунинг стрит, каде што беше пречекан од британскиот премиер Кир Стармер, објави „Скај њуз“.
Даунинг стрит не даде многу детали за темите на нивните разговори, но средбата се случува само еден ден пред американскиот претседател Доналд Трамп да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска за да разговараат за прекин на огнот во Украина.
BREAKING: Volodymyr Zelenskyy arrives at Downing Street and is greeted by Sir Keir Starmer.
The meeting comes just a day before Donald Trump meets Vladimir Putin in Alaska to discuss a ceasefire in Ukraine.https://t.co/rrfAtUSjPC
📺 Sky 501 and YouTube pic.twitter.com/tk9jzCellw
— Sky News (@SkyNews) August 14, 2025
Двајцата мажи се прегрнаа и се ракуваа игнорирајќи ги прашањата од новинарите пред да влезат внатре, објави „Скај њуз“.
фото: принтскрин
Европа
(Видео) Балон на топол воздух се урна во Холандија: еден загинат, петмина повредени

Едно лице загина, а петмина се повредени кога балон на топол воздух се урна на ливада во северната холандска покраина Фрисланд доцна синоќа, соопштија локалните власти. Балонот превезувал 34 патници.
„Балонот на топол воздух одеднаш падна околу 21 часот и силно удри на земјата“, соопштија властите на Фрисланд додавајќи дека полицијата почнала истрага за несреќата.
Портпаролот на Кралското холандско воздухопловно здружение изјави за локалните медиуми дека ненадеен налет на ветер предизвикал балонот силно да удри на земјата предизвикувајќи корпата да отскокне и исфрлајќи пет лица од него.