Македонија
Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ: Груби и Ковачевски ја избраа фирмата на Димитријевиќ, кој во Ерменија е обвинет за измама при надзор
Груби и Ковачевски се вплеткаа во сопствените лаги кои ги пласираа за да го оправдаат изборот на Конзорциумот ИРД-ЕПТИСА-Електра Солушн-Евро Консалтинг. Конзорциумот е целосно компромитиран и изборот треба да се поништи, рече пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција.
-Фирмата Евро Консалтинг е сопственост на Бранимир Димитријевиќ. И тој е сопственик во истата од нејзиното основање до денес, во ниту еден момент не излегол од истата. Димитријевиќ е обвинет во Ерменија за криминал при надзор, се товари за измама од голем обем. Според информациите кои ги објавија медиумите тој е обвинет дека извршил измама во вредност од 1,8 милиони долари, како тим лидер на француско-шпанскиот конзорциум „Савеж-Ептиса“, кој вршел надзор на развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година,- рече Стојаноски.
Според него, Бранимир Димитријевиќ од Ерменија побегнал со помош на тројца македонски дипломати, кои со приватен авион и дипломатски пасоши во 2019 година го извлекле од Ерменија, по што по него била распишана меѓународна потерница.
Во 2019 година на власт во Македонија е СДС и ДУИ, истите партии кои сега му даваат бизнис од 22 милиони евра на Димитријевиќ.
Според Стојаноски, Груби и Ковачевски со изборот на надзорот го ставаат во ризик и Бехтел и меѓународната репутација на Македонија. Затоа, според партијата, потребно е итно изборот да биде поништен и да се распише нов оглас, кој ќе обезбеди компетитивност помеѓу понудувачите и отвореност на постапката, без да биде загрозен националниот интерес, буџетот или репутацијата на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ има решение: Наместо луксуз на власта – 600 евра плати за работниците и поддршка за компаниите
„Претседателот на СДСМ, Венко Филипче понуди јасно, конкретно и остварливо решение за зголемување на минималната плата на 600 евра преку ребаланс на буџетот. Нема простор за изговори на власта: пари во буџетот има, но тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги трошат за луксуз и криминални тендери“, велат од СДСМ.
„За зголемување на минималната плата на 600 евра потребни се околу 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра.
Само со рационално кратење на трошоците во две буџетски категории може целосно да се обезбедат потребните средства.
Кратење на 20 до 30% на делот „стоки и услуги“, каде што се, патувања, репрезентации, договорни услуги, возила, мебел и комфор на функционерите, може да се обезбедат меѓу 90 и 130 милиони евра.
Со кратење на делот „разни трансфери“ може да се обезбедат дополнителни 75 милиони евра.
Со кратење само во овие две категории се обезбедуваат од 130 до над 200 милиони евра.
Овие пари се доволно не само за минимална плата од 600 евра, туку и за дополнителна мерка за поддршка на приватниот сектор преку субвенционирање на придонесите, со што компаниите ќе можат да ги зголемат платите без да се загрози нивната ликвидност.
Не може да има пари за луксуз, патувања, партиски тендери и партиски вработувања, а да нема пари за работниците.
Изговори нема. Ако власта сака да им помогне на работниците, може веднаш да предложи ребаланс на Буџетот. СДСМ ќе го поддржи“, соопшти СДСМ.
Македонија
Во текот на јануари се отстранети 𝟤𝟩𝟨𝟧 кубни метри отпад од диви депонии
Во текот на првиот месец од 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 13 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, известуваат од Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, беа отстранети и 2765 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Во рамките на активностите за отстранување диви депонии е интервенирано во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 400 кубни метри се подигнати во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец јануари изготви вкупно 56 едукативни записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Најголем број на записници – вкупно 32 – се врачени во скопската општина Чаир.

ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со одржување на јавната хигиена на булеварите, како и улиците што се во надлежност на Градот Скопје во сите скопски општини. Секојдневно, во три смени, се спроведува машинско и рачно метење на плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.
Uncategorized
Поднесена кривична пријава против две лица од Битола кои се закануваа дека ќе убиваат полицајци на протестот за возачките дозволи
Независниот полициски синдикат поднесе кривична пријава против две лица од Битола кои се закануваа дека ќе убиваат луѓе на протестот за возачките дозволи.
„Поднесена кривична пријава против двете лица од Битола кои се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да го спроведат законот. Очекуваме обвинителството од Битола веднаш да постапи на истиот начин како што постапува против нас и уште утре да побара притвор за овие лица. Доколку ова не се случи во најкус можен рок, нека бидат сигурни дека нивното не постапување нема да остане незабележано“, велат од синдикатот.
Едниот од пријавените се извини на социјалните мрежи дека упатувал закани. Рафет Мемишовски на снимката вели дека бил изнервиран и под стрес затоа што полицијата му го одзела автомобилот на неговиот братучед, поради тоа што немал возачка дозвола. Тој неколкупати повторува дека таквото однесување нема да му се повтори и вели дека повеќе нема да се заканува.
Граѓани во Битола, Штип и Прилеп неделава протестираа со блокади на патиштата на кои палеа гуми и дрва, реагирајќи затоа што им биле одземени возилата затоа што немале возачки дозволи.

