Македонија
Костадиновска-Стојчевска на 80-годишнината од депортацијата на Евреите од Штип: Да не се повтори историјата
Одбележувањето 80 години од холокаустот во земјата продолжи во Штип, каде што министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на комеморацијата во Општина Штип рече дека ова се денови кога ни се враќаат спомените за едно големо до детали разработено злосторство и кога ниеден човек не смее да остане рамнодушен кога ќе се изговори зборот холокауст.
Таа додаде дека тоа погубување цели семејства, само затоа што не ѝ припаѓаат на т.н. чиста раса, не смее да биде ненаучена лекција.
„И, денеска, оживувајќи го споменот за депортацијата на 551 штипски Евреин, ја повторуваме лекцијата за да не ни се повтори историјата.
Пред 80 години, на 11 март, од Штип насилно беа протерани сите Евреи, само зашто се Евреи. И тие беа однесени зад бодликавата жица кај скопскиот монопол, заедно со еврејските семејства од Скопје и од Битола. Фашистите и нивните слуги имаа план за сите 7.148 македонски Евреи. И го реализираа, во гасните комори на Треблинка“, рече министерката, која беше дел од поворката на живите, која денес во Штип го изоде патот што пред 80 години го изодеа штипските Евреи, кои никогаш не се вратија.
Министерката Костадиновска-Стојчевска повтори дека денес не им судиме на злосторниците, туку дека го чуваме од заборав нивното злосторство за никогаш да не се повтори.
„И споменикот на депортираните Евреи од Штип ја има таа цел – да не се заборави. И книгата ‘Евреите од Штип – од доселувањето до холокаустот’, која токму денеска ја има својата промоција, е уште еден вреден запис за постоењето и истребувањето една цела заедница“, рече министерката.
Костадиновска-Стојчевска порача дека во светот има сè помалку живи сведоци што ги преживеале ужасите во логорите на смртта: „Затоа со нашата култура на помнење мора да му се спротивставиме на секое негирање на постоењето на холокаустот. Барем ние Македонците знаеме како боли негирањето. Оттаму, и наша морална обврска е да помниме.
Она што почна со говор на омраза, а заврши со гасни комори, не е толку далечно минато за некои толку лесно да нè убедат во нивната вистина“, додаде министерката за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.
Македонија
Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека денеска остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Како што наведе Муцунски, на средбата изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Муцунски информираше дека биле разменети и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што била потврдена заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.

