Македонија
(Видео) Тројцата бизнисмени седнаа на обвинителна клупа за „Империја“, па го одложија рочиштето барајќи докази
Процесот за „Империја“ почна, а бизнисмените што не признаа вина седнаа на обвинителна клупа. На првото рочиште дојдоа сопственикот на „Пелистерка“, Цветан Панделески, сопственик на извесна компанија, Зоранчо Митревски, и берзанскиот брокер Јованче Тасковски. Рочиштето се одложи оти адвокатите на обвинетите побараа да им се достават сите докази од Обвинителството, кои треба да ги разгледаат. Васка Николовска-Масевска го одобри ваквото барање на адвокатите и закажа следно рочиште за десет дена.
Од 19 лица, кои беа опфатени во предистражната постапка, само овие тројца осомничени ќе ја докажуваат невиноста пред суд. Панделески се гони за злоупотреба на службената положба, перење пари и измама. Митревски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувањето и за перење пари. Брокерот Тасковски се гони за овие две дела, како и за измама.
Од досегашните постапки во предметот „Империја“, освен обвинителниот акт против три лица, произлегоа: пресуди за седум лица врз основа на предлог-спогодби, истражната постапка, што се однесува за МПМ и е против четири лица, меѓу кои едно лице е сведок – соработник на правдата во друг дел од предметот, е доставена на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје, за две лица донесена е наредба за запирање на истражната постапка врз основа на чл. 304 бидејќи за дејствата што им се ставаат на товар извршени во периодот 2002-2004 веќе е донесено решение за истата работа од страна на друго обвинителство, за едно лице истражната постапка е запрена поради настапување застареност на кривично гонење, за две лица, меѓу кои е и лице што за дел од истражната постапка се спогоди со Обвинителството, е донесена наредба за прекин на истрагата поради настапување околности што привремено го спречуваат кривичното гонење, а се однесува на укинувањето на пресудата за предметот „Трезор“, каде што против лицето се водеше постапка за предикативното дело на кривичното дело перење пари, а во овој предмет се овде за перење пари и други приноси од казниво дело опфатено во овој предмет и за дејства од 2009-2015 година за три лица, меѓу кои се и двајца сведоци – соработници на правдата, се донесени решенија за непреземање кривично гонење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

