Македонија
(Видео) Ковачевски инфлуенсер на годината, Маричиќ турист на годината, а Груби најдобар агент со недвижности-Перформанс на УМС на ВМРО-ДПМНЕ

Доблеста и човековата големина се покажуваат со постапки и дела, а не со празни зборови, вели Младен Јаневски, претседател на Комисијата за животна средина на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Како политички активна младина, додава тој, го докажуваме ова, со тоа што се одлучивме да не бидеме некој што постојано ќе критикува, туку и некој кој ќе ја пофали успешноста, претприемачкиот дух и визијата за професиите на иднината.
„Македонија можеби навидум е мала земја, но истовремено е полна со таленти, кои ја открија тајната на успехот, збогатувањето во најбрз можен рок и оптимизацијата при користењето на социјалните мрежи. Можеби рафтовите со леб во маркетите се празни и народот нема со што да се прехрани, но една таква мала и неважна работа не смее да го засени фактот дека со само 26.000 евра, можат да се купат неколку стотина лајкови на Фејсбук. Наградата за инфлуенсер на годината, заминува кај премиерот Димитар Ковачевски – Таче, за најмногу пари инвестирани во развојот на културата на социјалните мрежи во Македонија“, истакна Јаневски.
„Можеби на планетата Земја има седум континенти и речиси 200 држави, но тоа не значи дека со силен коалициски капацитет, сервилност и злоупотреба на функцијата, светот не може да биде истражен. Наградата за турист на годината, оди кај вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој покажа дека дипломатијата е само споредна работа за еден светски патник како него.
Во фокусот на секоја успешна држава, каква што е Македонија во последните неколку години, е да се изградат што поголем број на згради и станови. Наградата за најдобар агент со недвижности, заминува кај првиот вицепремиер Артан Груби, за неговите лик и дело, и усовршувањето на преговарачките техники кои му ги донесоа најдобрите цени и зделки“ дополни тој.
Големината на еден човек, како што рече, се докажува и според способноста за лично докажување во повеќе сфери и области.
Според него, покрај успешната инфлуенсерска кариера што чини само 26.000 евра, премиерот-инфлуенсер докажал дека истовремено може да се биде и совршен менаџер.
„Во духот на Европскиот зелен договор, борбата против климатските промени и ургентната потреба за зачувување на планетата, на Димитар Ковачевски му се доделува и дополнителната награда за најдобар менаџер во полето на алтернативните извори на енергија. Семеен бизнис во тесна врска со коалициските партнери е она што и е потребно на Македонија за да обезбеди сигурна иднина“, вели Јаневски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Спасовски вели дека ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребува трагедијата во Кочани, тврди дека не се јавил да спречи контрола

Пратеникот на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска ги демантираше, како што вели, лагите изнесени на прес-конференција од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Најостро ги демантирам лагите и манипулациите коишто ВМРО-ДПМНЕ ги пласира. Ги отфрлам како целосни невистини. Ова е класичен пример за очајна манипулација. Никогаш, ниту во еден момент, не сум се јавил за да спречам контрола, напротив, фактот што контроли имало насекаде е најсилна потврда дека ниту сум влијаел, ниту постои било каков обид за тоа.
Овие лаги кои ги шири власта се очаен обид на ВМРО-ДПМНЕ за последна злоупотреба на трагедијата во Кочани за политички цели, во момент кога јавноста веќе знае дека токму нивни функционери, од сите ешалони на власта, биле директно инволвирани во случајот ‘Пулс’ а сега се заштитени.
Сакам да им порачам дека со спинови и лаги не може да се побегне од фактот дека власта ја попречува правдата за трагедијата во Кочани”, стои во објавата на Спасовски.
Претходно, Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција праша, дали Оливер Спасовски се јавувал во СВР Штип и барал да се р’же на полицијата во Кочани за спас на газдата на дискотеката Пулс? Што кријат ЈО и Коцевски?
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Спасовски го штител газдата на „Пулс“

Дали Оливер Спасовски се јавувал во СВР Штип и барал да се р’же на полицијата во Кочани за спас на газдата на дискотеката „Пулс“? Што кријат Јавното обвинителство и Коцевски? Овие прашања денеска на прес-конференција ги постави Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на информации, односно на наводна телефонска конверзација меѓу синот на сопственикот на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и извесно лице што викендов беа објавени од дел од медиумите.
Според Андоновска овие, како што ги нарече, фрапантни сознанија покажуваат вмешаност на врвот на претходната Влада на СДСМ со нелегалното работење на „Пулс“, каде во пожар на 16 март годинава загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
„Од конверзацијата се влече логичниот заклучок дека власта на СДС вешто го штитела газдата на „Пулс“, а во тоа биле вмешани и министри. Имено според објавеното во медиумите, на 17 февруари 2022 година, синот на газдата Дејан Јованов – Деко, Михаил, се јавува до извесна Бојана и ја известува дека Оливер Спасовски (тогашен министер за внатрешни работи) се јавувал во СВР Штип, за да ургира за дискотеката. И тоа со зборовите – ‘Оливер Спасовски се е јавувал у Штип у полицијата за нас’. По што Бојана го прашува Михаил зошто се јавувал Оливер Спасовски, дали за да ја намалат казната и за каква казна станува збор? По што Михаил ѝ кажува дека добил информација за казна која требало да им биде наплатена од УЈП, во висина од 40 000 евра ѝ дека ургенцијата била со цел да не им досадува полицијата. ‘И он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде … кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку… да се п….т“ завршува Михаил“, наведе Андоновска.
Во таа насока, таа го повика Јавното обвинителство и првиот човек на оваа институцијата, Љупчо Коцевски да кажат дали истражиле и дали го повикале ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на информативен разговор, дали е извршена проверка во полицијата во Штип и Кочани и дали постоела негова ургенција.
„Дали ЈО и Љупчо Коцевски постапиле според закон, или го кријат и штитат Оливер Спасовски? ЈО и Љупчо Коцевски да не молчат.Каква е улогата на Оливер Спасовски во заштитата на газдата на дискотеката ‘Пулс’ и работата на дискотеката?“, рече Андоновска.
Македонија
Докторот снимен додека „меша бело“ доби поддршка од колегите не Клиниката за неврологија

Колегите од Клиниката за неврологија преку писмо изразуваат поддршка на проф. д-р Игор Кузмановски како одговор на неодамна објавениот компромитирачки материал со кој, како што велат се дискредитира неговата личност и апелираат како што посочуваат, за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина. Кузмановски беше снимен како меша бела прашката материја, за која вели дека е „бело“ што асоцира на дрога.
Писмото ви го пренесуваме во целост:
-Ние, неговите колеги, ја изразуваме нашата професионална и човечка поддршка за Проф. д-р Кузмановски, кој во текот на своето долгогодишно раководење со клиниката, од 2012 -2017, комплетно ја реновираше клиниката, воведе поеќе дијагностички методи и иновативни тераписки процедури. Во секојдневната работа со пациентите и во комуникацијата со колегите, секогаш се однесувал со највисока стручност, одговорност и етичка посветеност. Ниту во еден момент не е забележано однесување кое би било недолично, несовесно или спротивно на професионалните стандарди.
Дури и во ситуации кога се појавуваат сомнежи или јавни дискусии за постапки кои би можеле да се толкуваат како спротивни на моралните и етички принципи на докторската професија, неговото професионално функционирање останува непоколебливо, водено од интегритет и грижа за пациентите.
Во духот на медицинската етика и човековото достоинство, сметаме дека секој поединец, особено во моменти на јавна изложеност и лична ранливост, заслужува поддршка, разбирање и соодветна психосоцијална помош. Наместо осуда, неопходно е да се поттикне сочувство – не само кон професионалецот, туку и кон неговото семејство, кое невино се соочува со последиците од јавната реакција.
Со ова писмо апелираме за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина, стои во писмото со поддршка за проф. д-р Кузмановски од колегите од Клиника за неврологија.