Македонија
Зечевиќ: Жената е херој, ние сме нејзиниот глас и поддршка
Жената е херој и има посебна симболика кога ова го говорам во Прилеп – Градот херој, затоа што жените-хероини од Народно ослободителната борба, беа рамноправни партизани и родољуби, храбри и пожртвувани, еднакви и силни, кои со пушки в рака беа на браникот на татковината, порача генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ Вардарски на Осмомартовскиот марш на Форумот на жени на СДСМ.
“Оваа саможртва е драгоцено наследство и нè задолжува сите нас многу повеќе да бидеме гласноговорници за родовата еднаквост. Треба повеќе да зборуваме и да делуваме за нашите секојдневни жени-хероини, знајни, но многу повеќе незнајни. Нив ги среќаваме дома, на работа, на улица, во продавница, тие се тие кои водат секојдневни човечки битки за себе, за семејството, за своите блиски. За жал, за нив малку се говори. Затоа, ние цврсто стоиме зад нив. Нашите политики стојад зад нив. Ние, социјалдемократите, сме нивниот глас, нивната поддршка, како што тие се наша инспирација и поддршка, секој ден“ истакна генералниот секретар.
Посочи дека СДСМ го слуша и цени гласот на жената и постојано работи на унапредување на роводата еднаквост.
„Конечно, ние жестоко верувааме во важноста на учеството и застапеност на жената во политичките процеси! Женските гласови мора да се слушнат во процесите на донесување одлуки на сите нивоа, од локална до централна власт. Ова значи зголемување на бројот на жени на избрани позиции и обезбедување дека нивните перспективи се сфаќаат сериозно. Сето ова, ние го спроведуваме во политиките на СДСМ како организациски и програмски стандарди. И постојано ги подигаме тие стандарди“ порача Зечевиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

