Македонија
(Видео) Ковачевски: САЕ „Тигар“ е на врвот на приоритетите во однос на развој и унапредување на безбедносните служби

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше на свеченост по повод денот на формирањето на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Во чест на 13 март премиерот изрази благодарност до специјалците „тигри“ за нивната пожртвуваност и исклучителен придонес за безбедноста на Република Северна Македонија и на сите граѓани.
„Живееме во време полно со безбедносни предизвици и тие не се разликуваат од оние со кои се соочуваат полициите во регионот, во Европа, полициите на нашите партнерски земји од НАТО. Веќе втора година светот се соочува со појава на негативни безбедносни сценарија. Водечка е отворената агресија на европска почва и кризите што произлегуваат од неа, наша обврска како земја членка на НАТО е навремено да се приспособиме на ваквите случувања.
Во последните пет години Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ е на врвот на приоритетните планови и концепти во однос на развојот и унапредувањето на полициската безбедносна служба. Она со што се гордееме е дека САЕ „Тигар“ со својата врвна стручност и професионално извршување на задачите не се разликува од европските полиции, тоа досега во повеќе наврати го имаат докажано и покажано за време на врвните обуки во земјата и странство“, истакна Ковачевски.
Тој додаде дека Владата во континуитет ќе продолжи да вложува во единицата бидејќи, како што истакна, задача на Владата е да обезбедува услови за безбедна работа на специјалците.
„Кога станува збор за вашата заштита и безбедност, не штедиме, вам не треба ништо да ви недостига. Сè што придонесува за ваша побрза и поефикасна работа како и досега, ќе се обезбедува бидејќи за вашите резултати и постигнување на високо ниво на безбедност наша задача како Влада е да ви ги обезбедиме најдобрите услови за работа.
Во насока на континуирано мотивирање на припадниците на специјалните единици, неколкукратно беа зголемени платите. Континуирано од 2017 година се исплаќаат бонус плати за остварени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво. За припадниците на Одделот за специјални полициски операции се исплаќаат патни трошоци за оние што живеат надвор од градот Скопје, како и исплата на дневници за службени патувања.
Во септември 2022 година беше зголемена платата 5 % за сите вработени во МВР. Во февруари годинава почна прибирањето податоци за вработени што оствариле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво, за бонус плата за 2022 година, во поединечен износ од приближно 500 евра, што претставува зголемување на износот од безмалку 40 % во споредбба со бонус платата од 2017 година, благодарение на континуираното зголемување на минималната плата во државата“, рече премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Време е да се стави крај на злоупотребите на безбедносно-разузнавачките служби

Во интервју за Дојче Веле, премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во однос со скандалот со прислушкувањето од страна на АНБ и АР, истакна дека станува збор за случај кој одблизу се следи, а воедно и дека организираното следење било спроведувано за лични и политички цели, истакнувајќи дека доказните материјали за целиот случај се предадени на обвинителството.
„Се согласувам дека процентот на доверба во правен исход, особено кога случајот е доведен пред портите на обвинителството, е многу низок. Но, во исто време, ова е случај што ние одблиску ќе го следиме. Институциите работеа во изминатиот период и тие индиции и доказни материјали се предадени во обвинителството. Организирањето следење не било само од АНБ, туку и од АР. И двете биле користени за лични и политички цели. Кој бил интересот на државата да следи новинари, медиуми или моите деца? Тоа кажува дека системот во рацете на тие луѓе забегал“, рече Мицкоски.
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, укажа на потреба од расветлување на целиот случај и ставање на крај на ваквите масовни злоупотреби, кои влијаат штетно врз целата држава и ги нарушуваат демократските вредности на кои се заснова системот.
„Затоа уште повеќе инсистирам овој случај да биде разрешен, затоа што има тренд, неславна традиција на злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби овие три децении. Индикативно е што тоа се горе-долу истите луѓе кои ги одработуваат ваквите масовни злоупотреби, со што го разнебитуваат системот и нанесуваат штета не само на индивидуи и нивните семејства, туку и на целата држава, уривајќи ги демократските темели врз кои треба да почива системот. Време е да се стави крај и да се испрати порака дека тие не се посилни од државата, истакна Мицкоски.
Македонија
Муцунски во Стразбур: Денес Северна Македонија е препознатлив и ценет актер на меѓународната сцена

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Стразбур присуствуваше и се обрати на свечен настан по повод одбележувањето на Денот на независноста: 34 години од македонската независност и 30 години членство на Република Северна Македонија во Советот на Европа.
Во своето обраќање, Муцунски потсети на значењето на 8 септември 1991 година, кога македонските граѓани „во еден глас се изјаснија на референдумот, определувајќи се за независна и суверена држава – кулминација на вековните стремежи на македонскиот народ за самоопределување и достоинствен живот во сопствената татковина.“
Тој истакна дека денес Северна Македонија е препознатлив и ценет актер на меѓународната сцена.
„Како членка на Обединетите Нации, Советот на Европа и горда членка на НАТО, активно придонесуваме за глобалниот мир и безбедност. Продолжуваме со борбата против организираниот криминал, трговијата со луѓе и шверцот на дрога – области во кои нашиот придонес е препознаен и ценет од меѓународните партнери,“ нагласи Муцунски.
Посебно беше потенцирана улогата на Советот на Европа.
„Во 2025 година ја одбележуваме 30-годишнината од нашето пристапување во Советот на Европа – организација која беше и останува витален партнер во поддршката на нашиот демократски развој, напредокот на правните реформи и зајакнувањето на институциите. Горди сме на длабоката, динамична и продуктивна соработка која зборува за сеопфатните и стратешки важни односи,“ додаде тој.
Муцунски говореше и за европската перспектива и придонесот кон европската стабилност.
„Нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија продолжува со решителност и надеж. Подготвени сме да придонесеме, како рамноправни, за стабилноста, просперитетот и споделените вредности на Унијата. Ние не сме само млада европска демократија – ние сме народ со богата историја, силен дух и јасна визија за иднината,“ потенцираше тој.
Македонија
Алиу: Се формира Здравствениот совет, здравствените политики ќе добијат стручна и научна поддршка

Денеска во Министерството за здравство се одржа првата конститутивна седница на Здравствениот совет, на која присуствуваше и министерот за здравство, Азир Алиу.
Здравствениот совет, како советодавно тело на министерот за здравство согласно Законот за здравствена заштита е составен од девет члена – еминентни професори, доктори на науки во различни специјалности, од кои дел се и меѓународно признаени експерти со импресивни биографии и стручни трудови.
– Целта е Здравствениот совет тековно и континуирано да ги анализира прашања од областа на здравството, да даде стручен придонес при подготовката на предлог-закони и подзаконски акти, како и стручни мислења и предлози во различни области од делокругот на работа на Министерството. Денешната дискусија беше иницијална, за повеќе различни аспекти кои во следниот период советот подетално ќе ги анализира. Уверен сум дека ќе имаме успешна и плодна соработка, порача Алиу.
Инаку, членови на Здравствениот совет се: проф.д-р Сашко Кедев, проф.д-р Марија Срцева, проф.д-р Азис Положани, проф.д-р Виктор Камнар, проф.д-р Светозар Антовиќ, проф.д-р Игор Кафтанџиев, прим.ас.д-р спец. Фадил Цана, спец.д-р Злате Мехмедовиќ, и доц.д-р Илир Вела. За претседател на Здравствениот совет е избрана проф.д-р Марија Срцева.