Култура
Костадиновска-Стојчевска: Продолжуваме да ги пренесуваме универзалните пораки на Лубарда – за хуманост и за заедништво
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска , и нејзината колешка, црногорската министерка за култура и медиуми, Маша Влаовиќ, вчера, во Музејот на современата уметност свечено ја отворија изложбата на дела од еден од најголемите уметници на 20 век, Петар Лубарда.
Во присуство на голем број гости од јавниот и од политичкиот живот во земјата, министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека оваа изложба на дела што се предодредени на вечност е тестамент во кој е втисната меморијата на постземјотресно Скопје и на Музејот на современата уметност како синоними на светската солидарност.
„Ова не е само обична изложба, било кажано во октомври 1963 година на отворањето на големата изложба – подарок 26 слики од Петар Лубарда во тогашниот Дом на синдикатите во Скопје. И, еве, по 60 години, можеме да кажеме дека и ова не е само една обична изложба. Сега, по долго време, сме со сите 52 подарени дела од големиот југословенски и светски уметник, Лубарда“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека уметничкиот гениј, кој со своите слики во 50-тите години на минатиот век предизвикал ново внимание во светот, исправен покрај Дали, Хенри Мур и покрај Пикасо, трагично ја доживеал катастрофата на скопскиот земјотрес и е меѓу првите што подале рака за поддршка, утеха и надеж. Вредности што трајно ги паметиме.
Црногорската министерка Маша Влаовиќ изрази задоволство што изложбата е дел од програмата за одбележување 60 години од разорниот земјотрес што го погоди Скопје и по тој повод познатиот сликар Петар Лубарда донира значителен број од своите дела како знак на солидарност и поддршка.
„Овој гест беше значаен и од аспект на формирањето на Музејот на современата уметност во Скопје, а може да се каже дека беше и иницијатива за создавање на оваа престижна институција, што особено нè радува. Врските меѓу нашите народи во поранешната држава беа силни и продуктивни, а сигурна сум дека тоа е случај и денес за што сведочи и вечерашната изложба“, рече Влаовиќ.
Претходно, Костадиновска-Стојчевска и Влаовиќ ја потпишаа новата програма за соработка во областа на културата меѓу двете министерства за периодот до 2026 година. Овие програми, според министерката Костадиновска-Стојчевска, се можност за нова соработка и нови проекти, со кои двете земји носат и нов квалитет во работата на новите иницијативи на земјите од регионот со кои се гради европски и модерен Балкан.
„Убедена сум дека во партнерство пред нас се програми со кои ќе продолжиме да ги пренесуваме универзалните пораки на Лубарда – за хуманост, заедништво, за моќта на уметноста, која ги пробива историските граници“, порача Костадиновска-Стојчевска.
За изложбата говореа и амбасадорката на Црна Гора во Северна Македонија, Марија Петровиќ, и еден од кураторите, Владимир Јанчевски.
Изложбата на дела од Петар Лубарда, која ќе биде отворена до 31 март, е резултат на соработката меѓу министерствата за култура на Црна Гора и на Република Северна Македонија, Амбасадата на Црна Гора и Музејот на современата уметност – Скопје, под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.
Култура
Сорентино и филмот „Југо Флорида“ со Андрија Кузмановиќ на репертоарот на „Синедејс“
Денес, на претпоследниот ден од 24 издание на фестивалот Синедејс, во киното Фросина, со почеток од 20 часот ќе биде прикажан филмот “Помилување” во режија на славниот италијански режисер Паоло Сорентино. Филмот “Помилување” ја имаше својата светска премиера на 82 издание на Венецискиот филмски фестивал, со што се отвори и 82-та Мостра. Токму на овој фестивал, актерот Тони Сервиљо ја доби наградата “Волпи” за најдобар актер, а филмот беше номиниран за “Златен Лав”.
На истата локација, во 22.30 часот ќе биде прикажан филмот “Југо Флорида” во режија на Владимир Тагиќ, каде главната улога ја остварува популарниот српски актер Андрија Кузмановиќ. За ова остварување, актерот ја добива наградата “Срце на Сараево” за најдобра улога на Сараевскиот филмски фестивал во 2025 година.
Од останатите филмови на вечерашниот репертоар на фестивалот, во Денснг салата на МКЦ следи и краткиот филм “Зајак” во режија на Ханис Багашов кој се здоби со наградата Најдобар филм на фестивалот на краток филм Дримшорт во Струга и “Еден од оние денови кога Хеме умира” во режија на Мурат Фиратоглу. Во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот “За Ева” краткиот филм во режија на Бојан Василев и “Вена” во режија на Кјара Флајшхакер.
Билети за фестивалот може да се набават на официјалната страница www.cinedays.mk.
Култура
Комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ на 13 декември на сцената на Националната опера и балет
На 13 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини – опера која со својата духовитост, динамика и незаборавни арии со децении ја плени домашната и светската публика.
Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), режијата е на Урсула Хорнер (Австрија), сценографијата на Марија Ветероска, а костимографијата на Марија Пупучевска. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ.

Во солистичката екипа ќе настапат: Роберто де Кандиа (Италија), Николина Јаневска, Чанг Ванг (Кина), Владимир Саздовски, Јанoш Носек (Полска), Злата Тошевска Димовска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, чембало: Анастасија Грговска заедно со хорот и оркестарот на МОБ.

„Севилскиот бербер“ е едно од најпрепознатливите дела на Росини – автор кој со својата музичка виртуозност и карактеристични брзи, ритмични фрази создава неповторлива енергија на сцената. Блеска со брзи дијалози, духовитост и незаборавни музички моменти, меѓу кои се истакнува славната арија „Largo al factotum“, со која Фигаро повеќе од два века го освојува светот. Делото ја раскажува љубовната приказна полна со неочекувани пресврти, тајни планови и духовити недоразбирања, претставени во препознатливиот Росиниев стил – брз, жив и раскошен.

