Економија
(Видео) Битиќи од Брисел: Ве уверувам во нашата максимална заложба кон исполнување на препораките од извештајот на ЕК

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес во Брисел учествуваше на билатералниот скрининг-состанок од Кластерот 2, „Внатрешен пазар“, поточно на состанокот од Поглавјето 9, „Финансиски услуги“.
Во својот говор пред претставниците на Европската Унија (ЕУ), вицепремиерот Битиќи нагласи дека финансиските услуги иако не се основните вредности на договорот за основање на Европската Унија, тие не се ни основите на формирањето на Унијата, но во почетокот на третата деценија на 21 век тие се исто толку важни колку што во средината на претходниот век биле основните права и слободи врз кои се базира договорот за формирање на ЕУ.
„Сите ќе се согласиме дека не можеме да го замислиме секојдневниот живот без користење на финансиските услуги со цел да ги задоволиме нашите секојдневни потреби, плаќање на киријата, хипотеката, заемот, котизацијата за универзитет, плаќање онлајн, плаќање во готово, па дури и плаќањето со крипто, што е голем предизвик од гледна точка на финансиска контрола во целиот свет“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи пред претставниците на Европската комисија нагласи дека финансиските услуги се насекаде околу нас и дека ние директно или индиректно секогаш сме опкружени со акции и трансакции, кои се тесно поврзани и зависни од финансиските услуги.
„Како што видовме во последниот извештај на Европската комисија, Европскиот парламент, Советот, Европскиот економски и социјален комитет и Комитетот на регионите, Северна Македонија е умерено подготвена земја со постигнат одреден напредок во текот на минатата година во областа на финансиските услуги. Како што беше наведено во извештајот, ние сме во напредна позиција во однос на супервизорската и регулаторната рамка за кредитните институции. Од друга страна, заостануваме во усогласувањето во делот на осигурувањето и пазарите на капитал. Извештајот констатира добар напредок во имплементацијата на стандардите за ликвидност од Базел 3 и дека преземаме одредени активности за да спречиме нефер банкарски практики и да спроведеме подобра и поефикасна заштита на потрошувачите“, рече Битиќи во својот говор.
Вицепремиерот во својство на главен координатор на Кластерот 2, во кое спаѓа Поглавјето 9 – „Финансиски услуги“, ги увери претставниците на Европската Унија дека земјата оваа година ќе се потруди максимално да ги исполни препораките од извештајот, со што ќе донесеме закон за решавање (резолуција) банки и имплементација на законодавството и подзаконските акти и врз основа на тоа да го завршиме назначувањето на регулаторно тело за банките, правилно справување и спречување на нерегистрираните и неосигурените возила и ќе продолжиме да се занимаваме со заштитата на потрошувачите заедно со формирањето финансиски народен правобранител.
„Ќе ги катализираме напорите нагласени во извештајот во делот за развивање на одредбите за резолуција на банките во согласност со рамката на ЕУ, со посебен акцент на Директивата за спојување и решавање на банките. Законот за осигурување депозити ќе биде изменет за да се подобри осигурувањето на депозитите и да се имплементираат забелешките на Уставниот суд во неговата одлука од јули 2021 година. Нашата централна банка веќе посвети дел на својата веб-страница на правата на потрошувачите заедно со правилното споделување информации за да се избегнат нефер банкарски практики“, посочи Битиќи.
Вицепремиерот додаде дека земјата ќе вложи многу повеќе напори за измена на Законот и зајакнување на осигурувањето на сите моторни возила во државата заедно со поставување систем, каде што ќе се чуваат сите потребни податоци за осигурените возила, со што ќе го спречиме возењето неосигурени возила.
На крајот на својот говор заменик-претседателот на Владата рече дека финансиските пазари ќе се развиваат како што беше предвидено во стратегијата од февруари 2022 година, каде што очекуваме проширување на понудата на долгорочни хартии од вредност со зголемена побарувачка, а измената на Законот за инвестициските фондови во јули 2021 година и другите имплементирачки закони за инвестициски фондови и хартии од вредност се однесуваат на дел од неопходното усогласување со правото на ЕУ.
Работната група за ова поглавје ја предводи заменичката на главниот преговарач со Европската Унија, Дрита Абдиу-Халили, и неа ја сочинуваат претставници од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за финансии, Народната банка на Република Северна Македонија, Комисијата за хартии од вредност, Централниот регистар, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Управата за финансиско разузнавање, Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата.
Билатералниот скрининг продолжува на 1 март за кога е закажан состанокот за Поглавјето 28, „Заштита на потрошувачите и јавното здравје“.
Вицепремиерот Битиќи и неговиот кабинет, како што е предвидено во нашата преговарачка структура, се назначени за координатори на целиот Кластер 2, покрај координацијата на Секретаријатот за европски прашања како институција назначена за координација на национално ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.