Македонија
Митева: Груби и Ковачевски немаат мандат да туркаат уставни измени, без да го прашаат народот на избори
Артан Груби, веројатно, притиснат од низата скандали и сомнежи за криминал реагира импулсивно и се користи со лаги. Додека дели совети што е добро, а што лошо за македонскиот народ, добро е да се нотира дека Груби исто како и Ковачевски нема мандат да турка уставни измени без да биде прашан народот на избори, вели Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарско прашање кој е ставот на партијата за изјавите на Груби во врска со уставните измени.
Митева потенцираше дека изјавите на Груби дека едно се зборува пред народот, а друго пред амбасадорите се лажни, повикувајќи го Груби да ги каже кои се тие амбасадори.
И тука нивната позиција прво уставни измени, па избори значи пропаѓање на сите нивни лаги дека имале мнозинство за уставните измени, што значи дека по повеќе месеци континуирани манипулации се распрснува како меур сапуница лагата дека само што тие не се случиле или изгласале. За приказните на Груби дека едно се зборувало пред јавноста, а друго пред амбасадорите добро е Груби пред да растура пердуви да каже кои се тие амбасадори и тие да кажат мислење и свој став за ова лажно тврдење на Груби, истакна Митева.
Митева уште еднаш го потврди ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека уставни измени на шверцерски начин без мандат од граѓаните нема да се случат, како и дека повеќе не важи правилото коалицирање победник со победник, порачувајќи дека доколку ДУИ во тоа го бара спасот, амнестија за криминалот нема да има и треба да се подготвени за одговорност.
На шверцерски начин, на мала врата уставни измени, без мандат од граѓаните нема да има. А за тоа како ВМРО-ДПМНЕ ќе го реши ова прашање има само еден начин да се провери, а тоа е да има избори. Разбираме дека Артан Груби е нервозен бидејќи се ближи неговиот политички крај. Јасно кажуваме дека за ВМРО-ДПМНЕ не важи правилото за коалицирање победник со победник. Правилото победник со победник заврши оној момент откако Али Ахмети одлучи да направи влада со Зоран Заев. Тоа правило тука заврши и е веќе категорија која е во историјата на македонската политика. Никој нема ниту морално, ниту суштинско право да го поставува тоа барање. Ако во тоа го бара спасот ДУИ јасно кажуваме дека амнестија на криминал нема да има, и треба да се подготват за одговорност, децидна е Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Eксперимент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

