Македонија
Герасимовски: Раниот социо-емоционален развој значи среќни и успешни ученици

Социо-емоционалниот развој во предучилишната возраст е клучен за понатамошниот развој на децата, во нивните гледишта, успеси, креативност и амбиции. Препознавајќи ја важноста од раното учење, Општина Центар преку Министерството за труд и социјална политика ја спроведува Програмата за социјална кохезија и културен дијалог во сите детските градинки во општината.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, учествуваа во денешната активност „Социо-емоционално учење-клуч за правилен раст и развој за деца од предучилишна возраст“ и заедно со дечињата вежбаа и садеа цвеќиња.
„Утрово, преку дружба со децата го разбудив детето во себе, нивната среќа е доволна причина да се грижам за нив и нивната иднина. Токму затоа во сите градинки во општина Центар спроведуваме проекти за социјалното созревање. Програмите се наменети за деца од двегодишна возраст и тие им помагаат на децата да се развијат во здрави социјално емоционални личности и индивидуи. Затоа е важно континуирано да се работи на зајакнување на воспитниот кадар во градинките и подигнување на квалитетот на предучилишното образование во целост. Менторската поддршка од страна на воспитувачите кон преостанатиот воспитен кадар има големо значење во целиот процес. Тоа им помага на преостанатите воспитувачи и негуватели во совладувањето на социо-емоционални стратегии со цел да ги задоволат специфичните развојни потреби на малите деца. Токму затоа е и оваа програма, која треба да го зголеми пристапот и подобри квалитетот на предучилишното образование во земјата“, изјави Герасимовски.
Програмата за социјална кохезија, која се спроведува во градинките, е поддржана во соработка со УНИЦЕФ и Амбасадата на Обединетото Кралство, кои овозможија поддршка за воспитувачите во предучилишните установи и социо-емоционалното учење.
Социо-емоционалните проекти се особено значајни за децата затоа што вклучуваат игри за рефлексии, социјални активности, каде што децата ги изразуваат чувствата, учат да ги поздравуваат повозрасните, но и когнитивните, кои го поттикнуваат размислувањето. Оваа активност Општина Центар и Министерството за труд и социјална политика ја спроведуваат како дел од кампањата „Гласна и храбра“, со цел зајакнување на менталното здравје кај децата. Ваквото интерактивно прикажување преку игра со децата е во насока на поттикнување на социјално емоционалните компетиции и раниот детски развој во насока да им се помогне на децата да станат зрели и успешни личности. Во рамки на посетата градоначалникот Герасимовски ја посети и сензорната соба, која е во склоп на матичниот објект на градинката „Кочо Рацин“ во Капиштец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од утре до петок посебен режим на сообраќај во Скопје

Во периодот од 09-11.04.2025 година (среда-петок) во официјална посета на Македонија ќе присуствува Уршка Клакочар Зупанчиќ, Претседател на државниот збор на Република Словенија.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на подрачјето на град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Зелен хуман град со најава за мирен протестен марш за труењето од рудникот Тораница

Зелен хуман град најавува мирен протестен марш во 12:30 ч. во сабота (12 април) што ќе започне пред Министерството за животна средина и просторно планирање поради, како што велат, алармантниот молк и неодговорното постапување на надлежните институции во врска со хаваријата и истекувањето на токсични материи од рудникот Тораница во Крива Река.
„По хаваријата, ЗХГ поднесе барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Центарот за јавно здравје Куманово и Општина Крива Паланка.
Наместо одговори, се соочивме со загрижувачки факти:
Дури два дена по нашето барање за информации, ДИЖС за првпат назначи овластено лице за слободен пристап до информации, што е директно кршење на Законот.
Објавеното Решение за надзорот спроведен од ДИЖС во рудникот Тораница е нецелосно, полно со недоследности и грешки и не наложува соодветни мерки или санкции пропорционални на хаваријата.
Клучни информации за инспекцискиот надзор, како на пример, земање примероци од акредитирана лабораторија (што е законска обврска), не се споменати во Решението.
ДИЖС блокира активистички групи и граѓани на социјалните мрежи (меѓу кои и ЗХГ) и оневозможи коментирање, покажувајќи отсуство на волја за дијалог со загрижената јавност“, соопштуваат од Зелен хуман град.
Истовремено додаваат дека Центарот за јавно здравје Куманово во завиена форма им одговорил дека ниту една институција не побарала од нив да извршат анализи на водата и почвата по хаваријата, но не им одговорил на барањето во целост.
„Деградирачки е, што воопшто објаснуваме зошто ова е комплетно недозволиво од некој што е платен од нас, граѓаните, да нè штити“.
Нагласуваат дека граѓаните имаат уставно загарантирано право на чиста животна средина, а институциите имаат обврска да го штитат тоа право и да обезбедат навремени и точни информации, да делуваат ажурно и професионално, особено кога постои ризик здравјето на граѓаните.
Бараат транспарентност и конкретни податоци за степенот на загадувањето, преземените мерки и одговорноста за инцидентот.
Бараат од ДИЖС, МЖСПП и Центарот за јавно здравје Куманово најдоцна до среда, 9 април 2025 година, јавно да ги објават и да им ги достават сите информации кои ги ги имаат побарано преку барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
„Не бараме информации што институциите веќе не ги поседуваат. Општина Крива Паланка веќе ни одговори што значи дека можеа и останатите институции да ни одговорат до денес. Затоа, доколку информациите не бидат објавени до наведениот рок или доколку одговорите се манипулирачки и нецелосни, организираме мирен протестен марш во сабота (12 април) во 12:30 ч. што ќе започне пред Министерството за животна средина и просторно планирање“, потенцираат од Зелен хуман град.
Македонија
Камбовски: Побаравме увид во пресудата за смртта на Теодора Ристовска

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, соопшти дека побарале увид во предметот за пресудата за возачот Менсур Пајазити кој смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска во Тетово, а кој доби 2 години затворска казна.
„Веднаш побаравме да видиме што се случува, предметот е побаран и треба да ни биде испратен. Ќе извршиме увид и доколку има пропусти ќе реагираме, доколку е сè во ред, ќе соопштиме“, рече тој.
Изрекувањето предизвика бурни реакции во јавноста, а премиерот Христијан Мицкоски го повика Судскиот совет да го разгледа работењето на судијата Елведин Ферати која ја изрече пресудата.
Теодора Ристовска беше смртно прегазена во август 2022 година. На првото судење во ноември 2023 година, по признавањето вина, Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелацискиот суд ја намали казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укина двете пресуди на Основниот и на Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.
Судијата Елведин Ферати претходно беше споменуван во јавноста како лице за кое се води предистрага дека си ги поправал оценките со пречкртување на тетовскиот универзитет. Државниот просветен инспекторат лани утврди дека три оценки во неговото досие биле променети со пречкртување. Предметот бил затворен откога јавниот обвинител ги добил документите, кои потврдуваат дека Ферати ги преполагал овие предмети и затоа претходните оценки биле пречкртани.