Македонија
Тренчевска: Вие го поставивте темелот, а ние не застануваме, продолжуваме до целосна родова еднаквост во општеството
Министерството за труд и социјална политика во знакот на 8 март, организираше дружење со пензионерките во Клубот на пратеници.
По тој повод министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска честитајќи им го празникот на жената се заблагодари на сите заложби кои овие жени – херои на ова време, ги направиле во годините наназад, но и неуморно продолжуваат со своите активности, помагајќи им на другите.
„Нема поубаво одбележување на Денот на жената – 8 ми март од тоа да го посветите на жените кои го граделе нашето општество и благодарение на нив денес ние ги уживаме придобивките од нивниот труд. Токму вие сте нашите херои, затоа што го трасиравте патот по кој денес чекори современата жена. Вие бевте тие кои се изборивте за правото на жените да го употребат својот потенцијал. Вие покажавте дека, жената не постои само за да ја гледа куќата и децата, туку дека таа може многу повеќе, таа може и сака да се образува, да има и професија, да заработува и придонесува за семејството, а истовремено и да ги извршува и домашните обврски и се грижи за правилен раст и развој на децата. Покажавте дека, жената може подеднакво да работи професии како и мажот на работни позиции кои претходно се сметаа само машки. Покажавте дека, жената треба да се почитува и нејзиниот труд да се вреднува. Покажавте дека жената е силна и храбро знае да се соочува со предизвиците кои излегуваат на патот кон нејзиниот успех,“ порача Тренчевска.
Таа порача дека, она на кое треба да работиме е да продолжиме по истиот пат.
„Да ги воспитуваме нашите деца, внуци, ученици и млади дека родовата димензија е клучна за изградба на општество со еднакви можности и еднакви шанси за сите, без разлика на полот, со акцент на способностите и вештините кои личноста ги поседува. Да ги негуваме вистинските вредности, хуманоста, разбирањето, соживотот, љубезноста. Да потсетиме дека семејството и блиските се најважни, дека вистинската среќа доаѓа одвнатре,“ потенцираше Тренчевска.
Им порача на пензионерките дека како министерка за труд и социјална политика, ќе продолжи да се бори за унапредување на квалитетот на живот на сите пензионери.
Претседателката на Сојузот на пензионери на Македонија , Станка Трајкова истакна дека е навистина голема чест и задоволство заедно да се одбележи овој ден со историски датум.
„Симболиката на 8март е всушност време и простор да се актуализираат потребите и можностите на жените за еднакви права и можности. Да се заблагодариме на нашите претходнички и да порачаме дека ние жените сме со голем потенцијал, затоа што можеме да работиме многу работи истовремено,“ рече Трајкова.
Таа истакна дека од 53 здруженија на пензионери има само 5 жени претседатели, нешто што треба да се смени и да се вклучат повеќе жени во раководните позиции на здруженијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајна несреќа на патот с.Караорман – Штип, сообраќајот во прекин
Од 19:35 часот во прекин е сообраќајот на регионалниот пат с.Караорман – Штип поради сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Станковиќ: Буџетот за 2026 година е реален и има мерки за самовработување и сузбивање на сивата економија
На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ кој истакна дека буџетот е изготвен врз основа на реални економски показатели и дека проекциите на приходната страна се остварливи.
Станковиќ посочи дека растот на планираните приходи е резултат на подобрена наплата на царини и концесии како и на позитивните трендови кај активните мерки за вработување.
„Првата работа околу буџетот кога го анализираме и гледаме треба да ја видиме приходната страна, значи се предвидува еден буџет од 374,9 милијарди денари и е за 6% поголем од средствата кои предвидела државата да ги собере во буџетот во 2025 година. Сметам дека овие средства се реални да се соберат, земајќи ја во предвид 2025 година, каде што имавме сериозно зголемување на наплатата на царини, концесии, пред неколку дена се случи една позитивна вест а тоа е видовме каков е интересот на граѓаните за сите оние мерки кои ги предвидува Владата за самовработување, 6045 апликанти тоа значи дека во наредната 2026 година по основ на вработување можеме да очекуваме поголеми приливи, тоа ни дава за право дека овие средства кои ги предвидува Владата на Република Македонија се остварливи“, рече Станковиќ.
Тој нагласи дека Владата активно работи на сузбивање на сивата економија, истакнувајќи дека се спроведуваат активности со цел да се намали загубата на јавни приходи и да се зголеми финансиската дисциплина.
„Втората работа, веќе се работи сериозно на намалување на сивата економија, огромни средства од 600 до 700 милиони евра на годишно ниво се одлеваат на сивата економија. Мораме да ја сузбиеме сивата економија и оваа Влада прави сериозни напори за сузбивање на сивата економија. Првата работа воведувањето на е-фактурата е една од тие мерки којашто ни овозможува да ја контролираме сивата економија во државата. Второ институциите почнуваат да даваат резултати“, вели Станковиќ.
Македонија
Сиљановска-Давкова го одликуваше генерал-мајор Грегори Најт, командантот на Националната гарда на Вермонт со Орден за воени заслуги
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свечена церемонија го одликуваше генерал-мајор Грегори Најт, командант на Националната Гарда на Вермонт со Орден за воени заслуги
Генералот Најт го добива високото македонско одликување за неговиот особен придонес во воената соработка и продлабочувањето на македонско-американското пријателство.
Доделувајќи го орденот, претседателка Сиљановска-Давкова посочи дека лидерството и посветеноста на американскиот генерал-мајор Најт, помогнаа да се создадат бројни генерации на одлично обучени македонски офицери, подофицери и војници.
Таа потсети дека Националната гарда на Вермонт веќе три децении ги поддржува македонските воени сили, како квалификуван, искусен и посветен партнер во обуки, но и како доверлив сојузник на патот кон мирот, стабилноста и демократијата.
Врачувајќи му го орденот на генерал-мајор Најт, претседателката рече дека оваа државна награда не е само израз на благодарност за неговата неуморна и вредна работа, туку и на нашата почит кон вредностите коишто тој ги персонифицира: дигнитет, интегритет, кредибилитет, дисциплинираност, храброст, емпатија, моралност.
Генерал-мајор Грегори Најт, на церемонијата нагласи дека орденот им припаѓа на илјадници војници од Националната гарда на Вермонт, кои беа вклучени во 35 годишната соработка.
„Ова партнерство сигурно е најзначајниот дел од мојата воена кариера од речиси 43 и пол години. Во Македонија доаѓам скоро 25 години, искуството и патувањата беа неверојатни. За мене, вистински, искрени и длабоки се пријателствата коишто ги создадов тука“, истакна генерал-мајор Најт.
Пред церемонијата, претседателката и генералот остварија средба на којашто се согласија дека поддршката од Вермонт беше клучна во подготовката на земјава за членство во НАТО, исполнувајќи ги стандардите на Алијансата и подобрувајќи ја интероперабилноста со другите сили на НАТО.

