Македонија
Маричиќ до опозицијата: Исполнете ги очекувањата на граѓаните и поддржете ја европската агенда
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска на собраниската седница, по точката за годишниот Извештај на Европската комисија за 2022, рече дека прашањата со реформите, напредокот и стратешката поставеност на земјата треба да се почесто тема во Собранието и да се од интерес на сите.
– Сметам дека Собранието е најсоодветното место каде темата за Извештајот на Европска комисија треба постојано да биде отворена. Истовремено треба да биде и главно место од каде треба да доаѓаат и пораките за следните чекори во процесот на преговори, и критиките, но и поддршката за спроведувањето на реформите, рече од собраниската говорница вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ посочи дека Северна Македонија минатата година доби позитивен Извештај на Европската комисија, прв после отворањето на преговорите со ЕУ, со оценка „добро ниво на подготвеност“, за вкупната подготвеност на земјата за 2022.
– Оценките од Извештајот укажуваат дека во некои области сме направиле и сме постигнале многу повеќе и од земјите од регионот кои веќе деценија се во процесот на преговори со ЕУ. Но, исто така јасно и недвосмислено, Европската Комисија укажа на работата на Собранието за доцнењето при носењето на закони, како резултат на блокадите од страна на опозицијата, потенцираше Маричиќ.
Тој смета дека силната ангажираност на Владата за решавање на отворените прашања со соседите, одржување добрососедски односи и со континуитет во реформите, земјата ја позиционираше на патот кој води до исполнување на нашиот стратешки приоритет.
– Со тоа дадовме сигнал за решителноста Северна Македонија да ги спроведе реформите поврзани со ЕУ, што е потенцирано и во Извештајот дека „Земјата ги продолжи своите напори за подобрување на демократијата и владеењето на правото, и покрај одредени предизвици“, истакна Маричиќ, додавајќи дека Извештајот е објективен и недвосмислено упатува на тоа дека имаме одржливи реформи, со нотиран јасен напредок и постигнувања во истите.
Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ зборуваше и за конкретни области каде треба уште многу да се направи и се зголемат напорите за испорачување повеќе резултати.
– Процентите покажуваат дека е задржано темпото на напредок или има подобрување во 23 од вкупно 43 области, но во останатите 20 области има ограничен или помал напредок. Од аспект на подготвеноста во околу 90% од областите имаме делумна или добра подготвеност, наведе Маричиќ и цитираше наоди и препораки од Извештајот на Европската комисија за 2022 година.
Во своето воведно излагање ги наведе позитивните и негативните забелешки за областите посебно, задржувајќи се на најобемниот Кластер 1, „Фундаментални вредности“ со укажување на она што треба во следниот период да се направи во областа на правосудството и владеење на правото, борбата против корупцијата, медиуми и економските критериуми.
Маричиќ најави дека веќе со поддршка на домашни, но и меѓународни експерти, започнале со подготовка на методолошкиот пристап на реформските документи-Патоказите и увери дека во најбрз можен рок ќе бидат подготвени методолошката рамка за создавање на реформски план во трите области отсега, па се до нашето членство во ЕУ.
– Реформите и нивната динамика, зависат од сите нас. И дали ќе ги носиме законите за три месеци или за година и три месеци исто така ќе зависи од нас. Дали ќе ги транспонираме и ќе ги спроведуваме за три месеци или година и три месеци, исто така, зависи од нас, рече Маричиќ.
Вицепремиерот на крајот упати апел до пратениците усвојувањето на законите од европската агенда да се спроведува непречено согласно деловните процедури, изразувајќи уверување дека Собранието ќе ја прифати критиката од Европската комисија и ќе „биде форум за конструктивен политички дијалог, особено кога станува збор за ЕУ реформската агенда и заедно со Владата да работи на планирање на законодавната агенда, со приоритет на уставните измени“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Град Скопје најавува системско проширување на „Лајка“: 30 милиони денари за хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња
Град Скопје почнува, како што соопштува, сериозен, хуман и системски пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња преку значително проширување на капацитетите на ЈП Лајка.
Од Град Скопје информираат дека по преземањето на функцијата градоначалник, ставен е крај на досегашната практика ЈП „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, при што фокусот е насочен кон вистинско и одговорно справување со проблемот кој, како што се наведува, со години бил игнориран.
Во програмата на градоначалникот, се посочува во соопштението, предвиден е значаен фокус на ова прашање, а обезбедени се 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Станува збор за, како што се наведува, суштинска промена со цел постигнување конкретни и видливи резултати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека нема да се дозволи Скопје да биде депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивното несовесно носење во главниот град веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Сејф Сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на сите прекршители.
Воедно, градоначалникот упатил апел до граѓаните да бидат активен партнер во овој процес и секоја појава да ја пријавуваат, посочувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави функционален и одржлив систем за справување со проблемот.
Македонија
Алиу истражува, но се сомнева дека ќе најде податоци за извозот на мозоци: Истечени се сите рокови за архивирање на документите
Стариот закон ги обврзува институциите да ги чуваат документите за извоз на мозоците како биолошки материјал 15 години, а новиот, од 2018 година вели да се чуваат 25 години. И по двата закона роковите се истечени и институциите немаат обврска да ја чуваат документацијата за извозот кој се случил пред 30 години. Вака министерот за здравство Азир Алиу објасни за истрагата која се прави во Министерството за извезените мозоци од починати Македонци со психијатриска дијагноза кои во научни цели биле извезени во САД.
„Јас барам од нашата група да дојде до информации како е тоа направено, како тој материјал стигнал од една земја во друга, тука е нашето. Но, има и втор момент за кој морам да ве информирам, според стариот закон до 2018 година сите материјали, административни документи законски било да се чуваат 15 години. Од 2018 година, според ЕУ директивите, сите документи кои се поврзуваат со таков тип биолошки материјал треба да се чуваат 25 години. Ако земеме и новиот и стариот закон, а се работи за проект пред 30 години, се плашам дека можеби некоја институција може и да ги нема тие документи архивирано“, рече министерот Алиу.
Лично мислење на министерот е дека има мали можности за злоупотреби во целиот процес оти се работи за истражувачки проект меѓу две земји.
„Втората земја е САД каде што има многу јасно дефинирани протоколи кога се работи за биолошки материјал. Прво овој факт треба да го имаме предвид. Вториот факт што мене лично ми дава комодитет дека би имало можеби малку злоупотреби е институцијата од другата страна, се работи за престижен Универзитет. Исто така научникот кој е главен во тој Универзитет е човек кој што е светско име како научник, и лично, тргнувајќи од себе си, не верувам дека таа држава, тој Универзитет или таа лабораторија може да дозволи да има злоупотреби за увоз на биолошки материјал без да има јасно дефинирани протоколи. Ова е мое лично мислење“, рече министерот Алиу.
Македонската јавност дозна дека некогаш од кај нас биле извезувани мозоци од починати лица за научно да се истражуваат откога американското Министерство за правда ги објави документите на починатиот милијардер обвинет за трговија со луѓе, педофилија и силување, Џефри Епстин.
Јавното обвинителство денес извести дека по објавите во медиумите е оформен предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Епстин.
Македонија
Одбраната во ера на брза технологија: Македонија дел од глобалната дебата за воена вештачка интелигенција
На покана на министерката за одбрана на Кралството Шпанија, Маргарита Роблес Фернандес, министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска присуствуваше на отворањето на 3. глобален меѓународен самит за вештачка интелигенција во областа на одбраната – REAIM, кој денес и утре се одржува во А Коруња, Шпанија.
Целта на овој Самит на кој учествуваат министри, државни претставници од речиси сите земји членки на ООН, претставници на меѓународни организации, академици, и други високи гости е зајакнување на глобалната свест за одговорен развој на вештачката интелигенција во воен контекст, притоа почитувајќи ги човековите права и меѓународното право.
Во рамки на Самитот, министерот Мисајловски оствари средба со својата колешка Роблес, на која беше истакната заедничката подготвеност за унапредување на билатералната одбранбена соработка и се разговараше за повеќе предлог заеднички активности и изготвување План за соработка меѓу двете земји.
Во оваа прилика министерот Мисајловски се заблагодари за поканата и истакна дека Самитот претставува значајна можност за размена на експертски мислења во доменот на одбраната и безбедноста.
“Технологијата во воената област се развива со огромна брзина и затоа соработката на тоа поле е суштинска во развојот на воените капацитети и способноста на сојузниците да ја гарантираат безбедноста”, рече министерот. Додаде дека поканата за учество е доказ и за одличните билатерални одбранбени односи со Шпанија чие унапредување беше клучна тема на состанокот.
Мисајловски истакна дека нашата земја во ноември 2024 година беше првата земја-кандидат за членство во Унијата од Балканот што го потпиша Партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ, и додаде дека македонскиот придонес кон регионалната и колективната безбедност со ист интензитет ќе продолжи и во иднина.

