Економија
Објавен јавниот повик за финансиска поддршка на мали производители на вино
																								
												
												
											Во согласност со програмата за финансирање микроземјоделски производители на вино и алкохолни пијалаци за 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 32/23), Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска го објави јавниот повик за прибирање барања за финансиска поддршка за мали производители на вино со капацитет до 50.000 литри.
Предмет на овој јавен повик е неповратна финансиска поддршка за инвестиции во опрема, основни средства и услуги што имаат цел: остварување додадена вредност во примарното производство, развој на производи со традиционални карактеристики и зголемување на конкурентноста, како и развој на семејни бизниси од областа на производство на вино.
Право на учество на јавниот повик имаат земјоделски стопанства, кои се запишани во Единствениот регистар на земјоделските стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и се регистрирани како производители на вино во Регистарот на производители на вино при Министерството, со максимален капацитет на производство до 50.000 литри годишно.
Висината на финансиската поддршка во согласност со оваа програма изнесува до 600.000,00 денари од корисник, без вклучен ДДВ. Поддршката е наменета за трошоци за набавка на опрема за производство на вино (доработка и преработка на примарни земјоделски производи) во висина до 90 % од висината на вкупната поддршка и/или трошоци за ангажирање стручно лице (енолог) во висина до 10 % од вкупниот износ од висината на финансиската поддршка по корисник.
Барањето за грант заедно со другите документи дефинирани во повикот треба се доставуваат во затворен плик преку пошта на адреса: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, ул. Аминта Трети број 2, 1000 Скопје или со предавање во архивата на Министерството секој работен ден 9 до 15 часот. Барањето, деловниот план и изјавата за двојно финансирање за неповратната финансиска поддршка од програмата се во прилог на повикот и може да се обезбедат преку веб-страницата на Министерството: www.mzsv.gov.mk.
Право на учество немаат субјектите што биле корисници на финансиска поддршка и им биле доделени средства од програмата за финансирање микроземјоделски производители на вино од 2022 година.
Крајниот рок за доставување на барањата за финансирање е 30 дена од денот на објавување на јавниот повик на веб-страницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно заклучно со 1 април 2023 година.
Да потсетиме дека минатата година вкупно 59 мали винарници ја искористија оваа мерка и добија грант до 10.000 евра, поддршка со која го модернизираа и развија своето производство.
Повеќе информации за потребни документи, условите што треба да се исполнат, постапката и за начинот на избор може да се обезбедат од веб-страницата на МЗШВ на следниот линк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
														Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
														Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
														Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

