Регион
Огромен гнев и лутина: „Многу деца загинаа заради еден идиот“

Неверување, очај и гнев владеат во Грција откако десетици луѓе загинаа во најтешката железничка несреќа во историјата на земјата.
Според извештаите на медиумите, најмалку 42 лица загинале во несреќата, која се случила на 534 километри северно од Атина, кога брз патнички воз кој се движел кон Солун се судрил со товарен воз што доаѓал на истата пруга, а потоа излетал од шините и се запалил.
Преживеаните во брзиот воз, во кој се превезувале околу 350 луѓе, рекле дека се сеќаваат само дека возот ненадејно запрел, по што вагоните биле зафатени од пламен. Многумина избегаа од пламените јазици преку прозорците, додека други беа исфрлени од возот при судирот и паднаа до 40 метри.
Спасувачите ги пребаруваат остатоците од возот што тлеат. Во блискиот град Лариса, десетици луѓе се собраа во локалната болница чекајќи вести за своите најблиски.
Никос Макрис седел со сопругата на тротоарот пред болницата, чекајќи вести за неговата снаа, која била во посета на семејството во Атина. Други чекаа на приземјето на зградата на болницата, многумина од нив плачеа.
„Таа ја нема. Овде чекаме од два часот наутро“, рече тој.
Се уште не е познато како возовите завршиле на истата пруга.
„Поради грешката на еден идиот, загинаа толку многу деца и луѓе“, рече тој, а неговата сопруга плачеше.
Другите беа многу лути. Роднина на една од жртвите извика: „ Некој гад мора да плати за ова“.
Многу од жртвите беа студенти кои се враќаа дома во Солун по долгиот викенд за почетокот на Грчкиот православен пост.
„Ќерка ми ми се јави и ми рече: „Гориме“, изјави еден маж за државната телевизија ЕРТ.
„Косата и гореше, врескаше“.
„Настана паника, се запалија каблите, огнот веднаш се прошири, а додека се вртевме горевме, огнот беше лево и десно од нас“, изјави 28-годишниот патник Стергиос Миненис.
Друг патник во еден од последните вагони рече дека почувствувал како возот се тресе и потоа се превртел.
„Успеав да излезам и да тргнам напред, возот беше свиткан под агол од 90 степени, половина висеше над карпата и гореше. Имаше пет повредени каде што стоев“, рече тој.
Долината Темпи, каде што се случи несреќата, има лоша репутација за несреќи. Во сообраќајна несреќа во тој реон во 2003 година загинаа 23 училишни деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Се запали градинка во Загреб – пожaрот избил од клима уредот

Пожар изби попладнево во градинка во Загреб.
Според информациите на хрватските медиуми, причина за избувнување на пожарот е палење на клима уредот.
Првата личност која се обидела да се справи со огнот била жена која го гаснела со ПП апарат. Во меѓувреме сите деца навреме го напуштиле објектот и биле испратени на безбедно.
Пожарот се проширил низ една од просториите, а неговото натамошно ширење го спречиле загрепските пожарникари, кои дојавата за пожарот ја добиле околу 16:55 часот.
Допрва ќе се утврдуваат околностите под кои избил пожарот во градинката.
Регион
Пленковиќ: Моето семејство е длабоко трогнато од фактот што се сретнавме со папата во неговите последни часови

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ упати сочувство по повод смртта на светиот отец Франциско до кардиналот Кевин Фарел, Камерленго на Светата Римска црква.
„Во името на Владата на Република Хрватска и во мое лично име, изразувам длабоко и искрено сочувство за смртта на Светиот Отец Франциско, чиј животен и духовен пат оставија неизбришлива трага во современиот свет.
Хрватскиот народ, кој чувствува блискост и длабока почит кон папата Франциско од самиот почеток на неговиот понтификат, денес жали за загубата на човекот со вера, едноставност, понизност и сила.
Тој остави длабока трага не само на Католичката црква, туку и на меѓународната заедница. Неговиот постојан повик за солидарност, милост и блискост со исклучените, заборавените, сиромашните и болните инспирираше и поттикна милиони луѓе ширум светот на акција.
Имав особена чест да се сретнам лично со Светиот Отец вчера на Велигден, во Неговите последни часови, заедно со мојата сопруга и нашите три деца. Тоа беше краток, но длабоко трогателен момент – средба исполнета со добрина, насмевки и благослови кои ќе останат трајно врежани во сеќавањето на целото мое семејство како скапоцен подарок во моментот на збогување.
Република Хрватска и хрватските верници остануваат благодарни за сè што беше и направи папата Франциско – за Црквата, за светот и за секој од нас“, напиша Пленковиќ.
Регион
Вучиќ: Папата Франциско ќе биде вечна инспирација

Светот изгуби исклучителен духовен водач кој ширеше љубов, мир и солидарност преку своето апостолско дело, објави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ по повод смртта на папата Франциско, оценувајќи дека животот на папата посветен на верата, љубовта и служењето на другите треба да биде инспирација за целиот свет.
На платформата Х, Вучиќ истакна дека работата на папата Франциско за зајакнување на меѓурелигискиот дијалог и неговата посветеност на хуманизмот оставиле неизбришлива трага во историјата. „Папата Франциско беше гласник на надежта и помирувањето, секогаш во служба на најранливите, а неговото заминување е загуба и тага за сите нас, бидејќи својот живот го посвети на верата, љубовта и служењето на другите. Тој ќе биде вечна инспирација за сите нас“, рече тој.
Вучиќ, во име на граѓаните на Република Србија и во свое лично име, изрази длабоко сочувство до Римокатоличката црква и до сите верници ширум светот. „Нека му е вечна слава“, напиша тој на социјалната мрежа Икс.