Економија
Шах – отворен меѓународен турнир во забрзан шах „Алкалоид 2023“

Шаховскиот клуб „Алкалоид“, под покровителство на својот спонзор, компанијата „Алкаоид АД Скопје“, ја продолжи догогодишната традиција и викендов го организираше традиционалниот Отворен меѓународен турнир во забрзан шах „Алкалоид 2023“.
Почнувајќи од 2012 година, организирани се 7 отворени меѓународни турнири во шах со рапид темпо на игра и 4 во блиц. По пауза од три години (поради пандемијата на вирусот корона), оваа година е продолжена традицијата, со убедливо најголем интерес меѓу шаховската јавност. На турнирот учествуваа апсолутно рекорден број 227 шахисти од сите возрасти – најмладиот учесник на возраст од 8 години, а најстариот на возраст од 80 години! Шахот ги поврзува и ги обединува луѓето од сите генерации во рамноправна игра, при што магијата е во тоа што исклучиво шаховското знаење и подготвеноста ја одлучуваат секоја поединечна шаховска партија!
Огромниот интерес за учество на овој турнир е само уште една потврда за авторитетот што го има АЛКАЛОИД како спонзор и како шаховскиот клуб не само во нашата држава туку и пошироко, со оглед на тоа дека, покрај најдобрите македонски шахисти, учествуваа и 36 играчи од уште 7 држави. Турнирот беше одржан во атмосфера на шаховски празник, со учество на голем број гледачи!
На врвот на турнирската табела со по 8 поени од 9 партии се најдоа тројца шахисти, а според дополнителниот турнирски критериум првото место сосема заслужено го освои српскиот велемајстор Синиша Дражиќ.
Најуспешни македонски шахисти со по 7 поени од 9 партии (на делба од 6. до 14. место) беа младите Емил Ристески, Михаил Јорданов, Филип Михов и Матеј Звездакоски, како и ветеранот Владимир Тркаљанов.
Најуспешни македонски шахистки беa следните македонски репрезентативки: женскиот фиде-мајстор Моника Стојковска и женскиот интернационален мајстор Габриела Коскоска со по 6 поени од 9 партии.
Најуспешни јуниори и јуниорки (од вкупно 69 учесници до 18 години) – според возрасните категории (до 8, 10, 12, 14, 16 и до 18 години), медали и подароци од организаторот освоија: до 10 години – Илијана Велева и Лука Симоноски, до 12 години – Благоја Миновски и Брнс Елисавета, до 14 години – Ивана Велкоска и Кирил Николовски, до 16 години – Моника Жежовска и Антон Златков, а до 18 години – Инџи Ајрадиновска и Матеј Звездакоски.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.