Македонија
Мицевски: Мнозинството нема доволно пратеници за гласање на министрите па затоа опструира со паузи

После 3 недели дискусии, разговори и убедувања очигледно е дека за различни работи разговараме, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски при неговото процедурално обраќање на денешната собраниска седница.
„Не слушнавме ниту во експозето на премиерот за министрите кои планира да ги постави која е целта и кои се нивните квалитети. Не слушнавме ниту од колегите пратеници да застанат во заштита и обрана за оние кандидати за министри кои планираат да дадат поддршка и зошто ќе ги поддржат“, рече Мицевски.
Мицевски посочи дека пред само една година беше обидот за формирање на Влада, а сега имаме нова Влада во која излезени се дел од партиите кои беа тогаш кога не убедуваа дека тоа е проевропската Влада и се наоѓаме на самиот почеток
„Очигледно разговарајќи за различни работи на една страна пратениците од СДС и ДУИ, владејачкото мнозинство и Владата на друга страна пратениците од опозицијата и анкетите за јавно мислење на граѓаните“, дециден е Мицевски.
Тој додаде дека доволен број аргументи се кажаа денеска и бидејќи нема што да опструира власта сега ќе пробува со паузи да се соберат и да се убедуваат за мнозинството кое треба да го имаат.
Мицевски потенцираше дека срамота е и недолично е на 10 минути пред завршување на седница власта не може да ги собере пратениците потребни за седница , па затоа тука сме дајте заедно да го ставиме на гласање и да го изгласаме ова. Во спротивно тоа значи дека продолжуваат преговорите за владино мнозинство и уцени.
„Бидејќи во моментов имаме доволен број на пратеници во салата потребно за одлучување по однос на владата. Ве повикувам вас и владејачкото мнозинство бидејќи ја обвинувате опозицијата дека го кочи донесувањето на Владата и владините седници кои треба да се случат, како и министерските места кои вие ги оставивте и без министри и без заменик министер, барам да ја ставите точката сега на гласање и да се изјасниме по однос на Владата“, вели Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од шумскиот пат кон езерото, се води жестока битка за да се спречи ширењето на пожарот кај Јасен

Пожарот кај Јасен и натаму се заканува, откако во текот на ноќта започнал да се шири од шумскиот пат пред објектите на ловиштето кон ресторанот Козјак. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Анеглов, изјави дека пред неколку дена патот бил внимателно исчистен од вегетација со блудожер и сега претставува појас кој спречува ширење на огнот.
„Се води жестока битка со огнот, но надлежните служби не дозволија пожарот да се префрли на спротивната страна. Денес продолжува оперативната акција, со чистење на гребенот до езерото за да се стопира ширењето на огнот. Истовремено се дејствува и од воздух“, изјави Ангелов.
Како што додаде, покрај овој пожар, има уште неколку, но тие се безопасни во споредба со она што се случува во Јасен. Ангелов најави повеќе информации околу 13 часот.
Македонија
Антикорупциска брои службени возила пред изборите – институциите не ги пријавиле сите во рокот

Во Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија и други правни лица со државен капитал при Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се пријавени 1.916 возила, иако институциите располагаат со околу 6.500 возила.
Податоците за бројот, марката, годината на производство, регистарскиот број и возната состојба требаше да се достават најдоцна до 18 август. Доколку правните лица не ги поднесат информациите навремено, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истекот на рокот.
Евидентирањето на возилата има за цел да спречи нивна употреба за потребите на изборните кампањи. Владата донесе одлука сите службени возила да добијат специјални црвени таблички најдоцна до 15 септември, а ќе се воведе и специјален регистар за нивно следење.
Македонија
Сончево време со изолирана појава на нестабилност попладне

Времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Попладне во југоисточните делови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 28 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во четврток ќе дува умерен до засилен, а во петок повремено силен јужен ветер. Во сабота ќе има услови за повремен локален дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер, кој ќе продолжи и во недела, а дневната температура ќе биде во опаѓање.