Македонија
(Видео) Претполноќно дерење и „уа“ во Собрание: Опозицијата бараше да се гласа, власта бараше и доби пауза
Неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се повлекоа од дискусија за именување на новите министри, па координаторот Никола Мицевски побара да се гласа, знаејќи дека во салата нема доволно пратеници кои ќе обезбедат мнозинство. Наместо гласање, неговиот колега, координаторот на пратениците од СДСМ, Јован Митревски, побара пауза. Ова наиде на револт кај пратениците од опозицијата.
„Да ја ставите точката сега на гласање и да се изјасниме по однос на Владата. Сметам дека доволен број на аргументи се кажаа денеска. Или повторно ќе пробувате со паузи да се соберете и да се убедувате за мнозинството кое треба да го има? Срамота и недолично е на 10 минути пред завршување на седница вие не можете да ги соберете пратениците потребни на седница. Па затоа ние сме тука, да го ставиме предлогот на гласање“, побара Мицевски.
„Кога почнува, а кога завршува седницата јас одлучувам. Така што, тоа што вие тврдите дека сме 10 минути пред крај на седницата, тоа е ваше мислење. Констатирам дека се исцрпи листата на пријавени за збор“, рече Џафери.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ довикуваа: „Ајде да гласаме, ајде да гласаме“.
Координаторот на СДСМ, Јован Митрески, побара пауза од еден час.
„Цело време критикувате, го критикувавте изборот на претходниот состав, критикувавте за министрите кои се разрешуваат, а кога дојде време за гласање и за тоа што критикувавте не гласавте против. Сега кога ги добивте информациите, најдругарски, правите финти. Пак ви е целта да продолжите на истиот начин за изборот на заменици министри. Повикувам на разум, еден час да размислите дали вака ќе продолжите. Што се секирате, ново мнозинство ќе имаме“, кажа Митревски.
Собранискиот спикер Џафери даде пауза, а ова наиде на негодување кај пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои довикуваа „Еееее“, „Уааа“ и се бунтуваа бидејќи предлогот за разрешување не се стави веднаш на гласање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

