Македонија
Жените поретко предизвикуваат сообраќајни незгоди со фатални последици

Жените поретко предизвикуваат сообраќајни незгоди со фатални последици и не се многу склони кон брзо возење или возење под дејство на алкохол, покажува статистиката на која укажа Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот по повод Денот на жената, 8 Март.
Од Советот велат дека и покрај многуте примери за жени што се успешни во сите сфери на општественото живеење, некои од жените возачи се чувствуваат ранливи и несигурни во сообраќајот и пристапуваат особено внимателно имајќи ги предвид можните опасни ситуации.
Ова, пред сè, се однесува на ситуации во врска со одржувањето на возилото во исправна состојба, несакани дефекти за време на возењето, личната безбедност. Истовремено, како што велат од Советот, жените возачи се покажуваат како одлични планери на патувањата и земаат предвид многубројни околности, кои може да влијаат на безбедното возење, со што придонесуваат за зголемување на безбедноста во сообраќајот воопшто.
Статистиката укажува и дека поголем е процентот на жени што се жртви или повредени во сообраќајни незгоди. Затоа, РСБСП повикува на внимателност кај секој учесник во сообраќајот, а во пресрет на празникот 8 Март на жените возачи им препорачува: да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да се грижат за сите учесници во сообраќајот, да користат сигурносен појас, да возат според пропишаната брзина, да избегнуваат да пушат и да зборуваат на мобилен телефон додека возат, почесто да ја проверуваат исправноста на возилото, да бидат посигурни во себе и во своите возачки способности.
Од 2021 година 55 новинарки за автомобилизам од 40 земји од светот го предложија 24 Јуни за Меѓународен ден на жената возач. Овој празник има цел да го привлече вниманието кон важноста на жените во автомобилскиот свет и зголемената улога на жените во искажувањето на своите мислења и искуства за автомобилите на социјалните мрежи.
Претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска, апелира: Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, возете совесно, одговорно и со верба во себе. Покажете дека сте пример за успешност во семејството, на работно место и во сообраќајот на патиштата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денеска топол ден низ цела Македонија

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека денеска нѐ очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер, а долж Повардарието повремено ќе дува и засилен северен ветер.
Минималните утрински температури се движат од 8 до 18 степени, додека максималните ќе достигнат од 26 до 33 степени Целзиусови. Метеоролозите најавуваат стабилни услови во текот на целиот ден.
Во Скопје, времето исто така ќе биде сончево и топло. Ќе дува умерен, а во одредени делови од котлината и повремено засилен северен ветер. Температурата во главниот град ќе се движи од 14 до 31 степен.
„Очекуваме стабилно време и во следните денови, со претежно сончеви периоди и температури кои ќе останат високи за овој период од годината“, велат од УХМР.
Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ ги објави имињата на уште осум кандидати за градоначалници

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва во Штип определи уште осум кандидати за градоначалници за претстојните локални избори.
ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да му предложи на Централниот комитет.
1. Македонски Брод – Жарко Ристески.
2. Могила – Драганчо Саботковски
3. Пробиштип – Тони Тоневски
4.Богданци – Марјан Пеев
5. Демир Капија – Наталија Димитриева
6. Росоман – Ѓорги Крстевски
7. Новаци – Стевче Стевановски
8. Дебарца – Златко Силјановски
Пратеникот Антонијо Милошоски по состанокот изјави дека овие 8 кандидати за градоначалници се одговорни, исполнителни личности кои што својата активност ја докажале не само во рамките на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ туку имаат углед и во самите општини. Ним ќе им биде препорачано во следниот период, да си отворат што поголема комуникација со локалните граѓани во општините за да може да поработат директно на терен за составување на програмата која што е потребна за локални избори.
Централниот штаб ќе биде на располагање заедно со еден тим кој што ќе биде формиран за локалните избори, да им помогне за одредени проекти, кој што се од поголемо капитално значење за Македонски брод, Могила, Новаци, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Росоман и Дебарца.
„Цениме дека со овие 8 вечерва објавени кандидати за градоначалници и претходните 25, ВМРО-ДПМНЕ со самодоверба чекори кон локалните избори бидејќи сме единствената партија која што во моментов има обзнането имиња на 33 кандидати за градоначалници за кои што сметаме дека се на добар пат и да ја добијат довербата на граѓаните“, рече Милошоски.
За оние кои што се актуелни градоначалници, партијата смета дека дека со досегашната работа, ќе имаат добар кредит да ја добијат и понатамошната доверба.
Македонија
СДСМ: Јавното обвинителство се обиде да ја релативизира одговорноста на актуелните функционери

Според СДСМ, со денешната прес-конференција, Јавното обвинителство уште еднаш потврдило дека постои сериозен обид да се минимизира и релативизира одговорноста на носителите на актуелни функции и институции поврзани со трагедијата во Кочани.
Од опозициската партија велат дека наместо да се лоцира институционалната одговорност и да се повикаат на одговорност директорите на Државниот пазарен инспекторат, УЈП и други релевантни органи кои имаа обврска да постапуваат, фокусот се префрла на индивидуални случаи и на маргинални групи, избегнувајќи ја суштината – зошто и како фирма увезувала и со месеци продавала опасна пиротехника без дозвола, и кој тоа го дозволил.
Дополнително, како што се додава, наместо да се отворат посебни истраги за секој аспект од случајот – за незаконскиот увоз, за институционалниот надзор, за реакцијата на полицијата и за конкретните пропусти на диското, Обвинителството сѐ спакува во еден предмет, со што ризикува да се развлекува постапката со години, па дури и децении. Со ваков пристап, правдата станува недостижна – а тоа е неприфатливо.
„Сериозно прашање е и одлуката приведените полицајци и полициски функционери, кои биле одговорни кобната вечер, да се пуштат на слобода со мерки за претпазливост. Особено загрижува фактот дека двајца од нив биле пресретнати на пат кон граница со Бугарија, што отвора сомнеж за можно бегство и криење на вината.
СДСМ уште еднаш потенцира – без целосна и непристрасна истрага, без одговорност за институциите и носителите на функции кои затаиле, нема да има вистинска правда за жртвите и нивните семејства.
Граѓаните гледаат. И со право очекуваат правда“, се додава во партиското соопштение.