Економија
Андонов: 80 отсто зголемено производството на струја во ЕСМ во февруари во споредба со истиот месец минатата година
На денешната прес-конференција соработникот за енергетика, Виктор Андонов, ги презентира најновите информации за енергетската состојба во земјата.
„Во февруари 2023 година, од капацитетите на ЕСМ и ТЕЦ ‘Неготино’ произведени се вкупно 504.338 MWh електрична енергија и во споредба со февруари 2022 година, кога производството на електрична енергија изнесувало 280.353 MWh, претставува зголемување од 80 %. Во првите два месеца од оваа година, јануари и февруари, вкупното производство на електрична енергија од капацитетите на ЕСМ и ТЕЦ ‘Неготино’ изнесува 1.065.689 MWh и во споредба со истиот период во 2022 година, кога било 714,362 MWh, и претставува зголемување од 49 %“, рече соработникот Андонов.
Соработникот Андонов рече дека зголеменото домашно производство на електрична енергија го одржува трендот на пораст и е клучно за ублажување на последиците од енергетската криза, како и за креирање мерки за поддршка на најранливите категории граѓани и на стопанството.
„Денес, бевме сведоци и на потпишувањето на грантот од 80 милиони евра од Европската комисија токму за справување со енергетската криза, кој беше најавен во октомври 2022 година од претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лаен. Европската комисија ги слушна нашите барања и на земјите од Западен Балкан и одобри средства за справување со енергетската криза во овој дел од Европа. Енергетскиот и економскиот тим во Владата продолжуваат континуирано да ги следат состојбите во сите сегменти од производство на секој киловат-час, дистрибуција, па сè до ефектот што електричната енергија го има во крајните цени на основните производи и како што сте сведоци, се преземаат комплементарни мерки со единствена цел – заштитата на животниот стандард“, додаде соработникот Андонов.
Андонов го презентира дневниот енергетски биланс и рече дека во текот на вчерашниот ден вкупното домашно производство на електрична енергија изнесуваше 15,111 Mwh, од кои во термоелектраните произведени се 10,297 MWh, а од обновливи извори 4,814 MWh.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Доделени наградите по повод Конкурсот за Денот на штедењето
Финансиската писменост е основа за успешна иднина и клучен фактор за личен развој. Во светот во кој живееме, каде што економските услови постојано се менуваат, за младите генерации е особено важно да бидат добро подготвени и информирани. Кога поединците разбираат како функционираат финансиските инструменти и концепти, тие можат подобро да управуваат со своите ресурси. Ова се пораките коишто ги упатија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на доделувањето на наградите од Конкурсот за ликовни и литературни творби за основното и средното образование, по повод Меѓународниот ден на штедењето ‒ 31 октомври.
„Општо е познато дека без штедење нема инвестиции. Тоа значи вложување во подобро здравство, образование, патишта, безбедност, односно вложување во сето она што е важно за подобра иднина на поединецот, но и на целата економија. Задоволство е да се види дека младите кои учествуваа на Конкурсот веќе имаат свои согледувања за потребите од штедење, свесност за брзиот развој на финансиите, особено дигиталните услуги, како и за ризиците коишто ги носат тие. Новите генерации живеат во едно ново дигитално време, во кое имаат пристап до бројни информации, но и бројни можности за измами. Најдобар начин за да се заштитат од овие ризици е преку соодветна едукација“, порача гувернерката Ангеловска-Бежоска.
„Имаше навистина квалитетни творби. Пристигнаа околу 700 од целата земја. Настанот преминува во една прекрасна традиција и претставува инспирација за да се мотивираме себеси и другите како да ги ставиме финансиите во прв план, за да можеме заедно да изградиме подобра финансиска иднина за нас и за нашите идни генерации. Финансиската писменост е една од најсилните алатки што ги имаме на располагање за да ги обезбедиме нашите финансиски можности и за да ги постигнеме нашите финансиски цели, а притоа да се заштитиме од финансиските ризици. Затоа, важно е да го поставиме финансиското образование во центарот на нашите училишта, нашите заедници и нашите животи и уште од најрана возраст да овозможиме стекнување знаење и вештини за градење одговорно финансиско однесување во текот на секоја фаза од животот. Тоа е долготраен процес чии ефекти не се видливи веднаш, затоа, да бидеме свесни за нашиот финансиски потенцијал и да го искористиме со мудрост “, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
На Конкурсот пристигнаа околу 700 труда коишто се одликуваат со квалитет, креативност и автентичен стил на изразување, како и познавање на темата за штедењето, значењето на финансиската писменост, предностите и ризиците кај дигиталните финансиски услуги.
Економија
Ексклузивно лансирање на новиот Porsche 911 во Скопје
Автомобилските ентузијасти и претставниците на медиумите беа дел од извонредна вечер организирана од Porsche Center Skopje и Порше Македонија, на официјалното претставување на новиот Porsche 911. Настанот ја прослави еволуцијата на иконата, спојувајќи ги луксузот, иновациите и емоциите во ноќ за паметење.
На церемонијата на официјалното претставување беше презентирана најновата генерација на легендарниот Porsche 911, во Carrera 4 GTS изведба, отелотворувајќи совршен спој на безвременски дизајн и врвна технологија. Гостите беа почестени со ексклузивен прв поглед кон возилото со официјалното откривање, по што следуваше инспиративна презентација за компанијата и брендот од страна на генералниот директор на Порше Македонија и менаџерот на брендот Porsche.
Говорниците го истакнаа наследството на 911 како симбол за перформанси и софистицираност, притоа споделувајќи увид во неговите револуционерни карактеристики кои го креираат духот на извонредноста на Porsche.
„Porsche 911 не е само автомобил – тоа е изјава за страст, иновација и врвна изработка. Вечерва, воодушевени сме да им го претставиме најновото поглавје од ова трајно наследство на нашите лојални клиенти и ентузијасти на брендот Porsche во Македонија“, изјави г-дин Златко Муцунски – Генерален Директор на Порше Македонија.
„Новиот Porsche 911 го претставува врвот на автомобилскиот инженеринг и елеганција. Ја доловува суштината на она што значи да се вози Porsche – неспоредливи перформанси, дизајн и емоции. Возбудени сме да го споделиме ова неверојатно возило со Вас и да го доближиме искуството на Porsche до нашата заедница“ – изјави г-дин Винко Марашевиќ – Porsche Бренд Менаџер.
По свеченото претставување, атмосферата се префрли во вечер на забава, за која задолжен беше светски познатиот диџеј Махмут Орхан. Неговиот наелектризиран сет совршено ја надополни позитивната енергија на вечерта, создавајќи незаборавно искуство за сите присутни.
Настанот ја одразува посветеноста на Porsche да испорача не само исклучителни возила, туку и моменти кои остануваат во долго сеќавање.
ПР
Економија
Агенцијата за поддршка на претприемаштво го додели признанието за најдобар ментор за 2023 година
Во рамките на Европската недела на претприемаштво, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото успешно го реализира настанот Mentor Awards 2023, кој се одржа како дел од активностите на програмата „Стандардизирани менторски услуги“.
Настанот поддржан од Јапонската агенција за меѓународна соработка – JICA имаше цел да ја истакне важноста на мисијата на менторите во унапредувањето на работењето на македонските мали и средни претпријатија.
Добитник на наградата за најуспешен ментор за 2023 година е Неби Јусуфи од Регионалниот центар во Тетово, кој се истакна со својата експертиза, посветеност и позитивно влијание врз корисниците и со својата работа постигна значајни резултати. Најдобриот ментор за минатата година го избра жири составено од ментори.
На настанот менторите од шесте регионални центри имаа можност да презентираат по еден значаен пример на спроведена менторска услуга во нивниот регион. Во рамките на Mentor Awards 2023, во согласност со методологијата за спроведување стандардизирани менторски услуги во мали и средни претпријатија за периодот 2024 – 2029, Агенцијата ѝ додели овластување за инструктор за обука во пракса на Евгенија Лисичова, а на Никола Димковски (комуникациски вештини) и Тони Цветановски (управување со човечки ресурси) им додели овластување за обучувачи за теоретска настава.
Овие овластувања претставуваат важен чекор во создавањето на генерација квалификувани обучувачи, кои ќе го пренесуваат знаењето и искуството за унапредување на претприемништвото во земјата. Настанот ја потврди важноста на менторството како клучен фактор за успехот на македонските компании. Менторите, преку спроведување на стандардизираните менторски услуги, го ставија во функција своето долгогодишно знаење, обезбедувајќи насоки за развој, раст и одржливост на корисниците на овие услуги.
Претходниот ден, тим од Агенцијата за поддршка на претприемништвото предводен од в.д директорката Даниела Димовска оствари плодна средба со претставници на невладини организации кои работат во областа на економијата, претприемништвото и иновациите. Беа разменети мислења и идеи и беа поставени основи за идна соработка и за поддршка и развој на претприемничките иницијативи.
Покрај тоа, во текот на Европската недела на претприемништвото, Агенцијата реализираше низа активности со цел да го истакне значењето на претприемништвото и да обезбеди поддршка за младите и бизнис заедницата. Беа спроведени посети во средните училишта „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Лазар Танев“, при што учениците имаа можност да се запознаат со основните принципи на претприемништвото и програмите и мерките кои ги нуди Агенцијата, а беа организирани и работилници за поддршка на младите претприемачи, каде што беа презентирани успешни претприемачки модели и стратегии.
Како дел од одбележувањето, претставници од Агенцијата ги посетија и фирмите „Винарија чифлик“ од Битола и СВАРОГ од Прилеп, компании кои се и корисници на мерката менторство што ја спроведува Агенцијата со цел да ја истакнат важноста на поддршката за мали и средни претпријатија и да ги охрабрат во нивниот понатамошен развој.
Со овие активности АППРМ потврди дека е клучен партнер во развојот на претприемаштвото во земјата обезбедувајќи платформа за инспирација, поддршка и промоција на нови иницијативи, кои ќе ја зајакнат економијата и ќе ја подготват следната генерација успешни претприемачи.