Македонија
Пенов: Заедно со ЕУ прекугранично ќе ја подобруваме пожарната заштита во Северна Македонија и Албанија
Подобрување на системите за заштита од пожари и одговор во соработка со соседните општини од Македонија и Албанија е проект што треба да се реализира до август 2024 година, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, при денешната посета на новиот прекуграничен проект „Прекуграничен противпожарен штит“, поддржан од Европската Унија преку ИПА-програмата за прекугранична соработка и има вкупен буџет од 859.196 евра, а водечки партнер е Општина Врапчиште.
„Проектот ќе придонесе за заштита на животната средина и спречување шумски пожари во прекуграничната област, што е од клучно значење за зачувување на нашите природни ресурси и обезбедување на безбедноста на нашите граѓани. Овој проект ја покажува посветеноста на Северна Македонија и Албанија да работат заедно кон заеднички цели и да ги зајакнеме нашите врски како соседни земји. Министерството за локална самоуправа ќе ги покрие трошоците од македонската страна во висина од 15 отсто“, рече министерот Пенов.
Проектот ќе вклучи заеднички напори од три општини – Врапчиште и Боговиње во Македонија и Церик во Албанија во соработка со невладината организација „Каритас“ во Албанија, со цел да се придонесе за заштита на животната средина во прекуграничната област преку надградба на јавната инфраструктура за управување со ризици.
„Ги повикувам сите вклучени страни да соработуваат тесно и активно да се вклучат во проектот за да се осигуаат дека тој ќе ги постигне своите цели и ќе донесе трајни придобивки за прекуграничниот регион. Време е да работиме заедно за да ја заштитиме нашата животна средина и да ги заштитиме нашите заедници од катастрофалните ефектите од шумските пожари“, додаде тој.
Како дел од проектот, ќе се развие и ќе се спроведе заеднички план за управување со ризик за заштита од шумски пожари и пожари и стандардни оперативни процедури. Ќе се гради и нова противпожарна станица за новоформираното меѓуопштинско одделение за противпожарна заштита, а ќе се набави и специјално возило за гасење шумски пожари за противпожарната станица Врапчиште-Боговиње. Дополнително, во меѓуопштинското одделение за противпожарна заштита ќе бидат вработени, обучени и опремени 9 пожарникари, а зголемени капацитети за одговор при елементарни непогоди ќе имаат 23 пожарникари преку граница.
„Овој проект е одличен пример за посветеноста на Европската Унија за промовирање на регионалната интеграција, развој и кохезија. Проектот ќе помогне да се зајакнат односите и да се промовира соработката и солидарноста меѓу соседните земји, а истовремено да се подобрат системите за заштита од пожари и одговор во корист на двете заедници и животната средина“, заклучи министерот.
Тој додаде дека ќе биде купена специјална опрема за одговор при природни катастрофи за противпожарната единица во Церик, а ќе биде воспоставен и опремен доброволен систем за одговор при природни катастрофи од 20 лица, во кој ќе бидат вклучени пензионираниот воен персонал и локалното население од руралните области во прекуграничниот регион.
Понатаму, 8.200 основци ќе ја подигнат свеста за превенција од шумски пожари и последиците од шумските пожари врз животната средина, а ќе бидат поставени и аларми за пожар во 3 основни училишта. Повеќе од 25.000 рурални домаќинства и над 110.000 луѓе од руралните области на прекуграничната област исто така ќе ја подигнат свеста за превенција од пожари и шумски пожари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ го одбележува 60-годишниот јубилеј на хидроелектраната „Глобочица“ – шест децении енергија, традиција и напредок
АД ЕСМ и подружницата ХЕС „Црн Дрим“ денеска свечено го одбележаа големиот јубилеј – 60 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната „Глобочица“, капитален проект од непроценливо значење за македонскиот електроенергетски систем.
Хидроелектраната „Глобочица“, дел од хидросистемот „Црн Дрим“, е пуштена во работа на 4 ноември 1965 година. Со инсталирана моќност од 42,5 MW, таа во изминативе шест децении произведе повеќе од 10.367 GWh електрична енергија, Средното годишно производство изнесува 175 GWh, а максималното е забележано во 2010 година – 292 GWh.
Во рамките на развојните програми на компанијата, „Глобочица“ претрпе повеќе ревитализации, со што нејзината првична инсталирана моќност е зголемена за дополнителни 9 MW. Денес, електраната претставува пример за успешно спојување на инженерската визија и одржливиот развој, обезбедувајќи чиста, обновлива енергија и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Во рамките на Свечената академија, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев најави капитален проект кој ги опфаќа хидроелектраните Глобочица и Шпилје.
„До крајот на годинава очекуваме почеток со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“ – Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на вкупното производство од хидроенергија за 50 GWh, годишно. Од реализацијата на овој проект, најголема придобивка ќе имаат токму ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“. Со овој зафат, гарантираме продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении“ нагласи Узунчев.
Директорот на Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски, во своето обраќање пред присутните нагласи:
„Денес славиме 60 години од првите киловат-часови произведени во ХЕ „Глобочица“ – електрана која не е само инженерско чудо, туку и симбол на визија, истрајност и иновативен дух. „Глобочица“ е животна лекција дека човечката визија и природата можат хармонично да соработуваат. Оваа електрана останува трајно сведоштво за силата на знаењето, посветеноста и трудот на генерациите што ја создадоа и ја одржуваат.“, рече Божиновски.
АД ЕСМ и ХЕС „Црн Дрим“ изразуваат искрена благодарност до сите поранешни и сегашни вработени, инженери и техничари кои во изминатите шест децении го вложиле своето знаење и труд во развојот и одржувањето на хидроелектраната „Глобочица“.
Компанијата останува целосно посветена на својата зелена агенда – модернизација и изградба на нови обновливи извори на енергија, кои ќе обезбедат стабилна и одржлива енергетска иднина за Македонија.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

