Економија
Склучен меморандум за соработка меѓу Народната банка и Германското друштво за меѓународна соработка

Соработката меѓу Народната банка и Германското друштво за меѓународна соработка, која поблиску се воспоставува со склучениот меморандум, ќе придонесе кон натамошно јакнење на активностите за спречување перење пари и финансирање тероризам. Договорено е обезбедување финансиска поддршка за постојан пристап на овластените супервизори на Народната банка до меѓународната база на податоци, што придонесува за исполнување на законските надлежности на централната банка за лиценцирање и вршење надзор. На средбата на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Викторија Глигорова, генералната директорка на супервизија, со Давид Оберхубер, директорот на Канцеларијата на ГИЗ за Северна Македонија, и Илија Бундалески, советник во Глобалната програма за спречување нелегални текови на пари за Северна Македонија, стана збор и за следните чекори за натамошно унапредување на активностите за спречување нелегални финансиски текови.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека супервизорските овластувања на Народната банка, како една од институциите што придонесува во сферата на спречување перење пари, налагаат примена на одредени мерки и дејствата врз банки, штедилници, менувачници и даватели на услуги за брз трансфер на пари, како и на други финансиски институции што даваат платежни услуги за спречување перење пари и финансирање тероризам. Преку заемната соработка со ГИЗ, како и поддршката за поврзување на Народната банка со платформата, базата на податоци, супервизорите на Народната банка ќе имаат пристап до меѓународни извори на податоци за спречување перење пари и финансирање тероризам, првенствено до списоци со меѓународни санкции и до други релевантни податоци. Притоа додаде дека со меморандумот се овозможува зголемување на ефикасноста во примената на препораките и меѓународните стандарди, кои имаат цел да ги спречат овие незаконски активности и штетата што тие му ја предизвикуваат на општеството, донесени од глобалното набљудувачко тело за перење пари и финансирање тероризам – работната група за финансиски активности (ФАТФ).
Германското Федерално министерство за економска соработка и развој заедно со норвешкото Министерство за надворешни работи му овозможи мандат на ГИЗ преку глобалната програма за справување со недозволени финансиски текови да ги спроведе своите активности, со кои се обезбедува поддршка за зајакнување и развивање на глобалните, регионалните и националните системи за борба против незаконските финансиски текови. ГИЗ е активно ангажирано во Република Северна Македонија од 1992 година воспоставувајќи соработка со локалните партнери посветени на поддршка на реформските напори на земјата во ЕУ преку разни иновативни развојни пристапи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.