Македонија
Дескоска за апанажата: Ќе видиме дали одлуката ќе смени нешто или ќе излезе многу врева за ништо
Професорката по право и ексминистерка за правда, Рената Дескоска, ја постави дилемата дали се крева многу врева за ништо од страна на Уставниот суд, кој донесе одлука со која ја укинува апанажата во случаи на разрешување и оставка. Таа посочува: „Секако, ќе биде интересно да го видиме и постапувањето на органите во првиот случај кога разрешен функционер ќе поднесе барање за апанажа за да видиме дали нешто практично смени вчерашната одлука или ќе излезе многу врева за ништо.
„Вчерашната одлука на Уставниот суд, со која се укина членот 22 од Законот за платата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на РМ и другите избрани и именувани лица во Републиката, силно одекна во јавноста. Не сакам да бидам расипувач на забави, но сметам дека треба да си го поставиме прашањето дали ефектот на вчерашната одлука на Уставниот суд ќе биде укинување на апанажата во случаи на разрешување и оставка“, посочува Дескоска.
Таа потоа, го цитира и членот 19 од Законот за платата и другите надоместоци кој гласи: „Пратеник кој за време на вршењето на пратеничката функција остварувал плата или надоместок на плата во месечен износ во Собранието, функционер и раководен работник што го именува Собранието, односно назначува телото што тоа ќе го овласти претседателот на Република Македонија и Владата, кој за време на вршењето на функцијата остварувал плата, може да остварува плата по престанувањето на функцијата за време до една година, и тоа: три месеци, ако функцијата ја вршел до шест месеци – шест месеци, ако функцијата ја вршел од шест месеци и еден ден до 12 месеци – девет месеци, ако функцијата ја вршел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и – 12 месеци ако функцијата ја вршел 24 месеци и еден ден и повеќе“.
Во натамошниот дел професорката го анализира членот што предвидува апанажа.
„Значи, остана одредбата од членот 19, кој предвидува апанажа за функционерите на кои им престанала функцијата (по кој било основ), без разлика дали предвремено или по истекот на мандатот. Кои се предвремени основи за престанок на една функција? Разрешување, оставка (од кои било причини, лични, здравствени, поради политичка одговорност итн.), распуштање на Собранието, избор на нова влада или по сила на законот (кога ќе настане некоја околност предвидена во законот), како, на пример, со престанок на мандатот на министерот – престанува мандатот на државниот секретар (што е лошо решение – видовме парализирани министерства изминатите две недели кога со разрешување на министрите и државните секретари ги изгубија функциите). Членот 19 предвидува апанажа и при престанок на мандатот со негов истек и при предвремен престанок на мандатот, без конкретно да наведува или да прави разлика меѓу случаите. Предвремениот престан на функцијата, дури е и наведен во четирите алинеи, каде што се предвидува различно траење на апанажата во зависност од траењето на функцијата. Овие алинеи се подоцна внесени во законот и тогаш не е интервенирано во членот 22, кој сега е укинат“, додава Дескоска.
Посочува дека треба да се почекаат писмено изработената одлука на Уставниот суд и образложението.
„Сега ни останува да ја почекаме како ќе го толкуваат начелото на владеење на правото и дали основ ќе биле уставноста или целисходноста (ова го пишувам бидејќи имав можност да прочитам едно издвоено мислење, во кое некои судии аргументираат за наводна (не)целисходност на некои законски одредби, што секако не е надлежност на Уставниот суд). Секако, ќе биде интересно да го видиме и постапувањето на органите во првиот случај кога разрешен функционер ќе поднесе барање за апанажа за да видиме дали нешто практично смени вчерашната одлука или ќе излезе многу врева за ништо“, посочува Дескоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

