Свет
Русите испратиле подморници на американскиот брег, тврдат странски разузнавачи
Странски набљудувачи и разузнавачи велат дека Москва има нуклеарни подморници веќе во близина на американскиот брег.
„Постојат индикации дека нуклеарните подморници се наоѓаат во близина на брегот на САД и во Средоземното Море и на други места на европската периферија“, изјави Мајкл Петерсон, директор на рускиот поморски истражувачки институт.
Пред само неколку дена рускиот претседател Владимир Путин најави дека Русија ќе изгради уште нуклеарни подморници.
„Да ја гарантираме безбедноста на нашата земја со децении“, ја објасни рускиот претседател својата одлука.
Путин ова го изјави на церемонијата на пуштање во употреба на новата нуклеарна подморница на флотата „Генералисимус Суворов“. Изјавата доаѓа во време кога странските набљудувачи тврдат дека старите советски тактики, во стилот на Студената војна, веќе се во тек.
Уште позагрижувачки, велат некои воени експерти, е неинформираноста на Американците.
САД не го знаат бројот на руските подморници онаму каде што веруваат дека се поставени. Денес, руските подморници се насекаде, а тоа ги загрижува и НАТО и САД.
„Минатата година подморницата ‘Северодвинск’ беше распоредена во Тихиот Океан. Во исто време, друга подморница од истата класа беше распоредена во Средоземното Море. Повторно, во исто време, трета подморница беше на пат за распоредување во Атлантскиот Океан“, изјави генералот на американските воздухопловни сили, Глен ван Херк.
Според контраадмиралот Мајкл Студман, следењето на руските подморници е тешка задача. Воениот тактичар вели дека причина за тоа е патролирањето што го прават руските подморници во Атлантскиот Океан, т.е. уште еден доказ дека руските подморници се насекаде и во постојано движење.
Токму поради оваа причина, анализираат руските експерти, подморниците се дел од планот на Москва. Поголемо производство на нуклеарни подморници за да се одврати потенцијалната американска агресија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пожар во болница во Милано, пациентите евакуирани
Утрово околу 10 часот, избувна пожар во павилјонот 16 од болницата Сако во Милано.
За неколку минути, пламенот зафати дел од дијагностичката архива и се прошири на областите каде што медицинскиот персонал во тој момент прегледуваше десетици пациенти, пишува Ил Месаџеро.
Благодарение на заедничката интервенција на пожарникарите и болничкиот персонал, никој не е повреден.
Сите пациенти се евакуирани, а триесет пожарникари кои излегоа на терен вршат санација на подрачјето.
Свет
Европски војници пристигнаа на Гренланд
Европски војници од неколку земји пристигнаа на Гренланд за заеднички воени вежби, во време кога американскиот претседател Доналд Трамп повторно изрази интерес островот да биде под контрола на САД. Во главниот град Нуук слета француски контингент, а се приклучуваат и сили од Германија, Шведска, Норвешка, Холандија и Обединетото Кралство, јавува Би-Би-Си.
Распоредувањето следи по состанок во Вашингтон меѓу министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд со американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс. Данскиот министер Ларс Локе Расмусен оцени дека разговорите биле конструктивни, но дека останало „темелно несогласување“.
Трамп изјави дека на САД му треба Гренланд за националната безбедност и не ја исклучи употребата на сила. Францускиот претседател Емануел Макрон најави проширување на мисијата, додека полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека евентуална американска интервенција би била „политичка катастрофа“.
Русија изрази загриженост поради засилувањето на присуството на НАТО на Арктикот. Од кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер соопштија дека распоредувањето има цел да ја одврати руската и кинеската активност.
Германија испрати транспортен авион со 13 војници во рамки на данските вежби „Операција Арктичка издржливост“. Данска најави ротациона и потрајна сојузничка присутност. Премиерката Мете Фредериксен рече дека одбраната на Гренланд е заедничка грижа на Алијансата.
Премиерот на Гренланд Јенс-Фредерик Нилсен порача дека Гренланд не сака да биде дел од САД и, ако мора да избира, би ја избрал Данска.
Свет
Макрон: Франција ќе испрати воен брод на Гренланд
Франција наскоро ќе испрати воен брод, авиони и дополнителни војници на Гренланд, изјави францускиот претседател Емануел Макрон. Тој предупреди на појавата на „нов колонијализам“ и на изјави што, како што рече, „сеат сомнеж, дури и меѓу сојузниците“.
Макрон ова го соопшти во новогодишното обраќање до француските вооружени сили, наведувајќи дека дел од француските војници веќе се распоредени на Гренланд, на барање на Данска, каде им се приклучиле сили од Норвешка, Шведска и Германија.
„Нашите сили во наредните денови ќе бидат дополнително зајакнати копнено, поморски и воздушно“, рече Макрон, без да наведе детали.
Според достапните информации, најмалку еден француски воен брод и неколку авиони веќе се на пат кон северниот Атлантик.

