Македонија
Средба Битиќи – Џентилони: Северна Македонија е од стратешко значење за Унијата
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во Брисел оствари средба со европскиот комесар за економија, финансии, даноци и царина, Паоло Џентилони.
Заменик-претседателот на Владата, Битиќи, оваа средба со комесарот Џентилони во Европската комисија ја реализира во рамките на престојот во Брисел, каде што учествува на билатералниот скрининг за Поглавјето 9, „Финансиски услуги“, кој почна вчера, и за Поглавјето 28, „Заштита на потрошувачите и јавно здравје“, кој ќе почне на 1 март 2023 година.
На средбата двајцата соговорници се согласија дека Европската комисија важи за силен партнер на Северна Македонија во нејзините напори за членство во ЕУ.
На средбата Битиќи изрази голема благодарност за макрофинансиската поддршка, како и за поддршката на ЕУ поврзана со пребродување на тековната енергетска криза.
Комесарот Џентилони потенцира дека целиот Западен Балкан е од стратешко значење за Унијата и дека целиот регион е дел од планот за енергетска транзиција на Европа (RePowerEU), кој има цел диверзификација на изворите на енергија и зголемување на капацитетите од обновливи извори на енергија.
Џентилони исто така истакна дека ЕК го поздравува носењето на новиот закон за органски буџет како голем реформски чекор за Северна Македонија.
Комесарот Џентилони исто така даде и краток осврт на моментната состојба во ЕУ, каде што според последните зимски проекции во 2023, сепак, најверојатно, ќе биде избегната рецесија, како и очекувањето дека инфлацискиот притисок полека ќе се намалува.
![]()
Вицепремиерот Битиќи ја потенцира големата важност на праведната енергетска транзиција и се заблагодари за поддршката што Северна Македонија ја има во овој сегмент преку проект на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Битиќи исто така се осврна на македонската економија, која трговски е најизложена кон ЕУ и која во 2022 забележа висока стапка на инфлација најмногу поради зголемените цени на енергентите, раст на БДП во рамките на проекциите од нешто под 3 % и дека за 2023 година очекувањата се реалниот раст да биде 2,9 % што е на линија со последните проекции на ММФ и Светската банка.
Вицепремиерот Битиќи информира дека Северна Македонија со помош на ЕУ, во текот на 2022, со зголемувањето на капацитетот на интерконекторот со Бугарија, конечно се ослободи од 100 % зависност при снабдувањето со гас од „Газпром“ и сега на пазарот има можност да се појавуваат и други доставувачи на гас во Северна Македонија.
Кога сме кај енергетиката, вицепремиерот информира дека поради добрата местоположба, во 2022 имавме бум на инвестиции во фотоволтаични централи, а интересот е сè поголем и на почетокот од 2023.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека по примерот на ЕУ, каде што големите предизвици (на пример: енергетска диверзификација) се решаваат заеднички преку соработка, така и регионот на Западен Балкан треба да презема заеднички координирани мерки создавајќи меѓусебна зависност наспроти зависност од надвор, со цел побргу и полесно да може да ги пребродува кризите.
Комесарот Џентилони се согласи дека клучот е соработката и дека оваа средба се случува точно навреме преку координирани мерки да може да се работи и на редефинирање на синџирите на снабдување преку нивно доближување до земјите на ЕУ, а тоа секако е огромен потенцијал за земјите од Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

