Македонија
(Видео) Марјан од „Доказ М“ седна наспроти жртвите во Кривичен суд, јавноста исклучена оти ќе се изнесуваат детали за нивните приватни животи
Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“, седна на обвинителна клупа. Тој од затворот во Шуто Оризари беше спроведен во Кривичниот суд, каде што му се суди за повеќе дела. Тој седна спроти шесте оштетени за кои Обвинителството рече дека биле цел на Стаменковски. Меѓу нив се и новинарката Валентина Вурмо и уредничката Ирена Мулачка од „Фокус“. Судијката Марија Клетничка-Марковска ја исклучи јавноста по барање на обвинителката.
„Предлагам судот да ја исклучи јавноста во овој предмет од отворањето на заседанието до завршување на главната расправа, станува збор за кривични дела против моралот. А исклучувањето на јавноста е потребно заради заштита на приватниот живот на оштетените и сведоците бидејќи се очекува изнесување интимни односи, односно детали за животот на оштетените. Затоа Обвинителството смета дека е потребна заштита на оштетените и на сведоците, кои се во поголем број, а преку интернет-порталот биле подложни на говор на омраза“, рече обвинителката Зорица Павловиќ.
Судијката Марија Клетничка-Марковска одлучи да ја исклучи јавноста.
„Се прифаќа предлогот на јавниот обвинител да се исклучи јавноста во текот на целата главна расправа заради заштита на приватниот живот на оштетените“, рече судијката.
Скопското Обвинителство поднесе обвинение против Стаменковски за кривично дело уцена, но и за две кривични дела – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело – пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело – злоупотреба на лични податоци.
„Така, во периодот од 10.1.2023 година до 2.2.2023 година, обвинетиот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал на еден оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест. Преку социјална мрежа обвинетиот стапил во контакт со оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб-порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му исплати парични средства. Кога оштетениот одбил средба, на интернет-порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои обвинетиот им наштетил на угледот и честа на оштетениот. На тој начин обвинетиот се обидел да стори кривично дело уцена“, објаснија од Обвинителството.
Обвинителството бараше продолжување на притворот за да се заштитат жртвите.
„Со оглед на тоа што сè уште постојат основите поради кои претходно беше определен притворот, особено имајќи ги предвид начинот на извршување на делата и потребата да се заштитат жртвите, кои во подолг временски период биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку интернет-порталот, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје достави и предлог за продолжување на притворската мерка“, додаде Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Зелен хуман град“ бара ургенција од Град Скопје за постапката против Цементарница Усје
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ испрати барање до Град Скопје како подносител на кривичната пријава против Цементарница Усје АД Скопје, поднесена во 2023 година, да достави ургенција до Јавно обвинителство со цел да се добие информација за статусот и фазата на постапката.
Од иницијативата бараат Обвинителството да одговори дали постапката е во тек, дали е привремено запрена и кога се очекува да продолжи, како и причините за таква одлука, односно дали е трајно запрена и со кое образложение.
„Зелен хуман град“ оценува дека усвојувањето на заклучокот со кој Советот на Град Скопје ја издвоил Цементарница Усје како најголем загадувач и препорачал нејзина дислокација до органите на централната власт е позитивен почетен чекор, но, според нив, тој не е доволен сам по себе.
Од иницијативата посочуваат дека Градот Скопје, како подносител на кривичната пријава, има обврска активно да се залага постапката да не запре и да биде изречена соодветна казна.
Во барањето се наведува и потребата од воведување 24-часовен мониторинг на индустриското загадување, кој, како што посочуваат, веќе е достапен за јавноста во реално време, како и третирање на условите од Најдобрите достапни техники на Европската Унија од 2013 година за цементната индустрија како минимални стандарди во Македонија.
Иницијативата повторно побара дислокација на Цементарница Усје надвор од Скопје.
Македонија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ дизелот поскапува за еден денар, додека цената на бензините ќе остане иста, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 27.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 72,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 74,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 67,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 66,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,099 (денари/килограм)
Со новата одлука, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат, малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1 денар за литар.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,112 ден/кг и сега ќе изнесува 33,099 ден/кг.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и Филипче живеат во измислен универзум, се надеваме дека ќе се обратат кај лекари
Заврши опседнатоста на СДС со Александар Вучиќ и соседна Србија, сега си најдоа нова опсесија. Откако со недели и недели ја труеја македонската јавност со соседната земја, до степен човек да не можел да ги разликува дали биле опозиција во Србија или пак во Македонија, сега отидоа малку по на север и се фатија со Унгарија, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес – конференцијата на Јон Фрчкоски од СДСМ.
„СДС на чело со Венко Филипче, очигледно, живее во некој паралелен, измислен, универзум штом со ништо друго не се занимаваат освен со теории на заговор, дека се е против нив, небаре се центар на светот. Ваквите состојби кај луѓето бараат професионален третман од стручни медицински лица, за што се надеваме дека ќе се обратат кај лекари и побрзо ќе ја надминат ситуацијата. Или пак, ваквата нивна илузија е нивен свесен чекор, за да избегаат од реалните проблеми и состојби во самата СДС, само и само да не му се загрози претседателското столче на Филипче, за што има се погласни повици да си замине од партијата, која ја имаат заробено со кланот Дубаи“, пишува во реакцијата.
Кога сме кај кланот Дубаи и Зоран Заев, додава ВМРО-ДПМНЕ, ги прашуваме СДС добри ли му беа Виктор Орбан и Унгарија за време на седумгодишното владеење кога реализираа бројни средби во Македонија и Унгарија со високи делегации, кога лично Заев изразуваше голема благодарност кон унгарската Влада за соработка и помошта која му ја даваа на нашата држава.
„Наместо да лутаат како безидејни, што и се, им препорачуваме што побрзо да си погледнат во сопствениот двор и да се зафатат со решавање на внатрешните проблеми, зошто никој на СДС и Венко Филипче не им е крив за проблемите во партија, освен тие самите кои не слушаат никого, ни членство, ни поддржувачи, туку си тераат по свое. Дополнително прашуваме, каде во свет лице фатено на дело да шмрка кокаин, дели лекции за морал?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

