Македонија
Герасимовски: Силна поддршка од амбасадорката Агелер за политиките за пензионерите, за младите и за лицата со попреченост
Новоформираното претпријатие „Енергија Центар“, транспарентноста и социјалните проекти во општината, акциите за чистење, како и текот на изградбата на новата градинка „Пролет“ беа темите за кои градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, разговараше со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер, на денешната средба во Општината.
„Општина Центар е прва општина што формира претпријатие за производство и продажба на струја. Преку ‘Енергија Центар’ Општината има олеснителна процедура и постапка за инсталирање поголеми фотонапонски системи на јавните објекти, односно основни училишта, детски градинки, урбани заедници и други објекти под надлежност на Општината. Претпријатието има максимална инсталирана моќност од 2,44 мегавати, а вкупната инвестиција за инсталирање фотоволтаични системи со максимална инсталирана моќност е околу 1.755.000 евра. Тоа е инвестиција што се враќа за 4 до 5 години. Сепак, ние како локална самоуправа не можеме одеднаш да го исполниме овој капацитет, затоа фотонапонски централи најпрвин ќе поставиме во ООУ ‘Киро Глигоров’, а потоа на покривите на другите училишта и градинки. Преку оваа инвестиција Општината ќе заштеди околу 644. 000 евра или 63 % на годишно ниво. Во секој случај, станува збор за долгорочна инвестиција не само за нас туку и за идните генерации“, рече Герасимовски пред Агелер.
Герасимовски исто така зборуваше и за големите акции за чистење, одржувањето на јавната хигиена и заштитата на животната средина, како и високата транспарентност во општината, која се должи на отвореноста и директната комуникација со граѓаните.
Амбасадорката Агелер покажа особен интерес за проектите, особено на политиките што Општината ги има за намалување на загадувањето и зачувувањето на животната средина. На покана на градоначалникот Герасимовски американската амбасадорка како жител што живее и работи во општина Центар ќе биде дел и лично ќе се вклучи во пролетните акции за чистење.
Агелер исто така се запозна и со социјалните проекти на Општината, кои ги опфаќаат пензионерите, учениците и децата од градинките што доаѓаат од социјално ранливите семејства. Низата проекти, од обезбедување лични асистенти за учениците и за време на летниот распуст, грижата во домовите на пензионерите, проектот што треба да почне и е наменет за обезбедување нега на лицата со Алцхајмерова болест, како и месечните хуманитарни пакети. Силна поддршка од амбасадорката Агелер, Герасимовски доби за проектите за пензионерите, младите жители на општината и за лицата со попреченост.
Герасимовски од Агелер доби пофални зборови и за новата градинка „Пролет“, особено во вклучувањето на инклузивноста во образованието и современите и модерните стандарди за престој на дечињата.
На крајот на средбата Герасимовски и Агелер го посетија и младинскиот центар „Матично“, каде што во тек е изложба од студентите од петтиот семестар на тема „Зграда на општинската администрација“. Притоа Герасимовски ја запозна за капиталниот проект за изградба на нова општинска зграда, која, наместо на цела парцела, би била на два ката, со подземен паркинг на две нивоа, за нови 300 паркинг-места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

