Македонија
Традицијата да се одлагаат рочиштата за Канческа-Милеска продолжи, сега вештак не можел да дојде на судење
Судењето за „Тендери“ каде обвинета е Елизабета Канческа-Милевска одново се одложи. Откако стигна супервештачењето од Бирото за судски вештачења, сега на рочиште не се појави вештак кој требал да сведочи. Судијата Осман Шабани кој пет години суди но никако да го доведе судскиот процес до крај, ново рочиште го закажа за 23 дена.
„Расправата е одложена за 31.03.2023 година со оглед да едниот од трите вешти лица бил спречен да дојде на денешната расправа“, велат од Кривичен суд за „Макфакс“.
Бирото за судски вештачења го држеше предметот „Тендери“ повеќе од пет месеци. Ова доведе и до низа одложени рочишта. Тие направија супервештачење поради две спротивставени вештачења. Предметот се суди половина деценија.
Ако се види хронологијата на рочишта, досега, предметот пет пати се судел одново поради протек на 90 дена од последно одржано рочиште. За предметот, од „Коалиција за правично судење“ во анализа забележува дека честото започнување на главната расправа одново за овој предмет е откако беше завршен процесот на промена на Уставот во Собранието, а тогашната пратеничка Канческа-Милевска гласаше „за“.
„По уставните измени во јануари 2019 година, а согласно податоците од спроведениот судски мониторинг од страна на Коалицијата, се констатира дека главната расправа има започнато дури 4 пати одново – два пати поради промена на член на судечкиот совет и два пати поради проток од 90 дена. Тука вреди да се напомене дека од октомври 2021 година судењето имаше континуитет во изведување на доказите се додека во април 2022 година судот не издаде наредба да се изготви супервештачење бидејќи вештачењата на странките се контрадиктори и имаат недоречености“, се вели во анализата.
Според обвинението, пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки пред да се донесе одлуката за потребата од јавна набавка, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
Се тврди дека ексминистерката наложила да ги изведат и сите работи што произлегувале дополнително и кои не биле опфатени во договорот за јавна набавка и во анексите, со што немало да се чекаат дваесетина дена за спроведување на новата јавна набавка. Канческа претходно договорила преку второобвинетата во Комисијата за јавни набавки, кога ќе се објави огласот, договорот да го добие „Бетон“ од Штип.
СЈО го поведе случајот, а сега Обвинителството за гонење организиран криминал тврди дека тројцата обвинети (ексминистерката и двајца членови на комисијата за јавни набавки) ја злоупотребиле службената положба и овластувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Молк по масакрот во Кичево кадешто беа убиени над 40 кучиња, активистите бараат истрага и одговори од градоначалникот Дехари
Активистите од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ бараат одговори по ужасот во Кичево кога за само еден ден беа убиени повеќе од 40 кучиња – дел отруени, а дел застрелани.
Телата на животните биле пронајдени на различни локации низ градот, меѓу кои и во близина на основното училиште „Санде Штерјоски“.
„Два дена не реагиравме. Сакавме да видиме дали некаде ќе се чуе барем збор – од градоначалникот Фатмир Дехари, од општината, од било која институција што е должна да ја информира јавноста и да го осуди делото. Два дена – ништо. Молк, Како да е се нормално. Како да е прифатливо да живееш во град опколен со отров и оружје.“, се вели во соопштението.
Од здружението нагласуваат дека животните биле убиени со супстанции што можат да усмртат и човек и дека дел од нив имале траги од огнено оружје.
„Анима мунди“ бара итна реакција од институциите, истрага и јавна одговорност од градоначалникот и општината. „Да се проверат камерите, да се фатат сторителите, да има индивидуална и институционална одговорност за оваа ликвидација“, порачаа од здружението.
Велат дека ова не е инцидент, туку умоболна пракса што ја гледавме пред петнаесет години, и многу добро знаеме како завршува таа приказна. Такво нешто може да направи само масовен убиец, психопат или институција што организира ликвидација – никој не тепа цел град животни сам.
„Фатмир Дехари, прашуваме јавно: дали е нормално во вашиот град да се убиваат животни со екстремно разорни отрови што за помалку од пет минути можат да усмртат дете? Дали е нормално некој вооружен да шета низ градот и да стрела по животни додека граѓаните спијат? Пријавивте ли во полиција? Како за половина час беа собрани и фрлени 40 трупа од страна на „Кичевски Комуналец“ – без полиција, без увид, без истрага, иако на дел од телата има траги од огнено оружје? И каде се, зошто ги нема на депонија?“, прашува здружението.
Истакнуваат дека Кичево со години има проблем со прекубројност на бездомни животни, но дека убиствата не се решение.
„Општината годишно издвојува околу 20.000 евра за оваа проблематика, а 115.000 евра плаќа за обесштетувања за каснувања – и реални и лажирани. Тоа не е планско управување, туку злоупотреба на јавни пари“, наведуваат од „Анима мунди“.
Здружението додава дека во овој одвратен контекст, единствено што охрабрува се гласните и достоинствени реакции на кичевчани и бара итна реакција од Обвинителството и МВР, јавна одговорност од градоначалникот и раководството на општината, како и инспекциските служби на терен.
Македонија
Халуцинации и психолошка состојба се обидите на СДСМ резултатот од изборите да го прикажат како историски подвиг, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Во врска со прикажувањето на резултатите од првот круг на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ утрово прашува со што денес Социјалдемократскиот сојуз ќе го спореди својот изборен неуспех.
„Денес е нов ден за Македонија, ден кога јавноста е во очекување – со што ќе го споредат од СДС својот изборен успех. Можеби со 1993 година во Македонија, или со некоја африканска земја и нивните искуства,“ се наведува во соопштението.
Од партијата порачаа дека социјалдемократите треба да се освестат, сконцентрираат и приберат, додавајќи дека нивните обиди да прикажат историски подвизи се плод на халуцинации и специфична психолошка состојба.
Македонија
Денес сончево време со температура до 24 степени
Времето денес ќе биде сончево со умерена облачност, а во западните делови променливо облачно со сончеви периоди.
Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 17 до 24 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува умерен ветер од југозападен правец. Максималната температура ќе достигне до 22 степена.

