Македонија
Над 300.000 денари казна за четири фирми кои продавале леб по поскапа цена
Државниот пазарен инспекторат казни три фирми од Скопје и една Куманово поради продажба на леб по цена поскапа од 33 денари.
Александра Котели од ДПИ вечерва соопшти дека контроли биле извршени на десетици локации во секој град од државата, пришто биле воочени непочитувања на одлуката за замрзнувањето на цената на лебот.
„Направени се записници и изречени се парични казни од над 300.000 денари. Казните се многу високи, согласно законот за трговија, па и законот за заштита на потрошувачите, се движат од 500 до 10 000 евра по правен субјект или од 50 до 500 евра за одговорното лице“, изјави Котели.
Рече дека лебот е производ кој е неопходен во секојдневниот живот на граѓаните, па затоа апелираат на почитување на одлуката за цените.
Државниот пазарен инспекторат претходно денес образложи дека примарна цел на одлуката е сузбивање на профитерството во време на криза, и залагање за солидарност. Законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран, нагласија од пазарната инспекција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Давкова да ги помилува и затворените од случајот „27 април“, порача партијата на Љубчо Георгиевски
ВМРО-Народна на Љубчо Георгиевски упати апел од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да ги помилува и ослободи и затворените за случајот „27 април“.
Апелот на партијата која беше дел од владината коалиција преводена од СДСМ, е упатен како дел од празничката честитка по повод Денот на Македонската револуционерна борба. Во честитката меѓудругото се наведува и дека на овој ден се сеќаваме на патриотите и визионерите кои го отворија патот кон слободна Македонија. Нивниот непоколеблив дух и стремеж кон слободна држава, се додава, претставуваат темел врз кој е изградена нашата иднина и треба да ни служи како потсетник.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова претходно помилува десет осуденици, a решенијата беа објавени во „Службен весник“.
За помилувањата на Давкова се огласија и од СДСМ, од кадешто одлуките ги опишаа како скандалозни.
Македонија
(Видео) Кузеска: Давкова и ВМРО-ДПМНЕ ослободуваат криминалци и нарко босови
Опозициската СДСМ ги опиша како шокантни и скандалозни помилувањата на десет лица од страна на претседателката Сиљановска-Давкова.
Партиската портпаролка, Богданка Кузеска, вели дека Давкова помилувала осудени криминалци, дел од нарко кланови, уапсени во големи полициски акции со заплени на оружје, пари и дрога.
Како што рече Кузеска, најшокантно е помилувањето на припадници на криминалниот нарко-клан „Барон“, како и роднини на познатиот Шенки.
За дел од помилуваните, додава СДСМ, има основани индиции дека се вмешани и во други кривични дела и криминални пресметки, како што беше пукањето во Чаир.
Помилувани се и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талевски кој беше во затвор по пресуда за случајот „Транспортер“ и Марјан Ефремов, првоосомничен во аферата „Шпион“.
„Со овие скандалозни одлуки Давкова застана во заштита на криминалците и нарко клановите. Ова е погазување на правото и правната држава. Ова е силен удар врз безбедноста на граѓаните и врз работата на полицијата и надлежните институции. Сето ова се случува во време кога се загрозува безбедносниот систем и со партизација на Агенцијата за национална безбедност. Осудени криминалци треба да се соочат со правдата, а не да шетаат слободно и да хараат по улиците“, рече Кузеска.
Според опозициската партија, во услови кога на улиците има зголемени криминални пресметки, овие помилувања дополнително ќе ги охрабрат криминалците со што директно се загрозува безбедноста на граѓаните.
Македонија
Oбезбедени дополнителни 24.435.000 денари за чистење на депонијата во ОХИС
Владата на седница донесе Одлука, Министерството за животна средина и просторно планирање да ги префрли средствата наменети за чистење на контаминираната локација во ОХИС на сметката на Мулти-партнерскиот фонд за животна средина, во висина од 24.453.000 денари.
Од Министерството велат дека со ова, нашата држава ги исполнува обврските за обезбедување на средства на годишно ниво, согласно одлуката на Владата од 2013, на која се обврза дека со постепено одвојување на средства ќе го поддржи елиминирањето ка контаминираниот материјал од кругот на ОХИС.
Мулти-партнерскиот фонд за животна средина е фонд кој е формиран од страна на Владата со цел да се мобилизираат средства од повеќе извори за решавање на долгогодишниот проблем со историскиот отпад во кругот на ОХИС. За администрирање со средствата од овој фонд е задолжен УНОПС како имплементациона агенција која исто така има обврска да мобилизира дополнителни средства за комплетна ремедијација на малата депонија и изнаоѓање решенија за големата депонија, што е наведено во договорот за формирање на фондот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и УНОПС.
До сега се спроведени активности за чистење на малата депонија распределени на ЛОТ 1, ЛОТ 2, ЛОТ 3 и ЛОТ 4, согласно процедурите од јавна набавка објавена од страна на УНИДО и УНОПС.
Активностите на ЛОТ 1 започнаа во септември 2021 година, на ЛОТ 2 во јуни 2022 година, на ЛОТ 3 во јуни 2023 година и ЛОТ 4 во март 2024 година. Собраниот високо концентриран HCH отпад е транспортиран и уништен во погоните на Треди во Франција додека почвата контаминирана со HCH се транспортира во постројката Индавер во Германија.
Досега се транспортирани и уништени 1.932,35 тони високо концентриран HCH отпад и 586,37 тони почва контаминирана со HCH.
За реализација на активностите се изработени Планови за ремедијација за секој поединечен ЛОТ, доставени од страна на компанијата „Polyeco“ од Р. Грција, компанија кoja е избрана од страна на УНИДО и УНОПС преку постапка за јавна набавка.
Според досегашните испитувања, остануваат да се отстранат уште 300 тона високо концентриран HCH отпад и 1.500 тона почва контаминирана со HCH изомери.