Македонија
На Арсовска и е жал за жителите на Бутел кои ѝ најавија жив штит: Потпаѓаат на провокации
Скопската градоначалничка Данела Арсовска смета дека бутелчани кои најавија дека со жив штит ќе ги бранат дворовите, потпаднале на провокациите од градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски. Таа беше прашана за став околу т.н. „жив штит“ на прес-конференција, каде кажа дека мора да се почитува законот.
„Мене ми е навистина жал што тие сметаат дека треба да потпаднат под провокациите на овие политиканти кои ги споменав. Во оваа држава постои закон и не знам како да кажам, дека една личност од една страна не може да зборува за дивоградби, за урбана мафија, а од друга страна да излезе и во истата реченица да брани узурпација на државно земјиште. Ова самото по себе е парадокс. Ние зборуваме за право, правичност. Узурпацијата не оди со овие термини“, кажа Арсовска.
Пред два дена, жители од 16 куќи во Бутел, излегоа на протест. Тие реагираа поради одлуката на Град Скопје за пробивање на улицата „Боца Иванова“ преку нивните дворни места. Арсовска рече дека не планира кривичен прогон.
„Градот Скопје нема намера да врши кривичен прогон на граѓани, но сакам да апелирам до граѓаните во овој дел на општина Бутел да не потпаѓаат под политичките игри и манипулации на политиканти кои се обидуваат да ги инструментализираат во својата нечесна политика. На крајот, одговорноста за узурпацијата на земјиштето нема да биде на градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски, туку на оние кои го узурпирале земјиштето“, посочи Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ахмети за Денот на албанската азбука: Мора да го браниме албанскиот јазик
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети на сите Албанци им го честита 22 ноември, денот на Конгресот во Битола и азбуката на албанскиот јазик.
„За мене денеска е ден на албанскиот јазик, не само денот на азбуката на нашиот свет јазик и на конгресот во Битола. Мора да го негуваме и промовираме нашиот древен јазик, да се здружиме и да се ставиме во првите редови на напорите да го заштитиме од секојдневните напади. До вчера работевме на унапредување на употребата на нашиот јазик, а денес сме во позиција да го штитиме постигнатото. Националното прашање, јазикот, знамето, унијата и интеграцијата бараат посветеност од мажи и жени-идеалисти и мисионери“, рече Ахмети кој е во Швајцарија.
Македонија
Стоилковиќ го честита Денот на албанската азбука: Македонија е пример за заедништво, почит и заемно разбирање
Вицепремиерот и министер Стоилковиќ објави честитка по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука.
„Овој ден е потсетник за богатството на различностите и за важноста на зачувувањето на јазичните и културните вредности на сите етнички етнички заедници кои живеат во земјава. Потсетник дека РС Македонија и понатаму, и покрај фактот што живееме во едно комплексно време, останува пример за заедништво, почитување и заемно разбирање меѓу граѓаните, па затоа чествувајќи го Денот на албанската азбука уште еднаш ја потврдуваме посветеноста кон негувањето на соживотот во мултиетничкото и мултијазичното општество.
Јазикот е моќна алатка и идентитет на еден народ. Тој е сеопштиот сврзен елемент на сите човечки култури. Алатка која обединува и овозможува напредок, но во исто време и потсетник дека и покрај разликите делиме иста судбина и мораме да градиме заедничка иднина. На сите припадници на албанската заедница им го честитам Денот на албанската азбука“, се вели во честитката.
Македонија
И средношколците ќе протестираат поради јавниот превоз во Скопје
Сојузот на средношколците го поддржува и ќе учествува на денешниот протест посветен на решавање на проблемот со недостигот на јавен превоз во Скопје.
Протестот ќе почне во 14 часот пред старата пошта во Скопје по што учесниците ќе се упатат кон Град Скопје, каде што протестот ќе продолжи од 14.30 часот.
„Овој сериозен проблем особено ги засега средношколците правејќи го секојдневното патување до училиштата во градот сè потешко. Како млади луѓе, кои директно се засегнати, бараме итни и одржливи решенија за враќање на јавниот превоз и обезбедување еднаков пристап до образование за сите ученици“, велат од Сојузот на средношколците.
Се додава дека Сојузот останува посветен на застапување на правата и потребите на учениците и обезбедување дека гласовите ќе бидат слушнати за прашања што ги засегаат нашето образование и секојдневен живот.