Македонија
Два дена притвор за осомничените за грабнувањето на внукот на Бошкоски, однесени се во затворот во Шутка

Притвор добија двете лица кои се осомничени дека имале улога во грабнувањето на Самоил Костадиновски, внук на Љубе Бошкоски. Судија од Кривичен суд го прифатил предлогот даден од скопското Обвинителство, па лицата со иницијали В.М. и С.Ч. ќе останат два дена во затворот „Скопје“ во Шутка. Двете лица се осомничени за кривично дело грабнување.
Повеќе детали од институциите не се споделуваат, а со оглед дека истрагата е во тек. Засега непознато е и дали МВР успеа да го лоцира Костадиновски, кој пет дена се води како исчезнат.
Истрагата за грабнувањето на Костадиновски ја води МВР во координација со скопското Обвинителство. Лицето беше пријавено за исчезнато, а потоа започнаа и шпекулации дека е киднапиран. Гласините и информациите допреа до Обвинителството, со што се потврдува дека грабнување имало.
Изминатите денови се појавија и информации дека Костадиновски е грабнат од криминална група од Албанија и Турција – но ова остана непотврдено од институциите. Шпекулациите беа дека се работи за нерасчистени односи кои тој ги имал со тие лица.
Костадиновски за исчезнат беше пријавен од неговиот брат. Потоа, беа земени снимки од безбедносни камери, информации од очевидци, а беа сослушани и лица од кои беше можно да се добијат повеќе информации.
26-годишното момче, Самоил Костадинов е внук од брат на Виолета, сопруга на Љубе Бошкоски. Таа за неколку медиуми веќе има изјавено дека е потресена од целото случување. Ниту таа, ниту семејството, немаат детали информации што се случило со скопјанецот, освен раскажувањата од негови пријатели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Целосна реконструкција и модернизација на пругата од Скопје до Кичево

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги започна подготвителните активностите за целосна реконструкција на пругата, односно железничката линија од Скопје до Кичево, која е дел од Коридорот 8, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај целосната реконструкција на постојната пруга, која сега е во многу лоша состојба, додаваат од партијата, работните активности опфаќаат целосна модернизација и нејзина електрификација.
„Во прва фаза, преку Европската Унија ќе се обезбеди грант од 5,3 милиони евра за физибилити студија, а носечка институција ќе биде Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која ќе избере консултант за изработка на студиите согласно највисоките европски стандарди.
По завршување и изработката на анализите, кои според највисоките европски стандарди траат 18 месеци, започнува втората фаза на изведување на работните активности на терен за целосна реконструкција, модернизација и електрификација на пругата.
Оваа инвестиција во железничката инфраструктура, освен економски придобивки за бизнисот ќе значи и подобро и поефикасно поврзување помеѓу главниот град Скопје и општините Јегуновце, Тетово, Гостивар и Кичево.
Овој проект уште еднаш ја потврдува посветеноста на Владата за унапредување на инфраструктурата и Македонија да ја направи центар на патни, енергетски и железнички коридори во регионот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Од шумскиот пат кон езерото, се води жестока битка за да се спречи ширењето на пожарот кај Јасен

Пожарот кај Јасен и натаму се заканува, откако во текот на ноќта започнал да се шири од шумскиот пат пред објектите на ловиштето кон ресторанот Козјак. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Анеглов, изјави дека пред неколку дена патот бил внимателно исчистен од вегетација со блудожер и сега претставува појас кој спречува ширење на огнот.
„Се води жестока битка со огнот, но надлежните служби не дозволија пожарот да се префрли на спротивната страна. Денес продолжува оперативната акција, со чистење на гребенот до езерото за да се стопира ширењето на огнот. Истовремено се дејствува и од воздух“, изјави Ангелов.
Како што додаде, покрај овој пожар, има уште неколку, но тие се безопасни во споредба со она што се случува во Јасен. Ангелов најави повеќе информации околу 13 часот.
Македонија
Антикорупциска брои службени возила пред изборите – институциите не ги пријавиле сите во рокот

Во Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија и други правни лица со државен капитал при Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се пријавени 1.916 возила, иако институциите располагаат со околу 6.500 возила.
Податоците за бројот, марката, годината на производство, регистарскиот број и возната состојба требаше да се достават најдоцна до 18 август. Доколку правните лица не ги поднесат информациите навремено, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истекот на рокот.
Евидентирањето на возилата има за цел да спречи нивна употреба за потребите на изборните кампањи. Владата донесе одлука сите службени возила да добијат специјални црвени таблички најдоцна до 15 септември, а ќе се воведе и специјален регистар за нивно следење.