Македонија
(Видео) „Ги елиминираат сите што не се истомисленици“, Максим Димитриевски со жестоки критики за СДСМ, Спасовски, Османи, Бугарија
Во интервју за „Макфакс“ градоначалникот на Куманово и поранешен член на СДСМ зборува за случувањата во партијата на власт, за конфронтацијата со тогашните сопартијци и за неговото исклучување од партијата, но и за појавата на узурпаторите, како што вели, на одредена група луѓе што ја злоупотребуваат партијата, а со цел да се самозаштитат и да ги елиминираат сите оние што не се нивни истомисленици.
„И денеска има голем број членови во СДСМ, кои се разнебитени, оставени сами на себе. Во моментот се случува тоа и тој процес не запре“, потенцира Димитриевски за „Макфакс“.
Додава дека е разочаран од експретседателот Зоран Заев по поддршката, но и жртвата што била дадена на т.н. крвав четврток.
„Сам против сите“, како што појаснува, влегува во непопуларна кампања.
„Многумина од нас крвавевме за Заев и голем број од нив денеска, за жал, се разочарани“.
Имало обиди, посочува Димитриевски, да го вратат во партијата, но истакнува дека не му е местото помеѓу тие луѓе што го уништиле неговиот СДСМ.
„Многу поединци што менаџираат се гладни за власт, не им се важни принципите, подготвени се да прегазат сè пред себе“, истакнува тој.
Има ли пазар во дипломатијата, за работата на Османи и Спасовски, за односите меѓу Македонија и Бугарија и слично, Максим Димитриевски во интервју за „Макфакс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

