Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата си поигрува со болните, божем нема пари за лекови, а прокоцка речиси 40 милиони евра
Македонија, а и здравството, го водат луѓе без план за граѓаните. Здравството го водат луѓе што имаат план само за лични интереси. Секоја постапка се случува или не во зависност од тоа дали имаат интерес, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова резултира со негрижа за граѓаните, за пациентите. Требаше да почине пациент со цистична фиброза за да се освестат. Надлежните заплеткани во лаги набавија лек само за осум пациенти. Сите други со оваа болест се изиграни. Станува збор за 120 пациенти, на кои исто им треба лекот ‘трикафта’, но за нив нема. Не ѝ биле во план на криминалната екипа на Димитар Ковачевски. Овие ликови на Ковачевски си тераат само пиар.
Не дека нема пари, туку не ги интересираат граѓаните. Колку за илустрација, Владата загуби 18 милиони евра од пропаднатата еврообврзница, Владата треба да плати отштета околу 20 милиони евра за прекин на договорот за изградба на нов клинички центар.
Само по овие два основи, односно поради неодговорната власт, пропаѓаат речиси 40 милиони евра!
Граѓаните плаќаат висока цена за нивната неодговорност. На граѓаните им требаат одговорни политичари. Политичари што ќе се грижат за нивното здравје. Затоа оваа криминална екипа на Ковачевски мора да замине!“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

