Економија
Битиќи: Германските компании се охрабрени да инвестираат во нашата земја
Германија е важен економски партнер на Северна Македонија и нејзин главен извозен пазар и реалните очекувања се дека со почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ интензитетот на севкупната економска билатерална соработка ќе се зголеми.
Ова е главната констатација од состанокот на заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, со бизнис-делегацијата на Источниот комитет на германското стопанство, која ја придружуваше в.д. амбасадорот Ото Граф.
Во изјавата за медиумите по состанокот, Битиќи укажа дека Германија е важен економски партнер и наш главен извозен пазар, но од друга страна, пак, повеќе од 200 компании со германски капитал работат во Северна Македонија, кои вработуваат околу 20.000 луѓе.
„Показател за добрата соработка е реинвестирањето на германските компании во нашата земја, оние што се веќе тука остануваат и го зголемуваат и своето производство и бројот на вработени. И истите тие ги шират добриот збор за нашата земја и добрите инвестициски услови на други компании, кои ја избираат нашата земја за свој инвестициски партнер“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот додаде дека една четвртина од нашата вкупна трговска размена со светот отпаѓа на Германија со значителен суфицит, што значи дека повеќе извезуваме кон отколку што увезуваме од и дека ЕУ-интеграциите уште повеќе ќе ја зголемат оваа економска соработка.
„Реално е да се очекува дека со почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ интензитетот на севкупната економска билатерална соработка ќе се зголеми и за тоа сме подготвени нудејќи поволна, предвидлива и отворена за соработка и бизнис-клима“, порача Битиќи и додаде дека нашата земја нуди одлична поддршка за компаниите што инвестираат во нашата земја и дека само портфолиото од неговиот кабинет е составено од над 600 компании, кои ги поддржуваме во инвестиции за зголемување на нивната конкурентност, нови производни линии, зголемен број на вработени и инвестиции во истражување и развој.
„Овој процес значително се подобри откако во 2020 година кабинетот со кој раководам стана one stop shop за инвеститорите, што го потврдија и компаниите со кои денеска се сретнавме“, рече Битиќи.
Граф истакна дека двете земји имаат интензивна соработка и во моментот тежиште е во автомобилската индустрија, но имаме одлична соработка и во сферата на здравството, при што нашиот стремеж е оваа соработка да продолжи и во другите области.
„Не само бројките туку и параметрите на нашата соработка се одлични. За сите германски фирми, кои се овде, Северна Македонија е извонредно место за производство, но исто така и менталитетот е доста сличен што ја прави соработката многу успешна и се одвива со задоволство, така што ни преостанува да ги подобриме уште повеќе односите помеѓу Германија и Северна Македонија“, изјави Граф.
Инаку, германската делегација на состанокот беше составена од компании од разни области, енергетскиот сектор, здравствениот, банкарскиот и хемискиот сектор, консултански фирми, но и од областа на образованието и воздухопловството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТАВ Аеродроми: 2025 година се заокружи со 3,5 милиони патници што е 9 отсто зголемување
Во 2025 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужија 3,5 милиони патници и 26.500 летови.
Двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид минатата година опслужија 3,5 (3.475.288) патници што е зголемување од 9% во однос на 2024 година.
Во 2025 година двата аеродроми опслужија 26.500 летови, што е за 4% повеќе во однос на истиот временски период, од јануари до декември, 2024 година.
„Успехот што го постигнавме во 2025 година не е случаен. Тој е резултат на јасна стратешка насока, фокусирани инвестиции и силни партнерства. Зголемувањето од 9% на бројот на патници и 4% пораст на летовите на двата македонски аеродроми е директна потврда дека вложувањата во модернизација на инфраструктурата, унапредување на оперативната ефикасност и проширување на мрежата на авиолинии даваат конкретни и мерливи резултати. Дополнително, новите дестинации, континуираната соработка со авиокомпаниите, зголемената побарувачка за патувања и посветеноста на нашите вработени овозможија стабилен и одржлив раст. Овие резултати ја зацврстуваат позицијата на македонските аеродроми како сигурни и конкурентни регионални воздухопловни центри и ни даваат силна основа за уште поамбициозен развој во наредниот период,“ вели Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Само во декември 2025, статистиката на ТАВ Македонија покажува двоцифрено зголемување на процентите на опслужени патници на двата аеродроми од дури 25% во споредба со декември 2024, една година претходно, или преточено во бројки, 294.781 патници.
Во последниот месец од минатата година пак, реализирани се 2,019 летови што е за 7% повеќе од декември во 2024 година.
Стабилен пораст покажува и дневниот пресек на патници во 2025. Скопскиот аеродром дневно во просек опслужуваше 8.786 патници што е за 9% повеќе од 2024 година, а преку
охридскиот, дневно патувале 767 патници што е за 16,3% повеќе споредено со минатата година.
Одделните анализи за двата аеродроми за периодот од јанури до декември покажуваат дека преку Меѓународниот Аеродром Скопје патувале 3.211.419 што е за 8,7% повеќе споредено со истиот период во 2024 година, а додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 20% со услужени 263.869 патници.
Истанбул, во сите 12 месеци од 2025 беше најфреквентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје до двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 16,6% пазарен удел. Потоа следуваат Базел Милуз (6,2%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,5%) и Минхен – Меминген (4,2%).
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (25,4% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (23,6%), Швајцарија (10,8%), Италија (5,5%) и Шведска (4,3%).
Од Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов летаат вкупно 15 авиокомпании кон 49 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид три авиокомпании летаат до 7 дестинации.
Според најавите на авиокомпаниите, од март годинава, мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома ќе се зголеми, со отворањето на нови авиолинии и нови дестинации. Виз ер ќе почне да лета од Скопје до Неапол и ќе ја врати авиолинијата од македонскиот главен град до Будимпешта, додека од Охрид ќе почне да лета до Милано. Во мај, Аустриан ерлајнс ќе почне да лета од Охрид до Виена, а во јуни охридскиот аеродром ќе ги врати полските туристи во Охрид со отворањето на новата авиолинија од Вроцлав и враќањето на летовите од Катовице.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.

