Македонија
Новиот министер за здравство, д-р Фатмир Меџити, ја презеде функцијата

Во просториите на Министерството за здравство, денеска, беше извршено примопредавање на должноста министер за здравство. Новиот министер, д-р Фатмир Меџити, ја презеде функцијата од д-р Беким Сали.
„Чест ми е што сум именуван за нов министер за здравство. Денес имав продуктивна средба со поранешниот министер, д-р Сали, решен сум да ја продолжиме важната работа за унапредување и заштита на здравјето и благосостојбата на сите наши граѓани“, рече министерот Меџити.
„Мојот фокус како министер за здравство ќе биде нашиот здравствен систем да биде достапен, ефикасен и да ги задоволува потребите на сите граѓани. Ќе работиме на промовирање здрав живот и ќе обезбедиме ресурси и поддршка за превентивна нега, така што секој ќе има можност да води поздрав живот.
На средбата со својот претходник, министерот Меџити посочи дека инвестирањето во здравјето на нашите граѓани е од суштинско значење за градење здраво општество и останува посветен на соработката со здравствените работници, засегнатите страни и лидерите на заедницата за да ги постигнеме нашите заеднички цели.
„Ви благодарам за довербата и со нетрпение очекувам да ви служам во оваа важна улога“, рече министерот Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска ќе биде претежно сончево со слаб до умерен северен ветер

Времето денеска ќе биде претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се движи од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 22 до 31 степен.
Во Скопје ќе биде сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе искачи до 31 степен.
Од Управата за хидрометеорошки работи информираат дека за време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот, а потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.