Економија
Македонија доби 80 милиони евра од ЕУ за справување со енергетската криза
Македонија доби 80 милиони евра финансиска поддршка од Европската Унија за справување со енергетската криза. Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска на прес-конференција истакна дека овие средства се користат за буџетска поддршка во државата.
На прес-конференцијата вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, и министрите за финансии, за економија и за труд и социјална политика, Фатмир Бесими, Крешник Бектеши и Јована Тренчевска, во својот домен ги изнесоа деталите за антикризните мерки и ефектите од нив.
Евроамбасадорот во земјата, Дејвид Гир, посочи дека оваа финансиска поддршка ќе им помогне на граѓаните да се справат со барањата што се појавија како резултат на енергетската криза.
Ковачевски потенцира дека Владата во соработка со сите институциите, со министерствата, со земјите од регионот, како и со Европската Унија, спречи ценовен шок, овозможи стабилно снабдување со електрична енергија, го зголеми производство од домашните капацитети, осигура стабилност на цената на струјата, а тоа влијаеше директно врз стандардот на граѓаните, но и врз стабилизација на инфлацијата. Грантот од 80 милиони евра е поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка на малите и средните компании за одржување континуитет на бизнисот, како и за инвестиции на државата за енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
„Намалувањето на цената на струјата за 20 % за 70.000 фирми, кои се на регулиран пазар, и задржување на цената за домаќинствата на исто ниво за оние што рационално ја трошат електричната енергија, е само потврда на правилните политики што ги водиме во време на енергетска криза и тоа е вистинска грижа за најранливите категории. Сите мерки што се преземаат од страна на Владата се со цел да се има сигурно и стабилно греење. Денес има и струја и парно, а рестрикции нема. Планот дава резултат. Наш приоритет се и енергетската транзиција и енергетската независност, а нашата земја е регионален лидер во енергетската транзиција, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб“, рече премиерот и додаде дека Владата донесе пакет антикризни мерки во износ над 760 милиони евра, кој, според податоците на Светската банка, е највисока буџетска поддршка во регионот за справување со кризата во споредба со сите други земји од нашиот регион.
Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека во фокус на поддршката од ЕУ за Северна Македонија е да се заштитат граѓаните.
„Минатиот октомври, претседателката на Европската комисија, Фон дер Лаен, вети овде во Скопје дека ЕУ ќе ѝ обезбеди на Северна Македонија 80 милиони евра за справување со енергетската криза. Сега го испорачавме тоа. Во пракса оваа поддршка ќе им помогне на граѓаните да се справат со барањата што се појавија како резултат на енергетската криза. Ова значи да им се помогне на сите домаќинства да ги задоволат своите основни енергетски потреби, особено оние најранливите. Тоа значи одржување и работа на училиштата и болниците. И тоа значи да им се помогне на малите бизниси да обезбедат производство на основни прехранбени продукти“, изјави амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир.
Вицепремиерот Маричиќ рече дека Европската Унија не ги заборави македонските граѓани и повторно е со нас во криза докажувајќи дека е многу повеќе од финансиска поддршка, со која ни помага во забрзување на трансформацијата на општеството и подготвувањето на Северна Македонија за членство во европското семејство. „Европската Унија е и наш најголем партнер, кој прв застанува со нас во тешки времиња. Покрај примарната цел на овие 80 милиони евра, со овие неповратни средства ќе се поддржат и структурните реформи за олеснување на енергетската транзиција, посочи вицепремиерот и национален ИПА-координатор, Маричиќ, додавајќи дека преку инструментот ‘Инвестициска рамка за Западен Балкан’ изминатиов период успеавме да добиеме над 52 милиона евра неповратни средства за проекти во областа на енергетиката“, рече вицепремиерот.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека грантот од 80 милиони евра е потврда за исправноста на политиките што ги спроведува Владата на нашиот европски пат и во справување со кризата.
„Тоа беше препознаено од нашите сојузници и поддржувачи, од нашиот главен партнер ЕУ, од кој, покрај постојаната финансиска помош за проекти, што е дел од реформската агенда, ни додели и грант средства за справување со кризата. Во 2020 година исто така на Република Северна Македонија ѝ беше доделен грант од 40 милиони евра директна буџетска поддршка наменета за социјална и економска отпорност на државата при справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 пандемијата“, рече министерот Бесими и додаде дека средствата што ЕУ ги доделува на нашата земја е знак на солидарност што за нас претставува голема одговорност за нивно најефикасно користење.
Со цел заштита на потрошувачите и нивниот животен стандард од директното влијание на растот на цените на енергенсите и прехранбените производи, како и зголемување на конкурентноста на домашните компании на меѓународниот пазар, Министерството за економија заедно со останатите релевантни институции подготви Национален енергетски акциски план на Северна Македонија за 2022-2023 година за справување со енергетската криза.
„Националниот енергетски акциски план предвидува средства за воведување на буџетско субвенционирање на домашните компании, пред сé за обезбедувањето на јавните дејности, водоснабдување, здравство и образование, како и за непречено снабдување со храна, млеко и други дејности во интерес на сите граѓани. Покрај тоа, вклучува мерки за поддршка на граѓаните при справување со зголемените цени на енергентите. Последно, но исто така особено важно за Северна Македонија, Националниот енергетски акциски план вклучува и проекти и програми за спроведување на европските политики за заштита на ранливите потрошувачи на енергија, за политиките и мерките за енергетска ефикасност во зградите и за развој и имплементација на концептот на просјумери“, рече министерот за економија Бектеши.
Министерката Јована Тренчевска истакна дека како дел од последниот пакет на владини мерки Министерството за труд и социјална политика веќе три месеци обезбедува финансиска поддршка за справување со енергетската криза на ранливите, односно социјално исклучените граѓани.
„Како дел од последниот пакет владини мерки, Министерството за труд и социјална политика веќе три месеци обезбедува финансиска поддршка за справување со енергетската криза на ранливите, односно социјално исклучените граѓани.
Финансиската поддршка се обезбедува за период од четири месеци на над 177.000 социјално исклучени граѓани, вклучително и деца, лица што останале без работа и користат паричен надоместок за невработеност и корисници на минимална пензија.
Покрај тоа, 46.000 корисници на правото на гарантирана минимална помош и социјална сигурност примаат паричен додаток за енергенти во периодот на зимските месеци.
Севкупно, опфатени се околу 220.000 корисници во ризик и исплатени се околу 21 милион евра“, рече Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонски производи во износ од 15,5 милиони евра извезени преку мрежата на Лидл во 2025 година
Извозот на македонски производи во 2025 година преку продажната мрежа на Лидл достигна 15,5 милиони евра, што е јасен показател за извозниот потенцијал на домашните производи и можноста за пласман на европските пазари што ја нуди Лидл. Ова претставува огромен раст, во споредба со 5 милиони евра извоз во 2024 година и 570 илјади евра во 2023 година.
Странските пазари најголем интерес покажаа за трпезното грозје, од кое беа реализирани приходи од 3,3 милиони евра, а имаше најголем пласман во Полска. Одлични резултати имаше и од извозот на јагнешко месо во Бугарија, чија продажба донесе прилив од 2,2 милиони евра.
Дека свежото овошје и зеленчук се еден од домашните извозни адути покажа податокот според кој од вкупниот износ од 15,5 милиони евра, во минатата година беше реализиран извоз од 5 милиони евра. Преку мрежата на Лидл се извезени 15 вида од овие земјоделски култури, од преку десет добавувачи. Петте најизвезувани производи беа грозје, зелка, пиперка, моркови и домати, кои одлично поминаа во Бугарија, Германија, Романија, Полска, Словачка, Србија, Чешка и други земји. Во рамки на редовниот извоз од 7 милиони евра доминираа конзервираните производи, со остварени продажби во странство од 5,8 милиони евра, по што следуваат кондиторските, млечните производи, како и виното и пијалаците.
„Постои голем потенцијал за извоз на македонските производи. За нас во Лидл е успех што можеме да ги поддржиме и да бидеме мост за македонските производи кон европските пазари. Постојано соработуваме со производители од земјава и сме особено горди што на десетици компании можеме да им помогнеме во процесите на сертификација, зголемување и унапредување на капацитетите за производство и да овозможиме извоз на европските пазари“ изјави Стефан Георгиев, комерцијален директор на Лидл Северна Македонија.
Преку иницијативата „Македонска недела“, Лидл во претходните две години организираше 22 промоции во маркетите во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска, со понуда на над 70 македонски производи од 17 добавувачи и над 2.200 палети производи, правејќи ги многу повидливи и препознатливи за странските потрошувачи.
Лидл се позиционира како сериозен и значаен партнер на македонската економија, со мерливи резултати во извозот на домашни производи и конкретна поддршка на домашните компании. Со отворањето на маркети низ целата земја компанијата очекува зајакната соработка со домашните производители, со цел на потрошувачите да им понуди широк спектар на квалитетни производи по пристапни цени.
(ПР)
Економија
Забрзување на енергетската транзиција: Јасен план и координиран пристап – одржан состанок на JETIP Инвестициската платформа
Денеска се одржа четвртиот координациски состанок на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP – Just Energy Transition Investment Platform), на кој клучните актери разговараа за напредокот во политиките, планирањето и регулаторните реформи што ја поддржуваат праведната енергетска транзиција на Северна Македонија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, истакна дека во изминатиот период Министерството е фокусирано на зајакнување на политичките и планските основи неопходни за ефективна имплементација на Инвестициската платформа.
Во таа насока, подготвени се два Годишни планови за развој на енергетскиот сектор за 2025 и 2026 година, усогласени со приоритетите на праведната транзиција, кои обезбедуваат јасна краткорочна рамка за реализација на проектите и подготвеност за инвестиции.
Паралелно, Националниот план за енергија и клима ја заврши фазата на јавни консултации и влезе во завршна фаза на финализација. НЕПК ги обединува целите за декарбонизација, развојот на обновливите извори на енергија и потребите за флексибилност на енергетскиот систем, со посебен фокус на регионите погодени од транзицијата од јаглен. По неговото усвојување, Планот ќе претставува стабилна основа за јавните и приватните инвестициски одлуки.
На регулаторен план, во завршна фаза е и подготовката на Законот за обновливи извори на енергија, со чијштоo усвојување ќе се создадат услови за значително забрзување на инвестициите и исполнување на целите за декарбонизација.
Овие активности не претставуваат изолирани реформи, туку овозможувачки чекори за реализација на проектната рамка на Инвестициската платформа.
Владата уште еднаш ја потврди својата силна посветеност на праведната енергетска транзиција, поддржувајќи ја Инвестициската платформа како клучен механизам за координација, инвестиции и забрзана имплементација на реформите.
Економија
НБРМ: Усвоен Кварталниот извештај, макроекономските движења во согласност со очекувањата на Народната банка
Советот на Народната банка, на седницата одржана на 3 февруари 2026 година, го усвои Кварталниот извештај, во кој се наведува дека макроекономските показатели упатуваат на стабилни остварувања во најважните сегменти на економијата и во најголем дел се во согласност со октомвриските проекции на Народната банка. Домашната инфлација очекувано забави под влијание на забавувањето на базичната инфлација, а домашната економската активност умерено забрза. Банкарскиот сектор и натаму остварува солиден раст на депозитната база и кредитната активност, а девизните резерви се задржуваат на соодветно и сигурно ниво.
Народната банка продолжи со унапредувањето на својот оперативен инструментариум заради поддршка на ефикасното спроведување на монетарната политика. Во последниот квартал од 2025 година, таа изврши приспособување на оперативната монетарна рамка заради подобрување на управувањето со ликвидноста и зајакнување на монетарната трансмисија. Со измените се става посилен акцент на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите операции, што овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, без да се менува поставеноста на монетарната политика.
Во Кварталниот извештај се наведува дека во четвртото тримесечје од 2025 година годишната стапка на инфлација изнесуваше 4,2%, што претставува очекувано забавување. Инфлацијата за целата 2025 година, во просек, изнесува 4,1%, што е близу до октомвриските согледувања. Според октомвриските оцени, за 2026 година и на среден рок се очекува забавување на инфлацијата и постепено враќање кон историскиот просек. Сепак, и понатаму постојат одредени ризици, при што главните извори на неизвесност се поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, геополитичките тензии и процесите на трговска фрагментација, како и со одредени домашни фактори што влијаат врз побарувачката.
Во третиот квартал од 2025 година, реалниот годишен раст на бруто домашниот производ забрза и од 3,5% во претходното тримесечје се искачи на 3,8%, што е малку повеќе од оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Според основното сценарио од октомври, за целата 2025 година се очекува забрзување на економскиот раст којшто би изнесувал 3,5% (3,0% во 2024 година), а во 2026 година, како и на среден рок дополнително би се засилил и би достигнал 4,0%.
На крајот на 2025 година, нивото на девизните резерви достигна 4.920,5 милиони евра и според сите релевантни показатели, обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.
Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна поддршка за економијата и зајакнување на депозитната база на банките. Во четвртиот квартал од 2025 година, годишниот раст на вкупните кредити изнесуваше 13%, при годишен раст и на депозитите од 10%, што е малку над нивото проектирано за крајот на годината.
На седницата, Советот на Народната банка разгледа и други точки поврзани со тековното работење на Банката.

