Македонија
ЗНМ во Брисел ги пренесе барањата од новинарскиот протест
Безбедни новинари и сниматели, крај на неказнивноста на напаѓачите врз новинарите, крај на агресивниот пиар на Владата и на омаловажувачкиот однос на политичарите кон медиумските работници, итно формирање фонд за квалитетни медиумски продукти, беа дел од темите што претставниците на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги истакнаа за време на посетата на Европскиот парламент и Европската комисија во Брисел.
Денеска и утре, претставници на ЗНМ во Брисел имаа директни средби и разговори со пратеници од Европскиот парламент и вработени лица од Директоратот за проширување при Европската комисија на теми поврзани со правата на новинарите во Македонија и условите во кои работат медиумите.
Како важни прашања за евроинтеграцијата на државата беа посочени неколку конкретни работи, и тоа: прво, законскиот контекст и (не)имплементацијата на медиумските закони, второ, економскиот статус на медиумите и новинарите како предизвик во вршење на нивната работа, трето, прашања поврзани со безбедноста на медиумските работници и, четврто, можноста да се формира фонд за новинарски продукти.

Претставниците на ЗНМ, Младен Чадиковски и Драган Секуловски, и пратеникот Илхан Ќучук, кој е известувач за Македонија во Европскиот парламент, се согласија дека се потребни итни чекори за подобрување на состојбите за што новинарската заедница, како што беше речено на состанокот, има поддршка од Европскиот парламент. Новодонесените закони, кои се важни за медиумските работници, како што се Законот за граѓанската одговорност од клевета и навреда и Законот за измена на Кривичниот закон, се позитивни чекори, но не смее да се дозволи да има уназадување во другите процеси важни за слободата на медиумите, беше истакнато на средбата.
Се одржа и средба со претставникот на Европската комисија, Виктор Тилев, при што се оцени дека пред земјата стојат многу предизвици од аспект на новинарските прашања во областа на сите теми што се наметнати.
Европските претставници се согласија некои од овие барања да ги адресираат и како дел од идните активности на Брисел со Скопје.
Посетата на ЗНМ беше во рамките на редовните активности на мрежата SafeJournalists, која застапува повеќе од 8.200 медиумски работници во Западен Балкан, во која, освен ЗНМ, членки се здруженијата на новинарите од Белград, Приштина, Сараево, Загреб и новинарскиот синдикат од Подгорица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
18-годишникот кој усмрти жена во Капиштец избега од државата, МВР распиша потерница
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишникот кој прегази жена во Скопје и избега од местото на настанот. Според најновите информации, тој избегал и од државата.
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според истрагата, на 9 јануари, Саитов со „фолксваген пасат“ се движел по улицата „Народен фронт“ без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. По несреќата, тој избегал.
фото/МВР
Македонија
Ѓорѓиева: Со измените на Кривичниот закон се враќа правдата во државата
Весна Ѓорѓиева, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати денес на 80-та седница во Собранието на која се расправаше и Предлог на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, при што истакна дека измените се однесуваат на суштинското прашање, а тоа е да ја вратат правдата и функционалноста на системот преку појасни одредби. Според неа, без функционален и праведен систем не може да постои ниту стабилна држава, ниту сигурност за граѓаните.
,,Нашите граѓани ќе ја гледаат сигурноста кога ќе биде сигурен правниот систем во државата“, рече Ѓорѓиева.
Таа се осврна на членот 353 од предлог законот, со кој како што посочи, се враќа суштината на кривичното дело злоупотреба на службена положба.
,,Се враќа суштината на злоупотреба на службена положба, пречекорување на овластувањата или неизвршување на службена положба. Со овој закон се распушта претходниот закон во 2023 година кој беше донесен од СДС и ДУИ, каде што беше разводенет, односно каде што казните беа намалени, дејствијата беа потешко докажливи, а роковите за застареност беа скратени“, истакна Ѓорѓиева.
Според неа, законот не е наосочен против оние кои работат чесно, туку против корупцијата и злоупотребата на службената положба.
,,Држава без кривичен закон е како држава без рбтет. А држава без рбет секој може да ја скрши. Почитувани граѓани, овој закон е порака до секој што мисли дека државата е приватен бизнис, овој закон е порака дека времето на неказнивост завршува и да, можеби на некому тоа не му одговора, но на народот тоа му одговара, и тоа го бара од нас“, вели Ѓорѓиева.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.

