Македонија
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајанов, до Маричиќ: Кабинетите ги претворите во фудбалски игралишта
Здравко Трајанов, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната собраниска седница му се обрати на вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, и порача дека кабинетите се претворени во фудбалски игралишта и целокупно кога ќе се види напредокот од изминатиот период, излегува дека годината е повторена.
„Не можете да излезете од вашите удобни кабинети, доста ја злоупотребувате на ЕУ-регулативата, не перете криминал преку тие можности на државата. Голема ви е устата отворена, ЕУ, ЕУ-интеграции, но кога ќе се погледнат оценките, напредок нема, излегува дека сме изгубиле година, сме повториле година“, вели Трајанов.
На ова се обрати вицепремиерот Маричиќ и му реплицира дека шири лаги бидејќи, според него, факт е дека Македонија се движи во правилна насока.
„Демократијата и владеењето на правото постојано беа предизвикани, особено со заробеноста на институциите, како што се судските тела, регулаторните агенции и медиумите. Независните регулаторни надгледувачи и советодавни тела не беа во можност да си ги бранат основните функции. Жалосно е на вакви страшни констатации да правите споредба со констатации од ваше време. Можете да зборувате колку сакате, факт е дека државата отиде напред, во изминатите шест години направивме многу. Апелирам да не ја пропуштите оваа шанса да дадете поддршка за ЕУ бидејќи за НАТО ја пропуштивте“.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески, додаде дека тоа што го изнел Маричиќ е сепак негова вистина, но дека народот на тие зборови не им верува, туку се работи само за еден скап пиар. Порача и дека тие не се движат само со телохранители, туку се појавуваат и меѓу граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

