Регион
Во Грција прогласена тридневна жалост
Грција прогласи тридневна жалост по најтешката железничка несреќа во последните децении, во која загинаа најмалку 43 лица, а 130 беа повредени кога патнички воз на линијата Атина – Солун се судри со товарен воз во близина на градот Лариса.
Несреќата била предизвикана од човечка грешка со трагични последици, соопштија официјални лица.
Грчките железничари објавија 24-часовен штрајк и сите возови во Грција денеска ќе застанат, а Панхеленската федерација на железничарите (ПОС) во соопштение соопшти дека нивните многубројни барања за постојан персонал, подобра обука и модерна безбедносна технологија се игнорирани.
Денеска е ден за размислување и преиспитување, соопштија од синдикалната федерација изразувајќи жалење за жртвите во несреќата.
Поради трагичната железничка несреќа, и денеска нема да работи атинското метро.
Спасувачите во меѓувреме користат кранови и друга тешка механизација за да преместат големи делови од возот.
„Малку е веројатно дека ќе има преживеани, но надежта умира последна“, изјави спасувачот Никос Зигурис за локалните медиуми, пренесе „Денес.рс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Работите во светот не одат во добра насока, Косово е многу комплициран јазол
Работите во светот „не одат во добра насока“, оцени денеска во Њујорк српскиот претседател Александар Вучиќ на крајот од шестдневниот престој во САД по повод заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации.
„Единствената суштинска вест овде е Блискиот Исток“, изјави тој за РТС.
„Блискиот исток го јаде американското внимание, не сум сигурен дека тоа е добра вест за Украина. Европа прави се за да ја запре таа војна“, рече Вучиќ и нагласи дека приоритет мора да биде прекинот на конфликтот во Украина.
Тој рече дека имал повеќе разговори на тема политика и економија и оти „за првпат биле остварени важни контакти“ за економски напредок на Србија.
Вучиќ рече дека „ситуацијата во рударството и енергетиката“ во Србија ќе мора да се подобри бидејќи „лошо им оди“, додека „индустриското производство добро расте, производството расте, но потребни се повеќе инвеститори“, рече Вучиќ.
Тој рече и дека „немал лесни разговори“ за Косово и дека не може да зборува за деталите од средбите.
„Тоа е многу комплициран јазол. Мораме да го зачуваме мирот, да ги зачуваме животите, опстанокот и напредокот на нашето население на Косово, зачувувајќи ја правната и политичката државност на Србија и интересите на сите граѓани на Србија“, изјавил Вучиќ.
„Ќе се погрижиме да не направиме ниту една грешка, никој да не може нам ништо да ни забележи и да се зголемува силата на нашата економија и да се зголемува нашата поддршка за нашиот народ на Косово“, заклучил Вучиќ.
Регион
Милановиќ за воениот рок: Не можеме да донесеме Непалци да ја вршат таа работа
Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ осврнувајќи се на прашањето за воведување задолжителен воен рок оцени дека ќе биде неопходно да се обучат неколку илјади луѓе годишно со најосновно знаење, пренесуваат хрватските медиуми.
Хрватските граници, рече тој, се нешто за што Хрватска се бореше и никогаш не треба да се доживуваат лежерно и лесно. „Тие се запишани и секој сантиметар е важен“, додаде тој и рече дека Хрватска „секогаш ќе биде земја со свои граници“. Таа граница треба да се заштити“, нагласи Милановиќ.
Тој предупреди дека „Хрватска има проблем со активната резерва“ поради превисоката просечна старост. Затоа, вели тој, „ќе треба да се разговара и да се измери, а потоа конечно да се одлучи како ќе се одговори на тој предизвик“.
„Секако дека не можеме да донесеме работници од Непал да ја вршат таа работа. Не можеме да ангажираме платеници затоа што сме национална држава“, додаде меѓу другото Милановиќ и нагласи дека воениот рок „е сериозна тема за многу сериозна дискусија на највисоко ниво“. „Не ад хок, не според нечија проценка, интуиција или дневно политички инстинкт и потреби. Не“, додаде тој.
„Ќе треба да се одреди кого ќе поканиме, колку луѓе ќе одговорат, кој нема да одговори, кој ќе се повика на уставното право на жалба на совест“, рече тој и оцени дека најмалку неколку илјади луѓе ќе треба да бидат обучени годишно.
„Го укинавме воениот рок во 2007 година затоа што повеќе од 80 проценти од регрутите се повикуваа на приговор на совеста. Поминаа 17 години, а оние кои тогаш беа триесет и беа во резерва или Хрватската национална гарда сега имаат 47 години и тоа е малку премногу. „Оваа регрутација е неопходна. Бидејќи армијата е недоволно екипирана, особено за подофицерите“, рече претседателот на Хрватска, Милановиќ.
Регион
Семејството на масовниот убиец Урош Блажиќ пред суд: сите одбија да сведочат, обвинителот бара казна
Во Специјалниот суд во Белград денеска продолжува судењето на Урош Блажиќ (22), обвинет за убиство на девет лица и тешко повредување 12 други на 4 мај минатата година. Во судницата се присутни Стефан Марковиќ, кој во овој масакр загуби двајца браќа, како и Билјана Блажиќ, мајка на Урош Блажиќ, дедо му, брат му, снаата и поранешната девојка Анастасија Ѓ.
На говорницата прв пријде Најдан Блажиќ, дедото на масовниот убиец од Дубона, кој изјави дека не сака да сведочи додавајќи дека стои на сè што кажал претходно во Смедерево.
Билјана Блажиќ, мајка на Урош Блажиќ, изрази сочувство до семејствата на убиените деца, но нагласи дека нема да сведочи.
„Изразувам сочувство до семејството, но нема да сведочам, ова многу се злоупотребува, затоа нема да сведочам“, кратко изјави Билјана Блажиќ.
Тогаш во судницата дојде Марко Блажиќ, брат на Урош Блажиќ, кој исто така изјави дека не сака да сведочи. Како што заминуваше, го погледна својот брат.
Одби да сведочи и Жељана Блажиќ, снаата на Урош Блажиќ.
Вршителот на должноста обвинител, Иван Конатар, смета дека семејството Блажиќ треба да ги сноси последиците.
„Не навлегувам во тоа, тие го искористија своето законско право, меѓутоа она што ме тера да го кажам ова сега. Билјана Блажиќ рече дека изразува сочувство и дека дала изјава, која се злоупотребува. Сите членови на семејството Блажиќ го покажаа својот став, недостиг на сочувство кон жртвите. Вчера ги немаше, а денеска дојдоа да ја пролонгираат постапката, мислам дека треба да бидат казнети“, вели Конатар.