Македонија
Арсовска, која можеше без приватни превозници, распиша нов оглас, отворен е до 21 март
Град Скопје го распиша огласот со кој ќе ангажира приватни превозници за транспорт на патници во градот иако пред половина месец градоначалничката Данела Арсовска тврдеше дека и без нив се може. Огласот е за 16 линии, и тоа со број 9, 11, 11А, 12, 19, 20, 22, 23, 45, 47А, 52, 54, 55, 61, 63 и 73. Отворањето на поднесените понуди ќе биде на крајот од март. Огласот, пак, е активен до 21 март. Критериумите за да бидат избрани се возниот парк, човечките ресурси, логистиката, искуството.
„Пакетите на линии утврдени во овој оглас се доделуваат за период до две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години. Постапката за доделување на пакетите на линии и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници во градот Скопје ќе ја спроведе комисија формирана од градоначалникот на град Скопје. По завршување на постапката, градоначалникот донесува решение за секоја линија од доделениот пакет. Град Скопје и избраниот подносител на пријава склучуваат договор, кој е составен дел од документацијата за јавниот оглас“, стои во огласот.
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, на почетокот од годинава елаборира пред медиумите на тема распишување оглас за приватни превозници. Тогаш беше децидна дека се може и без приватните автобуси на скопските улици.
„Град Скопје може и без приватни превозници, го организираме јавниот превоз, правиме реформа на јавниот превоз, ќе влеземе во процедура и за набавка на нови автобуси, на нови еколошки автобуси, нешто што е поддржано и од Советот на Град Скопје за в година“, рече Арсовска на 12 јануари.
Договорот за нов оглас, на кој ќе се пријават превозниците, падна минатата недела. Засега не се знае како ќе им се исплати долгот од 1,5 милион евра, што ЈСП го има кон нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претежно сончево со мала локална облачност, температури до 40 степени
Претежно сончево со мала локална облачност и многу топло со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 21, а максималната ќе достигне од 34 до 40 степени. UV=9
Во Скопје сончево и многу топло со мала облачност и со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 40 степени.
Нашето подрачје и понатаму ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса од југ поради што времето ќе биде претежно сончево и натпросечно топло. Утринската температура наместа нема да се спушта под 20 степени, а максималната дневна насекаде ќе биде над 30, а наместа и 40 степени. Недела попладне ќе услови за локална појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Македонија
Зголемена фреквенција за излез од државата, се чека околу 45 минути
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини Богородица, Дојран, Меџитлија и Табановце има зголемена фреквенција за излез од државата, времето на чекање е околу 30 – 45 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Жикол Дооел Струмица известува дека поради вршење на градежни активности на објект: Реконструкција со проширување на регионален пат Р1109 делница Понов мост – влез во Богданци, сметано од 24.06.2024 година ќе биде поставен времен режим на сообраќај.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје денеска и утре
Денеска и утре, по повод верскиот празник Задушница, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот.
Имено, од 6 часот денеска и утре, сообраќајот кон Градските гробишта „Бутел“ ќе се одвива во една насока (кружно), односно сите возила ќе се упатуваат по улицата Бутелска, лево по улицата Александар Урдаревски, лево по улицата Боца Иванова и десно до влезот на гробишта „Бутел“, а за излез од гробиштата десно по улицата Боца Иванова до кружниот тек на улицата Бутелска, па лево по улицата Бутелска и десно по улицата Кемал Сејфула.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во околината на гробишта „Камник“ и во Ѓорче Петров. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.